Фиџет спинерот е играчката која за неколку месеци стана вистински хит во светот. Тоа е мала направа која ја собира во рака, составена од два дела, еден централен и еден кој се врти со помош на палецот или малиот прст. Ја има во разни бои, а се изработува од разни материјали… На нашиот пазар се продава за цена од 250 денари.
Затоа, пак, експертите се се погласни во тврдењата дека навидум безопасната играчка, може сериозно да го загрози животот на децата. Една од организациите кои се занимава со безбедност на играчките Новинари за човекови права, апелираат до возрасните да бидат многу внимателни при купување на подароци за најмладите.
– Ги потсетуваме родителите да не наседнуваат на детските желби и да ја избегнат еуфоријата наречена „спинер”, бидејќи играчката првенствено е небезбедна и досега предизвикала голем број повреди на очи и заби кај децата. Второ, таа е и еколошки небезбедна бидејќи боите со кои е фарбана не се еколошки, пластиката е од сомнителен состав а сето тоа децата го ставаат во уста…, изјави Наташа Доковска од Новинари за човекови права за Вечер.
Освен ова здружение, кај нас, ниту една институција не презела ништо, барем да им укаже на граѓаните за можните последици од играта со опасните играчки.
– Ние и досега многупати сме апелирале до пазарните и здравствените инспекции да бидат поактивни, да проверат што се нуди на пазарот и во согласност со европската директива да се преземат мерки за отстранување и уништување на сите оние производи кои се штетни за здравјето на децата. Во Македонија многу малку играчки ја носат заштитната етикета (ЦЕ), која означува дека играчките се безбедни, а не постои ниту лабораторија каде што се тестираат тие пред да бидат пуштени на пазарот, појаснува Доковска.
Затоа пак, европските држави, при царинските контроли будно се внимава какви пратки добиваат дозвола за влез. Минатиот месец, околу 200.000 примероци од популарната играчка беа запленети од царинските службеници на Европската Унија, бидејќи не се придржувале здравствените стандарди утврдени од Унијата.
Неодамна, пак, германските медиуми информираа дека во Франкфурт се конфискувани од 35 тони фиџет спинери произведени во Кина. Причината за заплената, велат, била несоодветна документација за увоз, но и тоа што оваа многу популарна играчка може да биде опасна за децата.
Стотици „фиџет спинери” се отстранети и од британските продавници заради страв од опасните делови кои би можеле да предизвикаат гушење и внатрешни крвавења. Инспекторите изјавиле дека некои од нив имале и ЛЕД-светилки со литиум – јонски батерии, а други содржеле опасни количества олово и жива.
Деновиве и на социјалните мрежи се огласија и неколку мајки кои предупредуваат дека спинерот навистина го загрозил здравјето на нивните деца.
Една мајка од Америка објавила слика од рентген снимка од градите на нејзината ќерка, која завршила на итна операција откако проголтала еден диск од спинерот, кој многу лесно се вади од него. Друга, објавила слика на која се гледа дека нејзиното 5-годишно дете при играње со спинерот го заглавило прстот во еден од отворите кои тој ги има.
„Фиџет спинер” е заразна играчка со која всушност не се игра туку се вртка низ рацете и ја обожаваат оние со нервозни прсти кои имаат потреба постојано нешто да прават со нив.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.