Европската Унија да ја врати вербата и перспективата за цел регион, но не само декларативно и само со зборови, туку и со дела, конкретни чекори и акции, порача Ѓорге Иванов, во своето обраќање на Самитот на шефови на држави и влади на земјите-учеснички, на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, што се одржува во Дубровник, Република Хрватска.
– Ако Европската Унија која е единствена и највлијателна мобилизирачка и трансформирачка сила, не ни ја направи иднината опиплива и реална, немам дилема дека ние ќе се враќаме во минатото и работите ќе се влошуваат. Паралелно со овој Процес треба да биде процесот на градење доверба, солидарност, соработка и поддршка во ЈИЕ, билатерално или преку регионалните механизми кои ги имаме, вклучително и ПСЈИЕ. Потребна е нова енергија, истакна Иванов.
Во својот говор тој го посочи и случајот со евроинтегративниот процес на Македонија како типичен пример за досегашен погрешен и штетен пристап, и побара поголема меѓусебна поддршка за побрза интеграција во ЕУ и НАТО.
– Наместо да зборуваме за конкретни проекти кои ќе бидат од корист за нашите народи, ние меѓусебно се обвинуваме. Наместо да најдеме креативни начини за да им помогнеме на земјите од регионот за нивна побрза интеграција во ЕУ и во НАТО, претпочитаме да наоѓаме креативни начини како да се блокира европскиот пат на соседите, рече претседателот Иванов, посочувајќи дека острата реторика од страна на некои политичари имала негативно влијание и ја зајакна тензијата помеѓу земјите во регионот.
Шефот на државата потенцираше дека земјите од регионот мора да ја вратат меѓусебната доверба, да имаат политичка волја и искрена соработка заснована врзконкретни проекти, со цел справување со реалните и непосредни предизвици во регионот. – Потребно ни е стратегиско свртување кон себе, кон регионот, во услови на глобална нестабилност. Но, повторно регионот има потреба од поддршка од ЕУ, тоа стратегиско свртување да го направиме суштинско и одржливо. Да не дозволиме стравот и недовербата да ни ја украдат иднината и перспективата, рече Иванов.
Тој исто така укажа на сериозните проекции и очекувања за нови мигрантски бранови од африканските земји, поради кои е можно регионот да се соочи со сериозни безбедносни недостатоци, доколку не се зголеми нивото на регионална соработка помеѓу агенциите за разузнавање и силите за безбедност.
Иванов ја потенцираше и потребата од инфраструктурни и транспортни проекти со цел подобро поврзување на регионот и подобрување на животот на граѓаните. – Овие проекти може да отворат илјадници работни места за младата генерација, ќе го олеснат транспортот и ќе донесат надеж на граѓаните од нашиот регион дека иднината која ја посакуваат може да стане реалност и без да ги напуштат нивните земји, порача македонскиот претседател.
Самитот на ПСЈИЕ финишираше со усвојувањето на заедничката декларација во која лидерите од регионот ја реафирмираа потребата од продлабочување на регионалната соработка меѓу земјите од Југоисточна Европа, во насока на понатамошен развој на просперитетот и стабилноста на регионот. Заедничка декларација ги опфаќа заложбите на земјите во однос на целосна европската и евроатланската интеграција на регионот, ефикасно справување со безбедносните предизвици, унапредување на економската соработка, растот и развојот, како и потребите од парламентарната соработка на државите – учеснички.
– Убедени сме дека европската интеграција нема да биде целосна додека сите земји од овој регион не станат дел од Унијата. Одржувањето на моментумот на проширување и континуираната посветеност на реформите, е клучно за кредибилитетот на политиката на проширување, стои во заедничката декларација на земјите – учеснички на ПСЈИЕ.
Во однос на безбедносните предизвици во декларацијата се наведува „Ние одлучивме да ги вложиме нашите најдобри напори во градењето одржлива мрежа за соработка и размена на информации со цел ефикасно да се бориме со заканите од тероризам и радикализација во регионот“. Со цел соодветен одговор на предизвиците од мигрантската криза се посочува дека е потребен заеднички пристап, заснован на соработка и дијалог помеѓу сите учесници на ПСЈИЕ.
Претседателот Иванов попладнево ќе оствари билатерална средба со хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.
На самитот на ПСЈИЕ учествуваат и словенечкиот претседател Борут Пахор, црногорскиот претседател Филип Вујановиќ, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Косово Хашим Тачи и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Со Самитот во Дубровник завршува хрватското претседавање со ПСЈИЕ. Од јули 2017 претседавањето со регионалната иницијатива, кое е ротирачко меѓу сите земји-членки, го преземе Република Словенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Кабинет на Иванов: Претседателот ќе се обрати пред Парламентот!
-
Иванов: Албанскиот јазик е важен дел од македонското мултиетничко и мултијазично општество
-
Иванов го честиташе 11 Октомври: Достојно и гордо да го чуваме ова парче земја бидејќи тоа е сè што имаме
-
Иванов во Њу Џерси: Конечната одговорност е на македонските граѓани