| четврток, 6 декември 2018 |

Маја Иванова наградена со Златен медал на форумот Кран Монтана

За активности, проекти и иницијативи од хуманитарен карактер на Маја Иванова, сопругата на Претседателот на Република Македонија, денеска и беше врачена наградата Златен медал на форумот Кран Монтана на церемонија во рамки на 28. Годишна сесија на овој форум што се одржа во Барселона, Шпанија.

– Активностите што како сопруга на претседателот на Република Македонија ги преземав, се во областа на здравството, образованието и имаат социјален, но пред се хуманитарен карактер. Кога мојот сопруг ја презеде функцијата, почуствував дека можам да ја насочам својата енергија и своите активности, моето знаење и мојот ентузијазам за да поддржам, за да потикнам или реализирам иницијативи кои што ќе бидат за општо добро. Мојата цел ја насочив кон две сфери и тоа кон активности кон жените и кон децата, а посебно кон онаа најранливата категорија на децата со посебни потреби и со аутизам. Вложивме многу напори, многу иницијативи ги преточивме во проекти коишто добија своја реализација, истакна Иванова.

Како што соопштија од кабинетот на Претседателот, таа посочи дека под нејзино покровителство беа отварањето на Центарот за сензорска терапија за децата со аутизам, како и отварањето на Детскиот ургентен центар.

– Одовде можам да ви најавам и еден нов проект, една убава иницијатива што прерасна во реализација. За неколку дена ќе биде отворен и Центарот за интензивна нега на Детската клиника, проект што се одвиваше под мое покровителство што исто како и Ургентниот центар, се реализирани со целосна финансиска поддршка на турската агенција ТИКА“, рече Иванова.

Таа посочи дека сите награди што се добиваат се поттик да се продолжи понатаму, за реализација на други иницијативи и заложби.

– Меѓутоа јас секогаш велам дека најголема наградата за мене, е кога ќе направите нешто за што ќе добиете една детска прегратка, еден детски бакнеж, или една детска насмевка, или кога ќе видите како едно здраво дете излегува од клиниката и се враќа во прегратките на своите родители, пријатели, баби и дедовци, рече Иванова.

Златен медал на форумот Кран Монтана се доделува на етаблирани имиња од меѓународната јавност како признание за постигнувања во насока на похуман свет.

Сопругата на македонскиот претседател е вклучена во бројни активности што имаат социјален, образовен, здравствен предзнак, а пред се хуманитарен карактер и најмногу се посветени на децата, нивното здравје и на нивните права, здравата исхрана и навики. Покровител е и на повеќе проекти и иницијативи кои се однесуваат на жените, нивните права и женското здравје, меѓу кои се розевите кампањи, посветени на борбата против ракот на дојка. Сопругата на претседателот Иванов поддржува бројни општествено-корисни иницијативи и проекти во чиј фокус се ранливите категории, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top