| четврток, 6 декември 2018 |

Скандал на погребот на Кол-полицијата морала да го избрка синот на поранешниот канцелар!

Додека знамињата во Берлин биле на половина копје, а германските политичари оддавале почест на својот поранешен канцелар Хелмут Кол, германските медиуми се занимавале со приватниот судир во семејството на Кол, кој ескалирал на денот на комеморацијата.

Имено, синот на Кол, Валтер, дошол со децата во семејната куќа и пред новинарите и сите оние кои оставале цвеќе, затропал неколку пати на вратата. Меѓутоа, влезот не им бил дозволен и на крај полицијата ги оддалечила. Можело да се слушне како полицијата им зборува дека Валтер има забрана за пристап на поседот.

Во Германија се знае дека Валтер Кол никогаш не се согласувал со втората сопруга на својот татко, Мајке Кол-Рихтер. Јавната караница продолжила бидејќи нејзиниот адвокат објавил соопштение во кое се осудува доаѓањето на Валтер пред куќата, иако знаел дека има забрана за пристап.

Валтер Кол на медиумите им рекол дека го налутило тоа што за смртта на татко му слушнал на радио, а со него, како што рекол, не разговарал од 2011 година. Тогаш последен пат зборувале и тоа по телефон.

Мајке Кол Рихтер некое време работела во кабинетот на канцеларот. По малку е контраверзна фигура во животот на поранешниот канцелар, а кога тешко се разболел, таа била личноста која строго го чувала пристапот до Хелмут.

Се венчале во 2008 година кога Хелмут доживеал тешка повреда на мозокот, поради што практично не можел да зборува. Мајке била 30 години помлада од него, а кога се венчале Хелмут се оддалечил од останатото свое семејство, вклучувајќи ги и двата сина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top