| четврток, 6 декември 2018 |

Ако ФИАТ замине од Србија, 10.000 луѓе ќе загубат работа

Ако наскоро не се најде решение во врска со штрајкот на работниците во „ФИАТ“ во Крагуевац, кој трае веќе три недели, сите ќе загубат: дури 10.000 луѓе ќе останат без работа, а годишниот минус ќе биде околу 30 милиони евра.

На кризата во една од највлијателните компании во Србија не и се гледа крајот, што би можело да има далекусежни последици, како за работниците, така и за целата економија. Имено, според претседателот на стопанската комора на Србија марко Чадеж, компанијата учествува во извозот на земјата со осум проценти.

-Само во регионот на Шумадија и Поморавие „ФИАТ“ учествува со над 57 насто. Во фабриката има 2.000 вработени, а со кооперантските компании, транспортот и логистиката се доаѓа до 10.000 работници. Доколку штрајкот продолжи, транспортно- логистичките загуби на годишно ниво би изнесувале меѓу 22 и 36 милиони евра- нагласува тој.

Случувањата во Крагуевац влијаат и на имиџот на Србија кај инвеститорите

-Знаеме дека сега една германска компанија бара место во ЈИЕвропа за производство на автомобили. Србија сигурно нема да биде високо на листата заради случувањата- вели Чадеж кој додава дека најлошо сценарио би било „ФИАТ“ да замине од Крагуевац.

Таа опција ја најави и економскиот советник во српската влада Владимир Круљ, наведувајќи дека компанијата би можела да се пресели во Полска.

-Би било добро дијалогот на претставниците на работниците со менаџерите на компанијата што е можно побрзо да се обнови. Прашање е кој всушност добива со прекинот на преговорите. Се знае кој губи, а тоа се работниците, градот и цела Србија- нагласува советникот.

Доколку „ФИАТ“ ја напушти Србија работниците на оваа фабрика во Крагуевац би можеле да преживеат слично искуство кое го имаа работниците во Железарницата во Смедерево со заминувањето на американската компанија. Претседателот на самостојниот синдикат на Железарницата Смедерево, Синиша Прелиќ, посочува дека тоа бил многу тежок период за сите вработени.

-Тоа беше алармантна ситуација бидејќи никој не знаеше што ќе биде, а многу е тешко да се најде нов инвеститор. За среќа владата се заложи за нас. На сличен начин сега се однесува кон „ФИАТ“ и затоа препорачувам до работниците да седнат на маса. Штрајкот е законски, но не може вечно да трае- нагласува Прелиќ.

Од штрајкувачкиот одбор тврдат дека менаџментот повеќе пати го повикувале на договор, почитувајќи го законот и колективниот договор. Според информации од српската влада, се пренесува дека на работниците им е гарантирано дека ќе се инсистира на решение за сите нивни барања.

-Ќе биде направена анализа на производствениот процес и сите работни одделенија за да, ако е потртебно, да се олесни производствениот процес за работниците. Во соработка со градот Крагуевац ќе се реши превозот на работниците во вечерните часови. Ќе се инсистира и на воведување бонус за ефикасност од годинава, кој би се исплаќал во февруари секоја година, како и за додатно зголемување на платата. Тоа е минимум кој што владата може сега да го исполни, но сега не може да гарантира за процентот за зголемување- посочува неименуван владин извор.

Рок за преговори- 72 часа

Од српската влада велат ако претставниците на работниците во „ФИАТ“ не седант на преговори во следните 72 часа, менаџментот на италијанската компанија ќе тргне во потрага на стратегија за излез од Србија.

-Синдикатите со вакво однесување буквално го туркаат „ФИАТ“ кон излез од Србија. Во моментов работиме на 53 нови проекти во вредност од 1,3 милијарди евра, како ќе не гледаат и како да ги убедиме дека треба да дојдат токму кај нас? Работниците на „ФИАТ“ не се одговорни само за себе, нивните одлуки директно влијаат на 15 клучни кооперанти и други фирми кои се занимаваат со услужни дејности кои зависат од работењето со „ФИАТ“- нагласуваат од владата на Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top