Со Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта во Република Македонија за учебната 2017/2018 година е предвидено на први септември во училишните клупи да седнат вкупно 35.909 ученици и тоа 25.127 што ќе учат на македонски наставен јазик, 9.830 на албански наставен јазик, 918 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик. Во истиот конкурс беше наведено дека „од учебната 2017/2018 година во средното образование во Република Македонија се воведуваат адаптирани наставни програми од Меѓународниот центар за наставни програми на Кембриџ по предметите математика, биологија, физика и хемија“.
Засега ова нема да се случи. Рената Тренеска – Дескоска изјави дека се анализираат законите за да се спречи воведувањето на програмата во средното образование, додавајќи дека активностите мора да се дефинираат до крајот на следната недела бидејќи веќе се објавени конкурсите за упис во средните училишта.
– Се прават напори за да се запре воведувањето на програмата „Кембриџ“ во средното образование – вели таа и додава – таа програма предизвика негативни реакции кај родителите, учениците и кај наставниците.
Со други зборови, ова значи дека најмалку 35.909 родители во земјата ќе здивнат летово, но не затоа што програмата е недоследна, а новата влада е реформска, туку затоа што во природата на човекот е да дава отпор кон непознатото. Животот во заедница, пак, ги научил луѓето дека промените почнуваат со недостатоци, а, пак, новата влада повторно, како и во случајот со екстерното тестирање, понуди привид на радост.
– Тие што имаат искуство во образовниот процес, односно наставниците, посочија дека има многу недоследности, почнувајќи од тоа како е структуирана програмата, несоодветни предводи што создаваа конфузија – вели Тренеска – Десковска.
Искуство со програмата, за која Бирото за развој на образованието (БРО) вели дека не претставува никаква новина во нашиот образовен систем според главните карактеристики: спирална наставна програма, научни истражувања и решавање проблеми, имаат наставниците од основните училишта. Прашалниците што ги пополнуваат наставниците од основното образование, кои веќе ја спроведуваат оваа програма, покажуваат дека по спроведената обука околу 90 проценти од наставниците од сите одделенија се здобиле со потребните вештини за да работат по новата наставна програма.
И покрај тоа што се снашле со материјата, наставниците имаа забелешки. Сметаат дека програмата не е адаптирана на возраста на децата и покажува недоследности, прерано и неорганизирано почнало нејзиното воведување во основните училишта, прво во прво и трето одделение во учебната 2014/2015 година.
„Пред децата се поставуваат проблемски ситуации, а тие се во фаза на конкретно размислување (барем до седумгодишна возраст). Во прво одделение, по предметите математика и природни науки се бара од учениците да запишуваат одредени искази. Парадоксот е во тоа што кај учениците описменувањето почнува во второ одделение“, пишува професорката Ирена Христовска, во анализата за блогот „Республика“ (ResPublica).
Но, таа е веќе воведена во основното образование и нејзиниот континуитет природно продолжува во средното образование. Сепак, некој смета дека професорите во средните училишта нема да можат да му одговорат на предизвикот и во практиката да најдат решенија за да ја подобрат програмата.
Додека Министерството за образование и за наука е во трка со времето барајќи правен механизам да го спроведе замисленото, се наметнува заклучокот дека и во овој случај, како и во претходниот, не станува збор за подобрување на квалитетот на образованието, туку за политички инает. Иако новото раководство на МОН амбициозно најавуваше подобрување на состојбите во образованието, реформи, засега успеа да укине две веќе спроведени реформи, екстерното тестирање и програмата „Кембриџ“, но не гледаме дека се преземаат конкретни чекори што ќе водат кон реформи. Вистински, суштински реформи во образованието, какви што му се потребни.
Една од главните придобивки од програмата „Кембриџ“ во македонското образование е поквалитетно образование на учениците базирано на меѓународно споредливи стандарди. Квалитетот на образованието се подигнува бидејќи со овие наставни програми се фаворизира примена на современи методи и техники во наставата и активно учење преку истражувачки ученички активности, што, пак, од своја страна, ја подобрува педагогијата на поучувањето и пристапот на учење кај учениците.
„Реформи во образованието секако дека се потребни, но тие треба да се базираат на цврсти докази поткрепени со позитивни резултати за напредок. За да се изврши глобална промена, треба да постои детална анализа и позитивен ефект кај тој за кој се воведува промената. Можеби е кус периодот од воведувањето на најкрупната реформа во образованието, адаптираните програми според програмата ‘Кембриџ’. Сепак, досегашното искуство покажува дека тие треба да се реорганизираат. Во реорганизацијата треба да се вклучат стручни лица од секоја област (професори, наставници, советници, психолози, педагози), кои ќе ги усогласат програмите, пред сѐ со возраста и со развојот на учениците, нивните можности, способности, интересот на децата во одредена возраст и, секако, да се обезбедат услови за работа во училиштата, за целосна реализација и постигнување на целта – квалитетно образование“, пишува Христовска.
Поранешниот министер за образование Спиро Ристовски обидот да се запре воведувањето на програмата „Кембриџ“ во средното образование го смета за антиреформски. Тој е дециден дека соработката со британскиот универзитет е корисен и квалитетен проект насочен особено во изучувањето на математиката и на природните науки, две области во кои нашите ученици подолг период покажуваат слаби резултати.
Напоследното меѓународно тестирање спроведено од Светската банка, македонските ученици на 15 години се на последните четири места меѓу своите врсници од 72 земји според резултатите од природните науки, математика и читање.
Пишува: Катерина Митиќ
(Текст објавен во 250. број на неделникот „Република“, 16.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.