| четврток, 6 декември 2018 |

Чави Ернандез: Само сум искрен, Барса е во длабок сон

Чави Ернандез пред извесно време отвори голема дебата со интервјуто кое го даде за каталонскиот весник „Спорт“, од едноставна причина што излезе со доста дискутабилна изјава околу враќањето на фудбалери кои веќе еднаш го напуштиле „Камп Ноу“.

Поранешниот капитен на Барселона потенцираше дека никогаш не би купил играч кој веќе еднаш си заминал од редовите на каталонскиот гигант, нешто со што не се согласи Карлес Пујол кој доста брзо и со голема почит му реплицираше на својот колега.

Интересно, неколку дена по ваквата изјава, Чави си осигура ново место на насловните страни во Шпанија, и тоа поради последното интервју за „Тактикал рум“ во кое отворено говори за подемот на Реал Мадрид, односно падот на Барселона.

– Генерално гледано, Барселона заспа на сите полиња. Почна да се верува дека бродот сам ќе плови. Мора посебно да се потенцира младинската школа и да се обрне посебно внимание. Моделот мора да биде школата. Младите фудбалери треба да ги научат сите методи и кога ќе дојдат во првиот тим да ги познаваат концептите на игра на Барселона. Тоа мора да се врати – истакнал Чави кој во продолжение на големо ги пофалил трансфер потезите на „кралевите“.

– Реал Мадрид купува многу добро во последно време. Во овој момент доминира во речиси сите сегменти. Контранапади, позиционен напад, прекин игра, имаат силни играчи, брзи. Микс на многу добри играчи. Што се однесува до Зидан, сите играчи веруваат во она што ќе го каже човек како него – искрено посочил легендарниот капитен на Барса.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top