| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов – Чавушоглу: Време е да се создаде нов поттик за членство на Македонија во НАТО

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу.

На средбата, соопштуваат од кабинетот на Иванов, било разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција.

„Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, како и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција“, соопштуваат од кабинетот.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Турција во однос на нашите стратешки цели, Иванов нагласил дека Македонија високо ја вреднува поддршката од Турција за употребата на уставното имe на Република Македонија и интеграцијата на земјата во НАТО.

„По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка“, истакнал на средбата Иванов.

Чавушоглу ја реафирмирал поддршката што Република Турција ја дава на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, укажувајќи дека Република Турција ќе биде доследна на таа континуирана поддршка.

Иванов и Чавушоглу размениле мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Македонија и Турција. Во таа насока, Иванов ја истакнал потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top