| четврток, 6 декември 2018 |

Револуција во Куманово – место пушки ќе „пука“ музика

На самиот почеток на летово, Куманово ќе биде местото кое ќе ги собере најдобрите алтернативни, рок и хипхоп-групи, диџеи од земјава и регионот. Викендот на 28 и 29 јуни, на локалитет Спомен Костурница, под покровителство на Општина Куманово, а во организација на „Саунд Репaблик“ (Sound Republic) и „Горила продукција“ ќе се одржи првиот „Револушн фестивал“ (Revolution Festival).

REV-FEST-POSTER-FINAL - JPEG-FORMAT

Револуцијата првиот ден ќе ја почнат тетовските алтернативци „Скајрајз” (Skyrise), како кумановските хипхоп-ѕвезди, „Подземан ефект“. Забавата ќе продолжи со настап на нашиот најиновативен бенд „Фулиш грин” (Foolish Green), а кулминација на вечерта ќе биде настапот на култните „Нокаут“.

NOKAUT - GRUPNA - Cmyk

 

Скопското дуо „Aутмајнд“ (Autmind) ќе продолжи со размрдување на публиката, а за забавата до доцните утрински часови ќе бидат задолжени едни од најдобрите домашни диџеи, Флудер (Flooder) и Зоки Бејбе. Саботата ќе продолжи со „револуционерите“: кумановските бендови „Вандал“ и „Ептен“, гостите од Србија „Гад дем” (GodDamn), а за музичкото „ослободување“ на Куманово ќе „пукаат“ Ајс Нигурин, Скај Виклер и Тимбе или со еден збор најголемата хипхоп-атракција од Србија, „Бед копи“ (Bad Copy).

Во екот на саботната вечер, Костурница ќе ја „тресе” македонската диџеј легенда, Гоце САФ, додека фестивалот со свој сет ќе го затвори кумановскиот диџеј Никола. Како што веќе напоменавме, првото издание на овој дводневен „Револушн фестивал“ ќе се одржи на кумановската Костурница на 28 и 29 јуни, со почеток во 19 часот.

Влезниците ќе бидат пуштени во предпродажба на 5 јуни по промотивна цена од 300 денари за блок-карта од два дена преку продажните места на „Купи карти за сѐ“, „Бар кјуб“ и „Паперино мото шоп“. Кумановци важат за една од најдобрите публики, секогаш подготвени за забава, додека организаторите ветуваат фестивал на светско ниво.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top