Европската унија (ЕУ) треба да го забрза интегративниот процес како витален елемент и дел од нејзината долгорочна стратегија за безбедност. Балканот секогаш бил крстосница на Европа, а стабилни земји значат и подобра заштита на нејзините југоисточни граници, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.
Претседателот Иванов, како што информира неговиот Кабинет, посочи дека најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и итно е потребно да ѝ се посвети внимание, посочувајќи на илјадниците странски борци од балканските земји кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.
– ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон неинтегрираниот дел од Балканот, истакна шефот на државата.
Според претседателот Иванов, интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.
Интеграцијата на балканските земји, рече Иванов, во Европската унија е најважната алатка за превенирање од религиозен екстремизам.
– Со тоа би се гарантирале надеж и напредок во регионот, кој веќе покажува знаци на разочарување и очај. Европскиот сон треба да стане реалност за сите и тоа што е можно побргу, порача претседателот.
Балканските земји, посочи Иванов, кои не се се уште интегрирани во Европската унија, се потенцијален Тројански коњ на портите на Европа.
– Неинтегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и од внатре, истакна претседателот Иванов во обраќањето на „ Дубровник форумот“.
Регион, додаде Иванов, кој се соочува со предизвици кои од своја страна може да водат кон нестабилност и нефункционални држави, може многу лесно да стане прибежиште за терористи, база за понатамошни операции, транзитни кампови за обука, регрутирање, индоктринација и инфилтрирање на европско тло.
Оттука претседателот апелираше на потребата од долгорочни регионални политики за безбедност, како прв чекор кон создавање на стабилна и безбедна средина.
Претседателот Иванов вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и оствари билатерална средба со претседателот на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани