| четврток, 6 декември 2018 |

Данев: Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите, сега ја претвораат државата во алатка на партијата

Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и професионално да ја врши функцијата Министер за внатрешни работи, тој е назначен за потпретседател на партијата, вели Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ

Зоран Заев и СДС најавуваа департизација и деполитизација на институциите додека беа во опозиција, а сега ја претвораат државата во алатка на партијата, изјави денеска Драган Данев од ВМРО ДПМНЕ на прес-конфернција.

Според него, СДС продолжува со лицемерната политика која најдобро е опишана во народната поговорка „не ме гледај што правам, слушај ме што зборувам“.

– Оливер Спасовски наместо да се повлече од партиските функции и професионално да ја врши функцијата Министер за внатрешни работи, тој е назначен за потпретседател на партијата. Граѓаните помнат дека во текот на претходните изборни циклуси, СДС го проблематизираше тоа што Гордана Јанкулоска во исто време била и министер за внатрешни работи и партиски функционер и носител на листа во изборна единица, бидејќи не се знаело „што е партија, а што држава“. Сега граѓаните го гледаат лицемерието на дело, односно како неговиот довчерашен генерален секретар станува потпретседател на партијата, додека во исто време е министер во МВР – рече Данев.

Од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека двојните стандарди и лицемерието на Заев се бесконечни.

– Оливер Спасовски е назначен за потпретседател на СДС, бидејќи треба да ги реализира партиските чистки во МВР и треба да ги елиминира сите професионалци кои изминатиов период работат на случаи против наркодилерите и криминалците блиски до Заев и раководството на СДС. Ова е само продолжение на обидите на СДС целосно да ги стават под партиска контрола органите на прогон. Првиот чекор беа заканите кон судиите со неуставен реизбор, а вториот иницијативата која ја покрена Зоран Заев за смена на Републичкиот јавен обвинител кој го гони за случајот „Поткуп“.

ВМРО-ДПМНЕ ги повикува професионалците во МВР, обвинителството и судот да не потклекнуваат на политичките притисоци од страна на СДС. Тие се должни и одговорни пред граѓаните да постапуваат исклучиво според Уставот и законите, а не според партиските наредби на потпретседателот на СДС или кој било друг партиски функционер – рече Донев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top