| четврток, 6 декември 2018 |

Екпсерт открива: Дали канабисот лекува?

Дали канабис лекува канцер, смеат ли да го употребуваат деца, кој од препаратите е најефикасен и за што сѐ и како можеме да го употребуваме… Одговор на дел од овие прашања побаравме во разговорот со еден од пионерите во областа на истражувањето на медицинскиот канабис во светот, кој минатиот месец го посети Скопје, патологот д-р Пол Хорнби – медицински истражувач од Ванкувер, Канада.

Канадскиот патологот, д-р Пол Хорнби, е доктор по медицински науки во областа на човековата патологија, експерт за анестетици и биохемија, но и еден од засега ретките медицински професионалци, кој, освен што ги истражува медицинските својства на канабисот и канабиноидите, јавно зборува за својата убеденост во медицинските својства на билката и нејзините производи.

Од каде вашата доверба во канабисот?

Mоето искуство со канабисот започна со девојчето Хејли. Мајка ѝ ја донесе во дневната клиника за канабис, во чија лабораторија работев, за да пробаме да дејствуваме на епилепсијата. Првиот пат кога имаше најмалку по 10 големи епилептични напади дневно. Иако дотогаш имаше малку показатели низ научната литература дека канабисот може да помогне кај лица со епилепсија, одлучија да ја донесат кај мене, бидејќи јас бев првиот човек што има стандардизирано канабис-екстракт и дозирање, затоа многумина ме нарекуваат татко на CBD. Со стандардизиран состав во секоја доза успеавме да ги намалиме активностите на мозокот што водат до напад. Тукутака, прекуноќ, престанаа нападите. Поминати се 10 години и таа сѐ уште го користи екстрактот, со тоа што низ годините ги нагодувавме дозите, особено кога влезе во пубертет. Наградата што ја добив за моето работење со канабис беше кога бев поканет да ја носам Хејли на нејзината матура.

Според вашето досегашно искуство, кај кои состојби состојката CBD се покажа како најефективна?

Има многу позитивни ефекти на CBD. Едно од тие е анксиолитичкото, неседативно смирувачко дејство. CBD има способност да ги намали симптомите на стрес и вознемиреност, особено оние од секојдневниот стрес со кои се соочува секој човек. Брзото темпо на живот и обврските прават стресот да стане секојдневие кај многумина од нас. CBD е средство што го намалува стресот и ги намалува и штетите што ги тој ги предизвикува. CBD може да биде ефективно кај повеќето ако не и кај сите ментални болести, бидејќи различни ментални проблеми можат да имаат исти или слични симптоми. Ментални проблеми каде што дејствува канабисот се депресија, опсесивно-компулсивно однесување, манијакално и психотично однесување, биполарно растројство, параноја, стравови. Без да навлегувам премногу во наука, ќе спомнам само дека CBD ги става во рамнотежа многуте рецептори во мозокот што влијаат на расположението и однесувањето. Дури и човек што страда од хронична болка е постојано вознемирен и под стрес од симптомите што ги има. Она што го забележав во моите долги години работа е и дека кога луѓето ќе почнат со употреба на CBD, го намалуваат користењето алкохол. CBD може да ги намали потребите и желбата за алкохол и е одлично средство за справување со зависности. Во клиниката каде што работев, CBD користеа лица за одвикнување од јаки опијати, хероин и метадон.

Додека работев во дневната клиника за канабис, можев да забележам и дека голем број луѓе користат CBD за третирање различни видови хронична болка, особено инфламаторна болка. Како лично искуство ќе споделам кога лани, при пад во Шпанија, ги скршив коските на две места, на лактот и на колкот. Наместо да користам стандардни аналгетици, одлучив да користам единствено висока концентрација на CBD. Ми помогна во справувањето со болката, заздравувањето на коските, како и полесно да размислувам и да се концентрирам.

Иако за канцер е општо познато дека е подобро да се користат препарати со повеќе THC, сепак CBD има огромна вредност и кај овие пациенти, особено во палијативната нега. Со подобрување на апетитот и расположението, намалување на болката и нервозата, спречување на гадење и повраќање доколку користат радио или хемотерапија, значително се подобруваат квалитетот на живот и општата здравствена состојба. CBD е одлично средство како додаток на стандардната терапија. Студиите покажаа дека и CBD може да влијае на канцер и да направи уништување на туморните клетки, покажувајќи се како особено ефективно против метастази и стеснување на крвните садови од кои канцерот се храни.

Колку е безбедно CBD за употреба? Дали предизвикува седација?

CBD претставува една од најбезбедните супстанции за употреба, не предизвикува седација и може да се користи безбедно во текот на целиот ден.

Дали пациентите треба да стравуваат дека CBD може да предизвика зависност?

Никако! CBD не предизвикува зависност. Екстрактите може да се користат во големи дози подолго време и да се прекине без постепено намалување на дозите. Секако, доколку лицето страдало од хронична болка од физичка природа или, пак, од епилептични напади и по прекин на користење симптомите се вратиле, тоа не значи дека CBD предизвикува зависност, туку дека има состојби каде што треба да се користи постојано за лицата да живеат квалитетен живот.

Дали екстрактите со CBD може да се користат паралелно со стандардната медикаментозна терапија и дали се познати некои посериозни интеракции?

Не само што може туку CBD треба да се користи паралелно со лекови, односно со стандардната медицинска терапија. CBD помага за подобро дејствување на кој било лек, со самото тоа што учествува во сите метаболички процеси и во функционирањето на клетките и цели физиолошки системи во организмот. CBD ќе помогне и во намалувањето на несаканите ефекти што многу од овие препарати ги предизвикуваат.

Кому би му го препорачале CBD?

Секому. Зар постои личност што во денешно време нема да почувствува бенефиција од користење CBD? Дури и луѓето што не се погодени од болест и оние што успеваат некако да се справат со стресот и вознемиреноста, треба да користат CBD за превенирање болести. Канабиноидите се регулатори на регулаторите во организмот и буквално учествуваат во сите процеси во човековото тело. Со редовен внес на канабиноиди, организмот ќе функционира подобро и ќе го зајакнете имуниот систем, ќе ги подобри сите метаболички процеси во организмот и ќе бидете заштитени од многу болести. CBD е многу моќен антиоксидант и невропротектант, ги штити луѓето од болестите на мозокот и од стареењето. Во западните земји, CBD станува дел од стандардната терапија кај болни, но и кај здрави лица во поодмината возраст.

Убавинаиздравје.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top