| четврток, 6 декември 2018 |

Трамп сака голема средба со Путин

Претседателот Доналд Трамп сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин со сите дипломатски ѕвона и свирки кога и двајцата ќе бидат во Германија на меѓународниот самит што ќе се одржи следниот месец. Но, идејата покажува длабоки поделби во администрацијата за тоа кој е најдобриот начин за приближување кон Москва во екот на тековната истрага за руското мешање во американските избори

Многу претставници од администрацијата сметаат дека САД треба да ја задржат својата оддалеченост од Русија во толку чувствително време и да комуницираат само со голема претпазливост.

Но, Трамп и некои други во неговата администрација притискаат за целосна билатерална средба. Тој повикува на медиумски пристап и на сите типични протоколи поврзани со таквите сесии, дури и кога функционерите во Стејт департментот и во Советот за национална безбедност повикуваат на воздржаност, според сегашен и поранешен претстваник од администрацијата.

Некои советници препорачуваат наместо тоа претседателот да има брза, неформална средба на маргините на самитот или делегациите на САД и Русија да одржат средба за стратешка стабилност, која обично не ги вклучува претседателите. Официјалните претставници се изјаснија анонимно да разговараат за дискусиите за приватна политика.

Спротивните погледи ги истакнуваат различните гледишта во рамките на администрацијата за севкупната политика кон Русија и желбата на Трамп да развие работен однос со Русија и покрај тековните истраги.

Запрашан за извештајот на „АП“ дека Трамп е подготвен за целосна билатерална средба, портпаролот на Путин, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави пред новинарите во Москва дека протоколната страна е секундарна. Двајцата лидери ќе присуствуваат на истиот настан на истото место во исто време, рече Песков, така што постои шанса за средба. Сепак, Песков додаде дека сѐ уште нема напредок во деталите за средбата.

Постојат потенцијални придобивки од средбата со Путин. Средба очи в очи може да ги очовечи и двете страни и да отстрани дел од интригите вклучени во безлична, телефонска комуникација. Трамп во неколку наврати посочи дека може да ја замени штетата од времето на Обама во односите на САД и Русија со партнерство, особено за прашања како тековниот конфликт во Сирија.

Сепак, постојат големи ризици. Трамп е познат е по тоа што знае да не се придржува кон сценариото, создавајќи можност за висок ризик од дипломатски грешки. Во кратка средба во Овалната соба со високи руски дипломати минатиот месец Трамп откри високо класифицирани информации за заканата од Исламската држава за авиокомпании, кои му беа пренесени од Израел, според висок официјален претставник на администрацијата. Белата куќа ги бранеше обелоденувањата како „целосно соодветни“.

Покрај тоа, многу набљудувачи предупредуваат дека на Путин не може да му се верува.

Олег Калугин, поранешен генерал на главната советска агенција за безбедност, позната како КГБ, рече дека Путин, остроумен и искусен политичар, има „други приоритети“ наместо да разговара за обвинувањата дека Русија ги хакирала американските избори со Трамп, како што е олеснување на санкциите, зголемувавање на цените на нафтата, како и претседателските избори во Русија следната година.

– Путин знае како да пренасочи разговор во своја корист, рече Калугин.

Нина Хрушчева, професорка по руски работи во Нова школа, вели дека Трамп е во „невозможна позиција“.

– Тој не може да биде премногу фин со Путин бидејќи тоа ќе биде толкувано дека тој има посебен однос со Русија, рече таа.

– Но, не може да биде ниту премногу груб бидејќи Путин има долга рака и размислување како КГБ. Значи, Трамп треба да има добри односи со него, но, тој, исто така, треба да ги исполни своите предизборни ветувања за воспоставување подобри односи со Русија, вели таа.

Белата куќа рече дека не е донесена конечна одлука за тоа дали ќе се одржи средба, но не одговори на прашањата за спротивставените ставови во администрацијата.

Билатералните средби се чести за време на самитите како Г 20, на кои многу светски лидери и нивните советници се собираат на едно место. Средбите обично се однапред добро испланирани, од начинот на кој двајцата лидери се ракуваат до погледот што го разменуваат, а вистинските зборови што се упатуваат нудат увид во состојбата на работите.

Последната билатерална средба меѓу САД и Русија беше средбата меѓу Путин и Барак Обама во 2015 година, која започна со непријатно ракување и заврши со напредок во бруталната граѓанска војна во Сирија.

Средбата од 2015 година, прва во две години, вклучуваше 90-минутно седење во седиштето на ОН. Путин и официјалните претставници на САД подоцна рекоа дека двајцата лидери постигнале напредок во врска со прашања поврзани со Сирија, кои ги затегнале нивните и онака напнати односи. За администрацијата на Обама, „претпазлив ангажман“ беше името на играта, при што САД неуморно работеа за да најдат средина со Москва за Сирија, Украина и за други прашања.

Поделеноста меѓу Трамп и неговите советници во Стејт департментот и Советот за национална безбедност околу Русија е подлабока од дебатата за билатерална средба на Самитот Г 20.

Поранешен претставник од администрацијата кој зборуваше анонимно за да разговара за класифицирани информации, рече дека фрустрираноста расте меѓу советниците за надворешна политика поради неуспехот на Белата куќа да прифати повнимателен и покритички пристап кон Русија. Сите 17 американски разузнавачки агенции се согласија дека Русија стои зад минатогодишното хакирање на демократските електронски системи на демократите и дека се обиде да влијае на изборите во 2016 година во корист на Трамп.

Трамп треба директно да му каже на Путин: „Ние не сме среќни што се вмешавте во нашите избори“, изјави Стивен Пајфер, поранешен американски амбасадор во Украина. „Ако не го кажете тоа, ќе бидете нападнати од печатот и од Конгресот и сигурно Конгресот ќе донесе закон за санкции против Русија“.

– Тие, исто така, треба да ги задржат своите очекувања на многу, многу скромно ниво, додаде Пajфер.

Из­вор: „АП њуз“
Пре­вод: Ана Цве­та­но­ска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top