Дојде и тој очекуван момент, кога ЕУ без никаква стега ќе се потпре на Македонија да биде логор од каде што во иднина ќе ги црпи ресурсите со потребната работна сила. Секако тоа нема да се Македонците како рамноправни граѓани во Унијата, туку од мигрантскиот наплив што сега (ќе) се очекува да биде сместен во Македонија. И тоа, според процените, би биле дел од стоте илјади бегалци од разорениот блискоисточен регион, дел од нив веќе во Грција, а дел се очекуваат.
Димитрис Аврамопулос, кој пред да биде еврокомесар, како министер за одбрана немаше проблем со тоа што грчките војници пеат дека ќе пијат македонска крв и од нивната кожа ќе прават чизми, сега очекува новата „реформска“ власт во Скопје да прифати сместување на мигрантите на подолг рок. Всушност, реформското што Аврамопулос го препознава е промена на крутиот став во Македонија, која досега ја држеше власт што цврсто газеше по земја, дека земјата нема капацитет, ниту, пак, може да го издржи таквиот притисок – и економски и безбедносно.
За потсетување, голем придонес во оваа „реформска“ власт имаат и делови од Соросовата армија, која со сите сили се трудеше да ги урне физичките пречки за мигрантите. Истите тие соработуваа со вметнати соиграчи од европскиот Соросов калифат од грчка страна. Ги учеа мигрантите како нелегално да ја минуваат границата, им делеа исцртани мапи, ги водеа преку реки – при што беа однесени и човечки животи, ги учеа како да се урне оградата, како да ја исцрпуваат полицијата, која во исто време се соочуваше и со насилствата во Скопје. 16 невладини организации лани во март бараа од државата итно „прекинување на сегрегациската и дискриминаторска практика што ги спречува луѓето да бараат азил“. Тоа се истите организации што од еврокомесарот Хан написмено бараа одложување на изборите во Македонија, а за целта на одложувањето сега е непотребно да се зборува. Сега истата таа „армија“ е дел од актуелната власт во Македонија, па Аврамопулос со право може да се надева на поддршка. Иако државата се соочуваше со мигрантските бранови на начин што официјално беше поздравуван, и тоа во време на политичка криза со безбедносни предизвици, најавуваната европска помош никогаш не стигна до крајните граници, освен билатералната соработка со дел од полициите од засегнатите држави по должината на „балканската маршрута“. Сега, истите тие европски држави се исправени пред предизвикот да бидат судени бидејќи не ја прифаќаат наметнатата политика за споделување на мигрантите.
Колешката на Аврамопулос, Федерика Могерини, пред неколку месеци од Италија порача дека „Европа има потреба од мигрантите за својата економија“ бидејќи „населението на ЕУ старее и земјите-членки имаат потреба од работна сила“. Но, над тој проблем лебди прашањето зошто ЕУ, а, пред сѐ, Германија не го организираат тоа „пополнување“ на хуман начин, туку оставаат мигрантска трка до истребување? Во целата приказна најстрашно е што и носителите на одлуките немаат никаков почит кон желбите на мигрантите. На сила протерани од своите домови, сега, исто така, на сила, им се наметнува каде би биле сместени, веројатно, засекогаш. Ниту мигрантите ќе бидат задоволни што се сместени во некои држави во Европа, ниту, пак, тие општества ќе го сменат односот кон нив. Само за илустрација, доволно силно е врежано однесувањето на унгарската телевизиска екипа кон мигрантите, или, пак, односот на бугарските ловци. По тоа да се очекува нормална интеграција е речиси нечувствително.
Инфицирање
Тоа што Аврамопулос не потврдува дали во Демир Капија во Македонија се гради голем европски бегалски камп за повеќе илјади бегалци, не значи дека не е почнато спроведувањето на тој план. Соросовата армија во Македонија го носи проектот на рамена, додека течат разни отворени огласи за финансирање организации за поддршка на мигрантите, но и за медиумска поткрепа за создавање расположение за тоа. Сето тоа не е без поткрепа од надвор. Претседателот Ѓорѓи Иванов кон крајот на минатата година од Софија предупреди дека мигрантската криза допрва почнува, со 20 до 30 милиони потенцијални мигранти во непосредна близина на надворешните граници на Европа. Зборувајќи по којзнае кој пат за несоработката меѓу институциите, Иванов предупреди на контрола на коридорите преку кои се префрлаат мигрантите, но и за контрола врз слободното движење на мигрантите што веќе се во шенгенската територија.
Но, како е возможна контрола ако зад кулисите на соработка и институционалниот заеднички пристап стои организирана група од Соросовиот калифат, која ги бајпасира заштитните мерки на ЕУ и на државите? Истрагите на италијанските власти и на други откриле дека невладините организации активно финансираат приватни бродови за шверц на десетици илјади илегални бегалци од Северна Африка во ЕУ. Главниот обвинител на Сицилија посочи „абнормален“ износ на средства за изнајмување бродови од невладини организации, кои се финансирани, погодувате, од Соросовата фондација, а кои соработувале со шверцерските банди.
Сето тоа повторно нѐ враќа на стариот план од октомври 2015 година, кога претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер „спакува“ 100.000 мигранти за Западен Балкан, со таканаречени „жешки точки“. За тоа на државите ќе им помага УНХЦР. Само еден месец потоа, мисијата на УНХЦР во Македонија открива дека како локации за згрижување на 6.000 семејства или 30.000 бегалци на подолг период ги гледа Гевгелија, Струмица, Неготино, Петровец – Катланово, кумановско Черкези и Табановце. Оттогаш државата остана на цврстиот став дека не е можно сместувањето на мигрантите што доаѓаат на територија на Република Македонија од земја-членка на Европската унија, кој го повтори и во март годинава. Сепак, веќе во јуни Меѓународната организација за миграции (ИОМ) почнува со реконструкција на напуштениот објект на Специјалниот завод „Демир Капија“. Иако организацијата, дел од ОН, вложува пари за реконструкција, не открива која ќе биде неговата намена, иако наведува дека тој одамна е надвор од употреба.
Македонија има прифатни објекти за вакви состојби, како тој во Визбегово, граден со заеднички пари со ЕК, со што пред десетина години беше пример за подготвеност, но тие капацитети ниту од далеку не се доволни за тоа што се подготвува. Дека станува збор за планирана акција за сместување на бегалци на подолг период укажува и фактот дека меѓу првите локации за прифатен центар со почнување на кризата беше Табановце, односно, што подалеку од европската граница. Притоа, не смее да се заборави дека Македонија е „инфицирана“ на оваа рута, токму од земја-членка на ЕУ.
Според некои аналитичари, планот што се кове подолго време во заднина на овој Соросов експеримент е да се „инфицира“ целиот овој регион надвор од границите на ЕУ со населување туѓи култури, пред сѐ, блискоисточни и африкански, бидејќи од цел континент само овој дел од Балканот останува „недопрен“ од имиграција. Поточно, регионот би служел како регрутен центар за потребната работна сила на развиениот запад, а притоа со многу помалку средства би се одвивала потребната едукација и приспособување на „непожелните“ бегалци за развиениот запад на Европа. Ваквите идеи и претходно ја имаа поддршката кај левичарските и кај социјалдемократските аналитичари, кои ја застапуваа тезата дека Македонија треба сама да побара бегалски кампови на своја територија, да го искористи моментот и да поентира кај меѓународната заедница. Македонија, сепак, поентираше кога воведе ред на движење на мигрантите и остана на привремениот транзитен капацитет за 2.000 лица, за што не доби ни процент од ветуваните пари. Дали ќе поентира со камповите е прашање што не може да се мери без факторот безбедност.
Национална безбедност
Без нашироко да се објаснува безбедносниот ризик што сам по себе значи имиграцијата, ваква интервенција со вдомување на неколку десетици илјади бегалци во Македонија отвора неколку сериозни прашања. Македонија е во синџирот со Косово и со Албанија кога е во прашање проблемот со џихадистичките повратници, кои не ретко во овој долг фрагилен политички период за регионот лесно посегнуваат по оружје. Серијата терористички напади во ЕУ, пак, покажа дека се извршени од лица што минале низ Македонија по таа балканска маршрута, а натамошното евентуално доселување тука само би можело да ја засили таквата џихадистичка спрега во различни криминални организации.
Второ прашање е како еден ваков чекор би влијаел на подолг рок на меѓуетнички план. Македонија е држава во која се прескокна цел циклус во спроведување попис знаејќи какво влијание врз општеството има процентуалната застапеност на етничките заедници. Имајќи ги предвид последиците и наследството од бегалската криза од Косово, кои доволно е што постојат како редовна тешка тема во јавноста, како ли би влијаело нарушување на овој тешко здобиен рамковен „баланс“ со нови десетици илјади муслиманско население на подолг рок?
Третиот безбедносен момент, сепак, е најголем, а е поврзан со економската состојба. Германската математика за тоа колку државата ја чини еден бегалец, а притоа имајќи го предвид планот за „инфицирање“, за Македонија би значело уште нови десетици илјади невработени, а тоа, секако, би претставувало солидна основа за нови социјални судири и големи тешкотии во меѓусебното прифаќање. Иако на почетокот се ветуваат пари и помош, таквите средства сѐ потешко стигнуваат. Македонија во својата куса независна историја во неколку наврати има искуство со мигрантски бранови и секогаш сама си го носела товарот.
Последниот безбедносен момент што само дополнително ќе ја искомпликува релацијата Скопје – Брисел е фактот што Македонија ниту е, ниту некогаш ќе биде посакувана крајна дестинација на мигрантите. Тие во секој момент ќе бидат подготвени да тргнат кон Германија, Шведска, Данска… Тоа само ќе создава постојани искри со безбедносните служби; понатаму Македонија на долг рок ќе ја врами во синџирот на шверц на луѓе и, ништо понеизвесно, во земјите што се извознички на тероризам. Ако неколку ромски семејства го запалија Брисел да се закани дека ќе ја спушти рампата на визната либерализација, што ли би предизвикал евентуален случај на пребеган терорист од Македонија?
Грижата за ближниот, за човекот, хуманоста, не е туѓа за Македонецот, кој и самиот поминал низ егзодуси, протерувања, насилства, бил жртва на терор, неправда и на незаслужени страдања. Македонија и досега направи многу повеќе од тоа што реално е нејзина вистинска моќ. Одењето над тоа, попуштањето пред инсистирањето, или, пак, водењето од идејата дека така ќе се придобие благонаклоност од Брисел е само непотребно самозалажување. Конечно, злоупотребување туѓа несреќа никогаш нема да донесе ништо добро. Најмалку за Македонија.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 249. број на неделникот „Република“, 9.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.