| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски се сретна со претседателот ЕС, Доналд Туск (фото)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски доцна попладнево оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.

Груевски со партиска делегација, во која се и поранешниот министер за надворешни работи Никола Попоски и пратеникот Владимир Ѓорчев, од денеска присуствува во нова тридневна работна посета на Брисел, каде се предвидени средби со високи челници на Европската унија и присуство на Самитот на најголемата политичка партија во Европа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Европскиот парламент треба да оствари билатерална средба со претседателот на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ), Дејвид Мекалистер.

Освен со оваа европска двојка, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе оствари средба и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Сепак, централен настан од дводневната посета на поранешниот премиер на Република Македонија на Брисел е утрешниот Самит на Европската народна партија (ЕПП), најбројната пратеничка група во Европарламентот, чија придружна членка е и ВМРО-ДПМНЕ.

На овој Самит на ЕПП, кој ќе се одржи во Кралската академија на Белгија, покрај Никола Груевски, ќе присуствуваат и Туск, челникот на Европската комисија Жан-Клод Јункер и претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тајани. Исто така, најавено е и присуство на Ангела Меркел (канцеларка на Германија), како и на премиерите Маријано Рахој (Шпанија), Никос Анастасијадис (Кипар), Клаус Јоханис (Романија), Бојко Борисов (Бугарија), Виктор Орбан (Унгарија), Андреј Пленковиќ (Хрватска) и Лео Варадкар (Ирска).

Присуството на настанот со челниците на Европската унија, како и неговите билатерални средби со првите луѓе на ЕУ, Груевски и делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го искористат за унапредување на соработката што неговата партија ја има со нив, како и за забрзување на македонските евро-атлантски интеграции, со оглед на тоа што агендата за итно членство на Македонија во Унијата и НАТО е врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и на неговото раководство.

Во петок, поранешниот македонски премиер има закажано средби со пратеници во Европскиот Парламент, меѓу кои ќе се сретне и со известувачот за Македонија во ЕП, Иво Вајгл.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top