| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија под нозе ја стави големата Русија!

Нашата младинска ракометна репрезентација со победа ги стартуваше настапите на Светското првенство во Алжир. Избраниците на Темелковски одиграа квалитетни 60 минути, одбраната беше гранитна во клучните моменти, додека нападот предводен од капитенот Талески беше смирен и прецизен, за на крај да слават премиерна победа од 29-22 (10-11) над соодветната селекција на Русија.

Мечот започна брза и атрактивна игра од страна на две репрезентации, нападите беа кратки, но ефективни па тоа резултираше со многу голови. Резултатот го отвори ракометарот на Металург, Филип Кузмановси, русите веднаш возвратија. Се играше гол за гол сè од 10. минута кога со головите на Талески и Јагуриноски Македонија дојде до позитива од +2 (6-4). Сепак, противникот бргу се врати во игра и израмни на 6-6.

Јагуриноски и Кузмановски со своите втори гола повторно донесоа +2 за нашата репрезентација, но следуваше мал пад на играта на избраниците на Темелковски и Русите со серија од 3-0 за првпат стигнаа до водство на овој меч (9-8). Во последната третина од првиот период играта на двете селекции спласна, грешките беа сè почести, па за нов погодок се чекаше цели четири минути. Палевски со својот прв гол го врати нашето водство (10-9), но противникот постигна два брзи гола и на полувреме се замина со предност од еден гол за Русија (11-10).

Вториот период нашите момци го започнаа во грч, Талески и Кузмановски не реализираа два напади, а Русите преку брзи контри стигнаа до највисоката предност од +3 (13-10). Арсеноски го скрши мразот и по три минути игра во вториот дел го постигна првиот гол за Македонија за намалување на резултатот од 11-13. Кога беше најпотребно Мартин Томовски стапи на сцена и со неколку одлични одбрани ја подигна атмосферата во нашиот состав, која беше крунисана со серија на голови од страна на Талески и Македонија повторно го врати водството (20-18).

На 10 минути до крајот во поле имавме двајца играчи помалку, но тоа не го искористија Русите, кои едноставно не можеа да го надмудрат одличниот Томовски, кој ја водеше нашата селекција до првата историска победа на еден младински Мундијал. До крајот на мечот нашето водство се зголемуваше за по 60 минути игра на семафорот да стои 29-22 за Македонија.

Утре во Групата Ц е слободен ден, а следниот натпревар Македонија ќе го игра во четврток (21 ч.) против Буркина Фасо.

Во другите натпревари од 1.коло во Групата Ц, Шпанија славеше против Бразил со 29-21, а Тунис ја декласира селекцијата на Буркина Фасо со 50-17.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top