Не требаше многу за Заев да се отвори. Да, цели четири прсти. За „отворот“ му требаа ни повеќе, ни помалку, туку „цели“ 10 дена. Многу време, ама доколку сте инсект и живеете само еден ден како еднодневките познати како мајски мушички. Уште поинтересно е што се работи за американски инсект, нели?! Да, и тој, како и некои политичари, живее многу подолго пред метаморфозата, период кога од ларва станува прекрасен летачки инсект што „трае“ само еден единствен ден. Ви личи ли американската мајска мушичка на еден македонски политикант, лик што цели три години ја уништуваше сопствената држава само за да дојде на власт и преку режирана метаморфоза да стане претседател на Влада? Сите сличности со вистинските ликови се случајни, велат во Холивуд. Но ова е Македонија, макар и мушичката била американска.
А кој може најдобро да го отвори квислингот маскиран во руво на муртински спасител? Кој фактор може најдобро да го изнуди фројдовското признание за планот со името?
Секако, кој друг ако не Брисел. Подобро кажано, го отвори токму тој што го донесе на власт. Добро, да не му ги одземаме признанијата и огромните заслуги на вашингтонскиот атавизам на заминување, кој имаше силен придонес во македонската изборна и постизборна местенка. Ама за голема мака на амбасадорот од ридот, првото „четирипрсно“ отворање на Заев се случи кај неговите послушници од европската филијала. Таксират, ама за Бејли, се разбира, затоа што Заев е во облаци, т.е. во Влада…
Брисел е неподготвен за мајсториите на муртинецот?!
Онака понеделнички, неделата на спасителот му трна со бриселското миропомазание, јавен и јасен чин преку кој послушниот и „новороден“ син со функција Заев влезе во евроамериканското семејство на „глобално-политичкиот дух“, политичка пародија на награда со која, за разлика од вистинското миропомазание, тој доби световни дарови, кои во неговиот случај ќе го крепат, просветлуваат и чуваат во световниот премиерски живот. Никако во духовниот.
Проблемот не беше во Европејците, кои беспоговорно вклучени во извршувањето на задачите од американската игра не ни знаат за поимот „проблем“ токму поради вештината на „големиот брат“, кој е задолжен за нивно решавање. Сега, насила „побриселените“ чеда, нелогичен збир на Европејци, кои, инаку, воопшто и не се „мирисаат“, едноставно го наградија својот нов и наметнат посинок од кој имаат големи, огромни очекувања. Или, сепак, и нив ги има братот, не Европејците. Тие само спроведуваат наредби, нешто слично како во Втората светска војна, нели. Проблемот е што тие сѐ уште не го спознале својот посинок или, што би рекле, не знаат со кого си имаат работа. Никој во Брисел не беше подготвен за „мајсториите“ на Заев, дејства на кои македонската јавност одамна отрпна…
Како Заев се отвори и го издаде планот за името?
А истиот тој „премиер“, во матичната земја, која тешко да ја чувствува како родна и татковина, да ти бил познат по лагата, самодемантирањето, стотина јавни грешки и непостојаноста. А дотичните неинформирани Европејци, иако од лични или „братски“ интереси, се фатија на оро со него.
Дузина пати, тогаш само како лидер на СДСМ, Заев „не сакајќи“ ги издаваше своите планови. Во текот на акутната, наметна тригодишна криза, Фројдовиот комплекс беше често присутен во дејствата на камикаѕи политичарот. Психијатриското објаснување е дека кога нешто ве притиска, вие несвесно, преку одредени искази и зборови, ги откривате своите маки и планови. Така беше и во Брисел. Иако, многумина мислат дека во посочениов случај се работи за комбинација на Фројдовиот и на Едиповиот комплекс, затоа што со намерите за иднина, премиерот определен од Брисел уште пред да биде назначен, очигледно, ќе си ја е.. мајката. Или така барем планира. Зборуваме за Македонија, која поверојано некој и не ја смета за мајка…
Како и да е, не навлегувајќи во патриотските чувства на човекот што пред само неколку години призна дека ним тие не им „личат“ т.е. прилегаат, истиот во Брисел, понесен од еуфоријата на моментот што го чекал и за кој сонувал целиот свој живот, години во кои државата доживеа невидена морална и политичка криза и поделби, Заев се „отвори“ токму во сонуваниот град. И при последната средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, малку и се заборави:
„Има алтернативи. Ние се надеваме дека со привремената референца (ПЈРМ т.е. FYROM) ќе добиеме покана за да станеме членка на НАТО и во исто време ќе продолжиме со разговорите со Грција за процесот во ЕУ. Ние очекуваме со привремената референца да добиеме покана од НАТО, во согласност со договорите со Грција, а додека трае ратификацијата кај 29 членки на алијансата, има две години за дополнително да се најде решение. Има многу алтернативи, многу зависи од нашиот јужен сосед, но ние бараме причина повеќе за позитивни решенија за стабилност, а тоа е најмногу можно ако Македонија влезе во НАТО“, си призна Заев.
Аха, значи тоа бил планот на СДСМ и на тиранската коалиција? НАТО да даде покана, можеби и ЕУ некакво навестување за преговори, чин што би го симболизирал морковот по кој би скокал и со кој би се занимавал и подлажувал народот, а во меѓувреме, максимум за 24 месеци, додека 29 членки нѐ „ратификуваат“, Заев и компанија да ни го „ратификуваат“ идентитетот и да најадат „решение“ за името? А решението значи негова промена, тука нема никакви дилеми. И, за жал за Заев, нема многу алтернативи. Името е едно и гласи Македонија, Република Македонија. Му се допаѓала безалтернативноста или не, но народот не сака негова промена, 86 проценти од Македонците, според последната анкета, се против.
Фројд, Хан, Заев и долговите кон „чадорот“
Увертира на Заев му беа Туск, Могерини, Хан и Столтенберг, кои како во хор си кажаа дека нема шанси за влез со некакво си ПЈРМ, колку тоа и да звучи срамно. Јок, и за ЕУ и за НАТО мора да се смени уставното име, а тоа да го прифати и Грција. Без „амин“ на Атина, не бива, порача Брисел.
Индикативно, или поверојатно онака социјалдемократски скроено и извртено, двајцата соговорници што дадоа изјави во живо, на прес-конференција, го порачаа сосема истото, а двајцата што поминаа само со соопштенија (Туск и Могерини) беа „презадоволни“ од новата влада и од реформите што ќе следуваат, кажа кабинетот на Заев. По навика, очигледно, некој, пак, нешто некому му премолчел, но Хан и Столтенберг ги издадоа. Беа децидни, подецидни здравје:
„Чекаме заемно решение за името“, порача јасно генералниот секретар на НАТО, а Јоханес Хан му се надоврза со зборовите: „Треба да се најде заедничко решение, но ако влегуваме со отворен ум во разговорите, тоа е можно. Секогаш има начин за да се придвижат работите и мора да работиме на тоа. Мора да се најде решение прифатливо за сите“. Еврокомесарот, сонародник на психологот, чијшто комплекс Заев често го презентира, превртлив лик што до вчера за опозициските, сега провладини медиуми имаше страшен конфликт на интереси и акции во „Новоматик“ и во гевгелиските казина, продолжи со констатацијата: „Нема да биде лесно, многумина се обидуваа со години, но сега има нов момент и убеден сум дека можеме да ја искористиме ситуацијата и да направиме прогрес“.
Имало нова констелација? А тоа само нова, Заева влада да ти била. Сѐ друго кај двата соседи е старо. Аха…
Амбицијата на Заев и новиот момент на Хан
Столтенберг чека, Хан виде нов момент, а Туск и Могерини гарантирано се на мака што никој не ги пренесе нивните пораки за нужноста од промена на името? Машала.
Сето тоа, филувано со небулозите за потребни реформи и какви ли не будалаштини. На сето тоа, статистот Заев ќе му изјави на претседателот Туск: „Амбициозни сме бидејќи е загубено многу време во евроинтеграцискиот процес на Македонија“.
Уште едно Фројдовско признание, кое треба да се дополни со објаснувањето – „чуму многу време е загубено“, или, подобро кажано, во стилот на еден наш поранешен шеф на државата – „кој го тоа загуби?“
Би било фер Заев да признае дека тој и неговата социјалдемократска болумента се најголемите виновници за тригодишниот застој и за губењето на препораката за преговори од ЕК, колку таа и да е тривијална и безобразна. Уште подобро би било и Брисел да признае дека и ВМРО-ДПМНЕ направи многу реформи, ама не беше до нив. Утопија од барања, нели.
Сега, пак, излегува дека муртинскиот спасител, всушност, нѐ спасува од самиот себе?! Сака ли да каже дека по три години и куп глупости, „револуции“, „бомби“ и што ли уште не, сега нема кој да ги прави идиотштините што го донесоа на власт поради фактот дека нивниот автор сега е на власт? Сакаше ли „амбициозниот“ автор и извршител на кризата да каже дека сега „чадорот“ ќе биде милостив кон новата, подобна власт и дека нема да ја куди, исправа и толчи преку своите соросоидни медиуми и дузината НВО? Така ли ќе се надополнат трите години, кои ја вратија Македонија дваесет години наназад во однос на меѓународниот имиџ? Не верувате?
Прашање: Каде се Бејли, Пломп, Жбогар, Стефансон и Алхаузер, дежурните критичари на претходната власт, да прокоментираат нешто (што било) за криминогениот состав на Заевиот кабинет, немиениот возен парк со кој се возат нивните дипломати на минување, смената на Зврлевски, популистичките реформи во образованието и редица други катастрофални утки? Ви недостигаат ли критиките кон власта на вечните „професионални озборувачи“, медиуми што сега пеат химни и составија цели збирки за новите властодршци? Видете ги само фалбаџиските насловни страници и ТВ-дневници, дебатни емисии, доволно е. Ах, да. Истите овие медиуми што никогаш не го нарекоа Груевски со титулата, а кои сега зборот „премиер“ не го вадат од уста при секое Заево споменување, макар било 100 пати во прилогот. Тафтологија за нив не постои, барем сега.
Или каде исчезнаа жестоките неранимајковци од НВО, кои секој ден правеа по 10 прес-конференции и исто толку соопштенија за катастрофалниот ефект на минатата влада? Ачик метаморфоза, небаре се мајски мушички. По толку години живот како ларви во „подземјето“, сега дојде време за користење на благодатот. Па летаат ли летаат, целосно обземени од спознанието дека ги донесоа „своите“ на власт.
А вие, вие и натаму прашувајте се и „тепајте си ја главата“ што ќе бидат новите реформи. Освен популистичките укинувања на екстерно, радиодифузни такси, враќање евтина струја, нѐ чекаат и други сериозни и антинационални реформи, бидете уверени во тоа, затоа што долгот мора да се врати. Албанските партии чекаат да „слегне“ првичната еуфорија, па поучени од „чадорот“, ќе си го побараат своето. Акт во кој двојазичноста, очигледно, ќе биде минорен дел од прикаската на Заев, Касами, Ахмети и на Села. Вистинската реформа, очигледно, ќе биде многу подраматична и посилна. Само, свесни ли се нејзините изведувачи дека обидот за нејзина реализација ќе им ја донесе судбината на еднодневната мајската мушичка? Знаат ли недоветните корисници на „чадоровите“ добра дека народот нема да дозволи некој да му ги реформира името и идентитетот. Ни сега, ни две години потоа. Никогаш…
Клетников: Ќе ја спаси ли главата тој што ќе го продаде името?
Целиот наш живот како колективна меморија и битие, вели поетот и член на „Македонски манифест“, Ефтим Клетников, извира токму од името.
Клетников: Тоа е генезата, праизворот на нашето постоење, трезорот во кој се складирани сите наши векови и милениуми, сите културно-цивилизациски блага на нашиот дух што му ги имаме подарено на светот и на неблагодарната вавилонска дама Европа. Но, без разлика на тоа, тие остануваат наш духовен производ, царски печат на нашата визија за светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“ (Гоце), а не како поле на колонизација и на материјално ограбување, модел што го замисли и спроведе во реалност Европа, која и покрај тоа се обидува да нѐ учи на демократија и на хуманизам.
Нашите комити го имаа на знамето слоганот „Слобода или смрт“, а сега е време тој слоган на новото македонско знаме да гласи „Име или смрт“.
Во последно време се заговара сѐ погласна кампања за продажба на името, а со цел за влез во НАТО и во ЕУ, двете организации што со години најбескруполозно нѐ понижуваат и уценуваат. НАТО е криминална организација, која е еден од главните столбови на американскиот државен тероризам за кој водечкиот американски интелектуалец Ноам Чомски напиша неколку суштински книги. Па сега, што сакаат нека мислат за него нашата нова Влада и нашите стари невладини организации, стотина, кои ниту еднаш не ја споменале драмата со нашето име, а не, пак, да се загрижат за неа. Но за тоа се и платени. ЕУ, исто така, таква каква што е, не заслужува никаков почит од Македонците што сака да ги обезличи и идентитетски да ги избрише.
Па, дали навистина новата наша Влада ќе се осмели квислиншки да направи пакт за промена на името? Кој ѝ го дава тоа право? Референдум? Не.
Името ниту е добиено, ниту може да се става на референдум. Сака ли некој да го обнови македонското атентаторство? Ќе ја спаси ли главата тој што ќе го продаде името? Многу прашања за несоница.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 250. број на неделникот „Република“, 16.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.