Четврти камп на граѓанска иницијатива „5 до 12“. Рано утринава тие почнаа со поставување шатори пред Собранието, односно во паркот „Жена-борец“
Во изминатиов период беа остварени средби во Собранието и работни состаноци со ресорните министерства, но, како што посочуваат од иницијативата, освен поддршката изразена со зборови на работните состаноци, сè уште нема конкретни резултати. Лицата со посебни потреби бараат да бидат приоритет во програмата на Владата и во работата на Собранието, да бидат приоритет при креирањето на буџетот на Република Македонија и буџетите на општините, граѓанскиот сектор да биде вклучен во креирањето на политиките кои се однесуваат на овие лица, во изнаоѓањето решенија за подобрување на нивниот живот и во имплементацијата и супервизијата на проектите.
– Кампуваме веќе четврти пат, тоа значи четири месеци – 60 дена во претходната власт, 60 дена во оваа власт. Немаме ништо конкретно. Имавме работни средби, договори со сите министри, меѓутоа ништо конкретно не се случува. Има позитивна клима, се договораат некои работи, но ние немаме време за чекање. Сакаме нешто конкретно. Бараме состаноци, средби со најодговорните односно со премиерот. Го повикувам да најде време 10 минити разговор да му објасниме што сакаме, рече Сузана Стојановска.
-Решивме дека веќе нема да одиме по институциите и да ги молиме, сите знаат што е тоа што го бараме, сè е доставено. Не ги дадовме барањата за да бидат во фиока, треба да бидат во Собрание, да се решава за нив, ако не го слушнат нашиот глас ќе блокираме и улици – вели за „Република“ мајка на едно од децата со пореченост.
Родителите велат и дека биле разочарани што не се нашле во планот „3 – 6 – 9“, сметаат дека како посебна категорија на граѓани новата влада требало да ги има предвид со реформскиот план во делот за буџетот, бидејќи проблемите со кои се сочуваат треба да добијат брзо решение.
– Ние живееме за нашите деца и нивната иднина, во барањата што ги имаме доставено до сите институции постојат и закони што можат да се донесат без да се засега во буџетот на државата, а за нас да значат многу. Замоливме бидејќи се ближи почетокот на учебната година, нешто од ветеното да се реализира барем до септември, резултати нема. Дознавме дека се планираат годишни одмори во Собранието, тие со работа почнаа во мај, па кој оди на годишен одмор по толку кратко време на работа? Тука е и проблемот со месечниот надомест за кој ни беше ветено дека ќе има измени, место тоа ние за нашите деца сè уште добиваме по 4.300 денари – објаснува за „Република“ родител на детенце заболено од церебрална парализа.
Советот на иницијативата како приоритетни издвоил неколку барања кои се доставени до институциите и тоа барањето да се избрише границата од 26 години од законите за труд и социјална политика и од законот за здравство, самохраните родители да се изедначат со згрижувачките семејства, да се формира народен правобранител за лица со посебни потреби…
–Тука сме да ги потврдиме нашите досегашните ставови, тука сме и ќе останеме во фокусот на јавноста да не видат луѓето спроти нас, во Собранието, и да ги постават нашите барања како приоритет. Ја повикуваме македонската јавност, ги повикуваме родителите и лицата со посебни потреби, во наредниве три дена да ни се придружат, секој граѓанин може своеволно и доброволно да ја даде поддршката на граѓанската инцијатива „Пед до дванаест“ во покренување на локални и национални иницијативи во Собранието, со потпишување изјава за поддршка. Со сто изјави може да се иницира менување на еден закон. Треба да промениме многу закони, порачуваат од „Пет до дванаесет“ и истакнуваат дека нивното кампување пред Собранието во паркот „Жена Борец“ ќе продолжи и во иднина како потестување за нивните барања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.