Македонската историја веќе е променета. Заев ја смени, ѝ даде друг тек на историјата. Се запиша во неа со големи крвави букви како предавник на македонската историја, македонската вековна борба, македонските херои, македонските жртви, македонскиот идентитет, јазик, писмо, мелос, народно творештво. Подготвува учебници со избришана и ревидирана бугарска фашистичка окупација, со ретуширана пролеана македонска крв, убиства и измачувања, со оправдување на стрелањата во Ваташа, ѕверствата во скопскиот Тутунски комбинат, депортацијата на Евреите во логорите. Немир ги буди духовите на македонските патриоти, и комити и партизани, и тие се дигаат од вечните почивалишта преку ѕвездената македонска современа јавност. Вековната борба за опстојување на македонската нација со сите нејзини посебности, јазик, култура, историја, секако и народни умотворби, ритам, мелос, обединети како идентитетски прашања, сега не само што е доведена до работ, туку се лизга низ раце на Македонците пред сечии очи.
Македонската борба за посебност е историја што е огледало на сечија злоба, која е неискоренета во соседството, затоа и бришењето на македонската историја е посакувана од сите. Народ не ќе постои без историја. Историјата е чувар на нацијата, таа е идентитет. Оттука, Заев го истрчува „кругот на предавникот“ Брисел, Атина, Софија, за сето тоа да финишира на 2 Август. Не случајно е избран најголемиот македонски национален празник. Токму на денот на свети Илија, симболот на македонскиот непокор, на Заев му е организирано да ги предаде македонскиот јазик, македонската историја, да се откаже од македонското наследство, од македонскиот народ и во Македонија и во соседството. Сета македонска историја е поврзана со тој свет ден и на тој ден е посакувано да заврши. Да се стави точка на 2 Август. Да не се слави, да се замрази, да се врзе со предавство, да буди срам, гадење, нагон за повраќање. Место национална гордост, 2 Август да биде чивија во ѓонот, која ќе боде на секој обид за исправање на „кичмата“. Со одземање на историјата на 2 Август, на револуционерниот дух, на непокорноста, на политичката мапа среде Балканот ќе постојат луѓе со ампутирана меморија, која ќе ја пополнува кој како стигне во Брисел.
Не поминува тоа што Зоран Заев своето предавство на македонската историја сака да го прикаже како решение од „исклучително политички причини“. Бидејќи да беше „политичко“, место идентитетско прашањето за предавање на македонската историја, македонскиот непокор, македонската борба за самоопределување, па и за македонскиот јазик, македонската нација, македонскиот народ, кој како малцинство е прегазен во соседствата, досега илјада пати ќе беше решено. Јасно е дека „добрососедството“ не го градат декларации и договори, туку почитувањето, пред сѐ, на своето и на туѓото. Заев, пак, добрососедството го „гради“ со отстапување на историјата, со бришење на илјадници жртви од бугарската чизма, со негирање на фактите за бугарскиот, но и за грчкиот фашизам – некогашен и актуелен.
Македонската историја за македонската борба ниту била, ниту е измислена, ниту е нова, ниту припаѓа само на одредена генерација бидејќи, за жал, нема нација како Македонците во Европа и во светот, која била повеќе напаѓана и негирана. Уште помалку, таа борба не е „политичко прашање“, ниту, пак, била ексклузивно право на определена политичка матрица или партија. За Македонија се бореле и националисти и комунисти и социјалисти, и комити и партизани, и селани и даскали, а никому ваквите определби и политичка филозофија воопшто не му биле важни. Така било со векови; низ борбите за слобода од разните ропства, од окупаторски војски, анектирани територии, па и по создавањето Република Македонија во рамки на југословенската држава; а уште повеќе по нејзината самостојност. И така до денес. Таа борба со сигурност ќе опстои и покрај недоветноста на Зоран Заев, кој ѝ ја предаде македонската историја на тацна на Софија исполнувајќи им ги највлажните сништа на сите следбеници на фашизоидната дискриминаторска политика и антимакедонски фанатизам, од Божидар Димитров, преку бугарски европратеници, Росен Плевнелиев, Бојко Борисов.
Жални се обидите на медиумската соросовско-усаидска машинерија да го претстави предавството како „бравурозен“ момент. Со предавањето на историјата и на македонскиот непокор на подарок во Софија, Заев ја истрчува последната етапа од кругот на предавството, почнато од „патриотската“ безобразност, обвинувањето на Македонија за соседниот фашизам, бришењето на Македонците од нивната држава, бришењето на сѐ што значи врска на Македонците со македонското, прогласување на Македонците место за жртви за извршители на геноцид… Кругот е долг, а треба да заврши со бришење на македонската историја, со што се креира иднина со сечија, само не со македонска историја.
Документот на увид
Никој не може да каже дека Заевата свита не беше пратена во Софија за да го потпише фамозниот договор за добрососедство, за тој потоа да парадира прегрнат со бугарска поддршка и за уши да биде однесен на поклонение пред царот. Но, што е тоа што му е ставено под нос за да го парафира, за толку брзо да увиди „зборче“, ситно колку шолја министерско кафе, па парафот да се одложи. Кој и како го доизработил документот што низа години не можеа да го состават работните групи за чијашто нова средба нема информација од 2014 година? Кога и кој ги договарал и решил спорните точки, кои не само што не се само малку на број, туку имаат и голема тежина?
Прашањето за заедничка историја секогаш било и ќе биде најголемиот проблем што го поставувала Бугарија во досегашните преговори. Точно е дека постои испреплетување на историските факти, но Македонија и македонскиот народ имаат своја историја, а Бугарија не може да бара ексклузивност врз неа. Чествувањето и заедништвото врз македонскиот национален празник Илинден во сите наврати бил прво посочуван празник посакуван од Бугарија. Сега Заев од Софија, пред да се поклони пред споменикот на Самуил „бугарскиот крал“, најави заедничко одбележување на Илинден, односно „нашата заедничка историја“. И досега имало странски претставници на Мечкин Камен, но како гости, а не како кодомаќини. Историјата, оваа неревидирана од Заев, вели дека Илинденското востание е автохтоно, македонско, кренато без ничија помош. Уште повеќе, тогаш се удрени темелите на македонската држава. Што договорил Заев во ревидирањето на историјата и на учебниците се обиде да објасни пред бугарските медиуми, како на пример бришењето на „фашистички“ од написите поврзани со бугарската окупација, но тоа не е целосен одговор на ова прашање. Првично изостана реакцијата на МАНУ, која, за волја на вистината, последните неколку години соработува со БАН на полето на историјата, но, како што беше нагласено: „Научниците не секогаш мора да се согласат за некоја работа“. Особено што бугарските научници, како што посочи професор Чепреганов, инсистирале дека македонска нација постои од 1944 година. Доколку во МАНУ побрзо помине шокот од најавата на Заев дека е изработен договор со Бугарија, која во голем дел ќе влијае на македонската историја, дотолку побрзо МАНУ ќе треба да се огласи и да го побара договорот на увид, како и да инсистира да биде вклучена во последиците што ќе произлезат од него. Пред сѐ, во делот на ревидирање на учебниците.
Вториот момент што Софија го негира е признавањето на македонскиот јазик. Тоа е директно засегање во македонскиот идентитет. Тоа што Бугарија не сака(ше) да прифати беше договорот да постои и да биде потпишан на македонски и на бугарски јазик. Во привремената декларација од 1999 година, таа што беше земена како основа за креирање на добрососедството, беше наведена формулацијата јазикот „во согласност со уставите на државите“. Всушност, Бугарија продолжува со негирање на постоењето на македонскиот јазик како посебен, меѓународно признаен, кодификуван јазик. Тоа неприфаќање на постоењето на македонскиот јазик од бугарска страна воопшто не соодветствува на воспоставување и на градење односи што би биле, пред сѐ, добрососедски, кон што, всушност, и е наменет овој договор. Ваквата поставеност, со потпишување документ во кој би бил избегнат македонскиот јазик би претставувало бришење на сопствената посебност и, повторно, идентитетска одредница, која потоа го бише патот за грчкото негирање на македонската посебност.
Веројатно најболната ставка за Софија е кусото барање за „немешање во внатрешните работи“, за која ќе инсистира да биде ексклузивна за Македонија. Досега за ова не се најде решение поради инсистирањето од Македонија за симетричност на гаранциите дека „нема да има загрозување и мешање во внатрешни работи“ на другата држава. Под оваа точка, всушност, Софија го покрива и делот со малцинствата, односно, се бараше поддршка на бугарскиот став дека не е можно да постои македонско малцинство во Бугарија, во согласност со тврдењето дека Македонците, всушност, се „создадени“ преку „манипулација на комунистите“ по 1944 година. По низата загубени случаи пред меѓународни судови и тоа од бугарски државјани поради негирање на македонското малцинство, Софија вешто го затскрива негирањето преку ова барање во договорот, кој би требало да обезбеди добрососедство. Доколку се потпише договор така како што инсистира Бугарија, Македонија, еднострано, се откажува од македонското малцинство во Бугарија. Но, веројатно, и во другите држави, така како што бугарските етномузиколози „бараат“ бугарски песни кај македонското малцинство во Албанија.
Бришење на македонското од Македонија
Штетата што ја предизвикува брзањето на Заев е огромна. Ако Заев прифатил договор во име на државата во кое самиот ја отстапува македонската историја и го брише македонскиот јазик, тогаш македонскиот идентитет, идентитетските одредници се оставени на бришан простор при идниот договор со Атина. Со право ќе се нагласува дека се преговара само „за име“, додека името на нацијата и идентитетот веќе се избришани и ќе произлегуваат од тоа ново име. Веќе нема простор да се остави правот да слегне, а потоа да се поправаат работите. Агендата на Димитров од Бугарија не е ништо поинаква од таа што ја турка Димитров во Грција. Договорот што е претставен во Софија е во директна врска со договорот што се очекува да биде подготвен во Атина. Оваа агенда во првите денови на владеење на Заевиот калифат им нанесува огромна непоправлива штета на Македонците, на македонската држава, на македонските национални и државни интереси.
Тоа што Заев го нарекува „затворање на поглавјето на национализмот и на омразата“, а неговиот медиумски клан го опишува како историски момент, секако, не може да се одвои и од тиранската платформа, која, можеби, во целина падна во втор план, но истрчувањето на кругот Брисел – Атина – Софија, воопшто не ја прекрива нејзината суштина. Не случајно Бујар Османи, како десна рака во Заевата свита во Софија, вели дека тоа било „историска посета“ за да се деблокира интеграцијата во ЕУ. Целта е јасна, преку таканаречените европски чекори да се загубат македонските етнокултурни обележја и Македонија да се раслои по етнички принцип.
Трагикомично е кога на сите „европски“ народи наоколу им прилега патриотизмот и го бранат правото да го одбранат своето, Зоран Заев да го квалификува македонското како патетично патриотско. За потсетување, Софија неодамна преку свој амбасадор го отвори „прашањето“ за македонската нација, за нив создадена по 1944 година „со сталинистички методи“ за искоренување на сето тоа што било поврзано со претходното. „Но, не можеле да го искоренат бугарското минато од колективната меморија“, заклучува амбасадорот Димитар Цанчев, на што Росен Плевнелиев се надоврза дека Македонија треба да влезе во ЕУ, но „не и македонизмот“.
Оттука, доколку договорот треба да го избрише македонското од Македонија, подобро е да се гради добрососедство без договор, отколку да имате договор што ќе создава проблематично соседство.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 251. број на неделникот „Република“, 23.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Борисов бара ревизија на сите издадени бугарски пасоши во последните пет години
-
Продолжија протестите ширум Бугарија, блокирани патишта и гранични премини
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји