Вредиш ако си од Скопје, вредиш ако си студирал во Скопје. Скопје – центар на децентрализарана Македонија. Македонија почнува и завршува во Скопје. Македонија е Скопје и Скопје е Македонија. Другите градови не ни требаат, па зошто и да заживеат. Новата влада за живот во Македонија ќе може да ги искористи овие предлог-слогани во кампања за промовирање на реформите во образованието.
Ако се модификуваат, ќе можат да се искористат и во промоција на економските мерки и реформи што ќе произлезат како резултат на реформите во високото образование.
Три политички инаети за три недели реформска влада. Антиреформскиот бран заплисна во основното образование, го натопи средното, а ќе го потопи и високото образование.
Шок-бомба за оваа недела е укинувањето на дисперзираните студии на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Министерството за образование, предводено од новата влада и од Зоран Заев, во почетокот на неделава најави дека го укинува уписот на дисперзирани студии на УКИМ за оваа година.
Покрај тоа што годинава нема да има упис на дисперзирани студии на УКИМ, од Министерството за образование и за наука соопштуваат и дека се редуцирани одредени дисперзирани студии на другите универзитети.
Очигледно, ветувањата за живот во Македонија биле со радиус во скопскиот атар. Попрецизно, ќе се живее во Скопје, исклучително во центарот. Што друго да помисли човек ако не сурово, кусогледо и елитистички? Обидот за децентрализација завршува со централизација – уште еден „широк поглед“ кон реформите на антиреформската влада на Заев.
Дисперзирани студии за живот во Македонија
Откако новата влада ќе апсолвира дека Скопје не е Македонија, се исправа пред предизвикот да го прифати фактот дека дисперзираните студии беа воведени токму за да го донесат животот во Македонија.
Дисперзираните студии беа замислени како реформа во високото образование, која ќе им даде можност на младите што живеат надвор од главниот град со многу помали трошоци, без скапи патувања и престој, да се запишат, и голем дел од нив, и да го завршат високото образование во местото на живеење или во близина на местото на живеење. На тој начин им се дава еднаква можности за студирање на сите млади луѓе – и на тие што можат, но и на тие што не можат да си обезбедат школување во Скопје.
Дополнителен стимул за да се остане во својот град беше и минималната партиципација од 100 евра за студентите запишани со кофинансирање.
„Дисперзираните студии фијаско“ трепка со години
Од академската 2008/2009 година се отворени 65 дисперзирани студии, кои функционираат во 16 различни градови, а во образложението на овој потег во високото образование стоеше дека завршувањето зависи од самиот студент, а запишувањето и текот на студирањето, трошоците и патувањето во голема мера зависат и од организирањето на државата. Државата го направи првиот чекор за да ги задржи младите во помалите градови и во родното место да ја планираат иднината како академски граѓани, дипломци. Според замислата, со создавање академски микросредини ќе се поттикне економската преродба на македонските градови. Живот во Македонија, со зборовите што во налет го губат своето значење.
Денешното парламентарно мнозинство уште тогаш не сметаше дека треба да се има поголем број универзитети, факултети, дисперзирани студии бидејќи тоа го намалува квалитетот на студиите, не земајќи предвид дека квалитетот на високото образование значително го намали моментот кога премина во исплатлив бизнис на приватните факултети и универзитети.
Од друга страна, голем придонес за неуспех на овие студии, на што се припишува одлуката на МОН, имаат медиумите на кои десет години трепкаа насловите дека „убавата замисла е само прескапо фијаско“.
Претенциозните медиуми имаа можност десет години да создадат клима и да му бидат поттик на денешното парламентарно мнозинство да понуди унапредување на почнатите реформи. И повторно, место со осмислена програма да граби напред, новата влада и МОН галопираат наназад. Поразително.
Инаку, за оваа година вкупно 26.105 места се слободни за упис на државниот универзитет. Од кои речиси 14.000 места за редовни студенти во државна квота, повеќе од 8.000 за редовни студенти со кофинансирање и 3.785 места за вонредни студенти.
Успешни реформи и во високото образование
Од 2006 година се отворени два нови државни универзитета и 25 нови факултети, а од академската 2008/2009 година се отворени и 65 дисперзирани студии, кои функционираат во 16 различни градови. Владата на ВМРО-ДПМНЕ значително ги намали и ги унифицира партиципации на факултетите. Од 2010/2011 година редовните студенти во државната квота плаќаат по 200 евра годишно, а редовните студенти во квотата со кофинансирање и вонредните студенти плаќаат по 400 евра годишно место партиципација и до 1.200 евра годишно, колку што изнесуваше претходно. Студентите, на дисперзираните студиски програми на сите јавни високообразовни установи во Република Македонија плаќаа по 100 евра годишно.
Антиреформската влада им ја ускрати можноста за студирање на 620 студенти
Минатата година од МОН биле понудени 620 места, а оваа година нема да има понуда, бидејќи СДС реши да ги укине дисперзираните студии.
ФИНКИ
Дисперзирани студии по информатика во Тетово – понудени 50 места.Машински факултет
Дисперзирани студии по производно инженерство во Кавадарци – понудени се 80 места.Дисперзирани студии по производно инженерство во Струга – понудени се 80 места.
Технолошко-металуршки факултет
Дисперзирани студии по металургија, дизајн и менаџмент во Кавадарци – понудени се 80 места.Дисперзирани студии по конфекциско инженерство во Крива Паланка – понудени се 80 места.
Економски факултет
Дисперзирани студии по е-бизнис во Тетово – понудени се 30 места.Дисперзирани студии сметководство и ревизија во Велес – понудени се 30 места.
Правен факултет
Дисперзирани правни студии во Тетово – понудени 30 места.Факултет за земјоделски науки и храна
Дисперзирани студии по градинарство и цвеќарство (8 семестри) во Гевгелија – понудени се 80 места.Дисперзирани студии по производство и преработка на тутун (8 семестри) во Прилеп – понудени се 80 места.
(Текст објавен во 251. број на неделникот „Република“, 23.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Студентите три дена кампуваат пред „Стив Наумов“ и Кузман: Списоци има, домовите неспремни за вселување (галерија)
-
Одбележани 67 години од убиството на петтемина струмички студенти
-
Полуматурантите во понеделник и вторник ќе се запишуваат во средните училишта
-
Концерт на Македонската филхармонија и студенти од ФМУ