| четврток, 6 декември 2018 |

Претседателот Иванов на Самит на ПСЈИЕ во Дубровник

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Хрватска по повод учеството на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), што се одржува во Дубровник.

Како што соопшти неговиот кабинет, денеска претседателот Иванов ќе има обраќање на пленарна сесија на Самитот на земјите – учеснички во ПСЈИЕ и ќе оствари билатерална средба со претседателот на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ. Иванов утре ќе учествува и ќе се обрати на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

На Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ, чиј домаќин е Република Хрватска, најавено е учеството на претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, и претседателот на Владата на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Процесот за соработка во Југоисточна Европа (South East Europe Cooperation Process – SEECP) е прва автохтона регионална иницијатива воспоставена во 1996 година, со цел јакнење на политичката и безбедносната соработка, интензивирање на соработката на државите во областа на економијата, демократијата, судството, човековите права и борбата против нелегалните активности.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top