Осум лица се обвинети за милионската кражба во „Тутунска банка“ што се случи пред две месеци. Скопското обвинителство соопшти дека обвинетите кражбата ја извршиле со умисла. За тројца од нив, до Кривичниот суд е доставен предлог за продолжување на притворот, а за другите се побарани определени мерки на претпазливост.
Основното јавно обвинителство – Скопје денеска до надлежниот Основен суд Скопје 1 – Скопје поднесе обвиненија со кои се опфатени 8 лица, заедно со предлог мерки за обезбедување присуство. Обвинителството утврди дека во периодот од 31 март до 8 април првите четворица обвинети, со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10 април била извршена кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра – соопшти Обвинителството.
Оттаму велат дека надлежниот обвинител до Судот доставил обвинителен акт против првите четворица, од кои за тројца и предлог за продолжување на мерката притвор, а за едно лице во сила се веќе определени мерки на претпазливост.
Првообвинетиот се гони за сторени кривични дела затајување и тешка кражба.
Второто лице се товари за истите кривични дела, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање.
Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело тешка кражба со помагање, додека, пак, четвртото лице е обвинето за кривичното дело затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство.
За кривичното дело тешка кражба, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.
Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска до судот достави и обвинителен предлог против останатите четворица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ.
Четирите лица сториле кривично дело несовесно работење во службата. За едно од лицата опфатени со Обвинителниот предлог, определените мерки на претпазливост остануваат во сила.
Согласно Кривичниот законик, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од 6 месеци до три години, како и задолжително изрекување и на парична казна за сторителите.
Во текот на досегашната постапка, по предлог на надлежниот обвинител од судот беа определени мерките – забрана на финансиски трансакции. Со поднесување на обвиненијата, обвинителството достави и Посебен предлог за привремено одземање на имот заради обезбедување против едно лице. Предлогот се однесува на забрана за отуѓување, ставање хипотека и на друг начин располагање со недвижен имот кој обвинителството детално го наведе во обвинението, како и забрана за располагање со подвижни предмети во сопственост на обвинетото лице.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Грк украл врв од столб од Акропол
-
Милионска кражба во Македонија: Обиен сеф на приватна фирма
-
Фатил жена во кражба: Кога ги видел нејзините деца наместо да ја уапси направил нешто неверојатно(видео)
-
Крадците го опустошија градот повеќе од ураганот: Група луѓе влегуваат по маркети и носат што ќе најдат(видео)