| четврток, 6 декември 2018 |

Заев расчистува со македонизмот

„Манџурискиот кандидат“ поставен на власт во Македонија не смее да потклекне во спроведувањето на туѓите интереси. Оттука, јасен е молкот за политичкиот прогон на противниците, било тоа да е јавен, како во случајот со СЈО против ВМРО-ДПМНЕ, или притаен, како нападот врз медиумите кои не им се дел од најновата владина „фабрика“. И така ќе биде сѐ додека трае разнебитувањето на македонските национални интереси. Оној кој управува со теледиригираната „Илинденска“, заборавил дека македонскиот народ е најопасен - кога молчи

Актуелната ситуација на Македонија најмногу потсетува на договорена венчавка во странство, популарно наречена „за пасош“. Церемонијата трае 3 минути, на само, со двајца платени сведоци. А потоа секој по своја патека, кој со посакуваниот документ, кој со парите за потписот. Токму тоа го организира кумовата тајфа на венчавката на Заев со Борисов за европски документ. Сѐ што турка Заев на мускули, на сила, со Бугарија, против сите, па и на оние на кои им обезбеди „живот“ со 30.000 владина плата, безмалку е свадба за пари. Лековерните сами си го убедуваат црвот на сомнежот дека договорот нема да е штетен или пак во најмала рака Заев ќе се извлече со договор (венчаница) за некакви европски формулари, а потоа ништо не е важно.

Но, политичкиот креатор на бугарската политика на уцена, евроинтеграции за Скопје само преку добрососедство без македонска историја, јазик и нација, како директна возвратна почит кон грчката поддршка за Софија, Ивајло Калфин, стави точка на слепата верба. Тој јасно најави „лов“ на Заевата глава ако не се постигне договор. Дециден дека „тоа не е возможно“, Калфин сѐ повеќе го докажува сценариото со „Манџурскиот кандидат“ поставен на власт во Македонија, по долгогодишно распоредување за чистка на сѐ што значи одбрана на македонските национални интереси. Политичко-шпионскиот трилер од времето на американскиот макартизам сѐ повеќе се оцртува во Македонија. Теренот се подготвува за исполнување на туѓи интереси; теледиригираниот кандидат на власт мора да испорача тоа што му е всадено в глава; а индоктрираните вгнездени во најновата владина „фабрика“ само ја надополнуваат хистеријата во ловот не само против политичките опоненти, туку и против јавноста која ќе постави прашање за штетноста од договорот. Македонскиот Рејмонд Шо од екранизираниот роман на Ричард Кондон на момент дури навистина делува несвесен за последиците поврзани со исполнувањето на всадената агенда. Затоа, пак, имплантот Димитров јасно си порача дека нема ништо да открие додека сѐ не биде готово. А што сѐ се подготвува да биде готово укажуваат не само пораките од Софија, туку и шлаканицата од Атина до Рот за изјавата за „апсурдност“ на проблемот со името, „анализата“ на Бугајски за влез на Македонија во НАТО „под кое било договорено име“, додека медијаторот Нимиц е активно разлетан на старите релации.

 

Чистка на македонизмот

Во препознатлива макартистичка атмосфера во Македонија се тера борба со замислени „антинатовски проруски сили“ и се спроведува политичка чистка на цела опозиција, нејзините поддржувачи и медиуми, чистка на сѐ што е засегнато за македонското. Сѐ повеќе се покрива просторот за никој јавно да не каже дека „теледиригираниот“ и неговите соработници не се случајно избрани; дека зад себе имаат историја во раскусурувањето. Без двоумење веднаш може да се набројат лузните кои ги оставиле во периодот на македонскиот плурализам, тргнувајќи од негирањето на македонската химна во Собранието, газењето врз корените за заемот од Сорос, „еквидистанцата“ од Македонците во соседството, смената на знамето, „фиромизацијата“, територијалното разделувањето и минирањето на референдумот, лицитирање со имиња при кокетирање со Грција… Обидот за „анестезирање“ на ВМРО-ДПМНЕ, партија која постојано целиот период предупредуваше на оваа опасна игра која сега се одвива, ниту е нов ниту непознат. Или, како што опишува Груевски за функционирањето на социјалдемократите „во начинот на делување кон неистомислениците“, државата се врати во 1948.

– Лесно можевме да бидеме Зоран Заев за соседите и да ги прифатиме сите штетни сценарија, па јас ќе бев реформатор. Кои се реформите на Заев? Да ги направи сите штетни отстапки што ги бараат Грција и Бугарија, или Тиранската платформа? Јас бев избран од народот и сакав да ги штитам интересите на граѓаните. Тоа е моето разбирање за политиката. Не може да се прави компромис за државните интереси на Македонија, се со цел некој амбасадор да ме потчукне по рамо. Компромиси во дипломатија има секогаш, но треба да се знае границата. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи остварување на странски сценарија во Македонија – заклучува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во телевизиско интервју.

СЈО – главната алатка за политички прогон

„Единствениот доказ или сведочење што го имаат против мене во случајот „Титаник“ за изборни измами е една изјава на Зоран Заев дека наводно се случиле изборни нерегуларности во 2013 година, за што подоцна се покажа дека не било вистина“, вели Груевски во ТВ-интервју во кое се осврна на сите процеси кои СЈО како алатка ги води во овој политички прогон против партијата. Постои обид, оцени, врз него да се стави секоја евентуална вина, затоа што тој како лидер на партијата наводно требало да знае сѐ што прави секој член на партијата. Во однос на личните карти на Македонците од Албанија, тие се добиени на законски начин и тоа никој не го спори. Спорен е, открива Груевски, начинот на стекнување живеалиште.

– Вие не мора да живеете на таа адреса, може да добиете адреса кај пријател кој ќе потврди дека ви овозможува живеалиште на таа адреса. Сосема е законски да има поголем број луѓе пријавени на иста адреса, и тоа не само во Македонија, туку во најголем дел од Европа. Мал дел од тие луѓе немале склучено договор за тоа живеалиште, и сега, поради тие неколку договори ме товарат мене, половина од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, неколку министри – вели Груевски.

Случајот ТНТ, оцени Груевски, е „политичка хајка против мене и ВМРО-ДПМНЕ, а единствен „доказ“ за моја вмешаност во дивоградбата е изјава на Фиат Цаноски, кој „верува“ дека јас стојам зад уривањето“. Ингеренции за уривање имаат општините, а всушност, Цаноски не ги почитувал стандардите за гаражни места, односно наместо два, изградил еден кат подземни гаражи.

– Претпоставувам верувал дека има познанства и ќе издејствува да му биде променета градежната дозвола и да ги прескокне законите. Инспекторите виделе дека недостасува кат и изрекле документ дека има дивоградба и дека треба да се урне. Тој се жалел на второстепена комисија, подоцна пуштил тужба, па побарал од општината промена на градежната дозвола, со што признал. Општината тоа не го прифатила, зашто не е законски. Потоа Цаноски оди по судови, губи, и на крајот објектот се урива. Постапката што СЈО ја води против мене е дека јас сум бил поттикнувач и во целиот предмет има само една изјава против мене, а нема докази – објасни Груевски.

Појаснувајќи го случајот „Траекторија“, Груевски нагласува „наградата за којашто ме товарат не е поткуп. Мене не ме товарат за награда, туку за претпоставка. Сакаат да докажат дека јас сум сакал да поттикнам вршење на кривично дело за мене да ми порасне рејтингот со изградбата на патиштата“.

– Имав средби со кинескиот премиер и успеавме да добиеме ниска каматна стапка, условот за тоа беше да гради кинеска фирма. Тоа не е услов само за Македонија, така беше и во Србија во однос на истиот проект. Поради овој услов, не може да се оди по Законот за јавни набавки, туку мора по посебен закон. Во Законот за јавни набавки овој исклучок е наведен. Добивме од Кина две понуди, државата направи договор со поевтината и го испрати во Парламентот. Законот го усвои Парламентот, гласаше ВМРО-ДПМНЕ, гласаше ДУИ, но гласаа и присутните пратеници од СДСМ – објасни Груевски.

 

Воопшто не е случајно тоа што Никола Груевски како партиски лидер пред младината на ВМРО-ДПМНЕ ги нагласи замајувањето на јавноста и „чистките“ додека трае оваа долгогодишна операција. Опозицијата да се занимава само со себе, да се бори со пријави, притвори, пасоши, со платеници кои треба да глумат реформатори на партијата, додека Заев да го исполни ветувањето дека ќе ја редефинирал државата.

– И порано вршеа политички прогони, врз мои соработници во 2002 година кога дојдоа на власт поднесоа купишта пријави за кои не излезе ништо, меѓутоа им ги загорчија животите. Стилот е тој, СДСМ владее со притисоци, гонење, сево ова е политички прогон. Она што го гледавме во 2002 година кога дојдоа на власт, сега се повторува. Сето она што наумила новата влада да го направи, е попроблематично ако ВМРО е силно како што е сега – спореди Груевски.

Целта е јасна, да се замолчат ВМРО-ДПМНЕ и медиумите, за да се затскрие и да мине незабележана сета игра на грбот на народот, на државата, на државните и националните интереси. Ова е јасна игра на политичко гонење на политичките противници. Стотина лица од органите или поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ се гонети само за партијата да се уништи и да се замолкне јавноста.

– Да се уништи ВМРО, да се нападне со купишта обвиненија, со барања притвори, со одземања пасоши и јавувања секоја недела во суд, да им се загорчи животот на политичките опоненти за да замолчат и да ги снема. Без никакви докази дека нешто прекршиле да се влечкаат секоја недела по судовите, да губат време со адвокати, рочишта, и да се гради за нив слика дека се нечесни, додека Заев да ги исполни ветените работи кон оние кои го донесоа за премиер, а на грбот на народот, на државата, на државните и националните интереси. Ние од ВМРО да лежиме во притвори, за тој да го смени името и идентитетот на македонскиот народ. Ние да молиме да ни ги вратат пасошите додека тој да го исполни тоа што го ветил за договорот со Бугарија. Ние секоја недела да се јавуваме во суд и народот да се занимава со тоа, министерот за пропаганда да ги притиска медиумите да говорат само за тоа, додека Заев да ги плати фактурите поврзани со Законот за јазиците. Ние да изгледаме виновни, додека тој не го нагази доволно судот да го ослободи од судскиот процес за барање поткуп… Но, не можат нам толку обвиненија да ни исштанцаат колку што можат глупости да направат – рече Груевски.

 

Македонецот е најопасен кога молчи

Македонците минале низ премногу премрежиња и системски газења и понижувања, и од свои и од туѓинци, за да не ја препознаат оваа атмосфера. Ниту разните фабрикувани дефокусирања на јавноста, ниту пак политичките чистки не ја залажуваат јавноста. Жештината која владее не е само од летното сонце. Залудни се обидите за замолкнување на цела една партија, особено не на најголемата во чијшто корен се одржале идеалите на ВМРО. Залудни се и обидите за замолкнување на медиумите кои не подлегнале на индоктринацијата, залудни се и обидите за поткупување и застрашување на медиумските работници. Ниту досега ниту некогаш ќе се успее да се избрише минатото, ниту пак во целост да се забрани пренесувањето на вистинската слика за наметнувањето на туѓото. Како никогаш досега, медиум е секој кој ја препознава оваа игра. Привидниот јавен молк, пак, кој сѐ повеќе завладува е само лажна слика која влева надеж на теледиригираните дека се галопира кон успех на акцијата. Но, молкот во јавноста е само одговор на молкот на договарачите. Од тоа кој прв ќе го прекине молкот ќе зависи и големината на последиците од него. Бидејќи договор не се прави само за хартија, договорот треба да заживее. А како ќе заживее ако со него не се согласуваат Македонците? Како ќе преименуваат народ ако со тоа не се сложува никој, освен мала група соработници напикани на иста адреса на кејот на Вардар? Историјата може да се избрише од учебниците, но не и од колективната свест. Токму таа е доказ дека Македонецот е најопасен – кога молчи.

Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 254. број на неделникот „Република“, 14.7.2017)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top