Рокерот Симеон Иванов – Канго отсега е обичен рокер. Првата асоцијација – бушавата фризура, повеќе ја нема. Шеесет и шестгодишниот рокер пред неколку дена се појави на еден културен настан во сосема ново издание. Наместо нескротливата коса, со којашто јавноста е свикната да го гледа со децении, откако е присутен на сцената, Канго ја покажа голата глава без ниту едно влакно.
Од фризурата на Канго не остана ни Ф. Како легенда ќе се прераскажува зошто постарите велат дека бушавковците имаат канго-фризура.
Канго беше горд на бујната коса, а пред неколку години на Сашко Коцев му го пткри лекот против ќелавост.
-Сите се чудат за квалитетот на мојата коса и бујноста, и за тоа што имам само неколку бели влакна во седмата деценија. Затоа, за сите што имаат проблеми со косата, ќе ја откријам тајната за бујност. Всушност, се работи за доста едноставна работа, јас воопшто не користам препарати за зајакнување на влакното или пак против опаѓање. Сѐ што користам е сосема природно и мислам дека тука лежи решението, бидејќи колку повеќе препарати користиш, толку повеќе го уништуваш влакното. Не фрлајте пари за скапи козметики, туку користете само вода и сапун.
Симеон Иванов е роден во Кочани на 2 Ноември 1951 година, каде што го завршил основното и средното образование и каде и денес живее. Дипломирал на правниот факултет во Скопје. Со рокенрол музиката се занимава од раната младост, а во 2005 година го прослави 40-годишниот јублиеј од својата музичка кариера со концерт во Домот на АРМ во Скопје. Во неговата долга музичка кариера, свирел заедно со скоро сите музичари од неговиот град и пошироката околина. Канго е и гитарист, текстописец, аранжер, композитор и продуцент на неговиот истоимен бенд, кој опфаќа гитара/вокал, бас гитара и тапани.
Над 20 години, Канго е и сопственик на училиште за рокенрол музика каде го предава своето искуство на помладите генерации. Автор е на 4 збирки поезија: „Воскреснување“ (1988), „Вознесување“ (1989), „Вдахновение“ (1990) и поемата „Распетие“ (1997). Има издадено 6 музички албуми: „Воскреснување“ (1991), „Вознесување“ (1994), „Реинкарнација“ (1995) албум со преработки на песни на легендарниот гитарист Џими Хендрикс во изведба на Канго, „Вдахновение“ (1996), „Проповеди“ (1997), „Проповеди“ (1998) кој е компилација од најдобрите песни на Канго по повод 35-годишнината од неговата кариера. Кон крајот на 2007 година излезе седмиот албум наречен „Откровение“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.