По само десетина дена од формирањето на квислиншката влада, македонската јавност може јасно да види дека клучната „реформа“ на Заев што, навистина, ќе донесе „нов живот“ ќе биде промената на името. Што сѐ друго ќе донесе оваа реформа како последици по идентитетот на Македонецот и по националните интереси на државата, допрва ќе видиме. Подготвеноста на Заев да се откаже од името на државата во замена за влез во НАТО, што дел од јавноста блиска на СДС сѐ уште не сака да ја видат, јасно и гласно ја најавуваат неколку светски реномирани весници како вовед во конечната разрешница на долгогодишниот спор меѓу Македонија и Грција. „Гардијан“, „Фајненшл тајмс“ и „Тајмс“ истовремено објавија речиси идентични текстови со исти пораки дека „Македонија е подготвена да го промени името за влез во НАТО“.
За потсетување. Лондонски „Тајмс“ пишува дека „Македонија размислува за усвојување ново име во обид да го омекне грчкото противење на нејзиното членство во НАТО“.
Претходно „Гардијан“ објави текст со речиси идентични поенти во кој се нагласува дека Македонија и Грција се блиску да го затворат 27-годишниот проблем за името. Според истиот весник, верзиите на името за кои досега се дискутирало содржат додавање географска квалификација како „горна“, „нова“ или „северна“ Македонија.
Во исто време, „Фајненшл тајмс“ објави интервју со Никола Димитров под наслов „Македонија предлага промена на името во обид да му се приклучи на НАТО“. Откако текстот предизвика вулкан од реакции во Македонија, за само неколку часа на сајтот на британскиот весник беше променет насловот во „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“.
За разлика од тоа што го читаме деновиве во британските медиуми, Заев и бандата со која ја управува државата ни продаваат приказна дека ќе нѐ внеле во НАТО под привремената референца.
Медиумската пропаганда на олку реномирани весници дејствува синхронизирано со чекорите на „дип стејт“ за заокружување на проектот. Целта е да подготват терен во јавноста амнестирајќи ја од одговорност целата меѓународна заедница за срамниот притисок за насилната промена на името на една мала држава и еден библиски народ. Приказната ја водат во насока дека Македонците сами сакале да си го сменат името за да влезат во ЕУ и во НАТО, оправдувањето го бараат во „руското мешање на Балканот“.
Во меѓувреме, додека Заев упорна ја лаже македонската јавност дека ќе ја внесе државата во НАТО под привремената референца, од Брисел и од НАТО ни стигнаа јасни пораки дека единствен начин за брз прием во Северноатлантската алијанса е компромисно решение. Што значи компромис дообјаснија од Атина од каде што порачаа дека без променето име нема што да бараме во ЕУ и во НАТО. Со други зборови, ништо ново од тоа што го знаевме досега – единствен начин да влеземе во НАТО е рецептот на Заев – „свиткана кичма“ и прифаќање на условите на Грција со што целосно ќе се понижи достоинството на македонскиот народ и основното право сам да си го одбере како ќе му се вика државата.
Очигледно е дека разликите во ставовите што се пренесуваат од двете страни се огромни, па оттука збунува еуфоричниот оптимизам кај власта дека сме пред историски успех и на чекор да го решиме тридеценискиот спор. Прашањето што се наметнува во ситуацијата е што знае светот, а не знаат Македонците и што е тоа што го ветил Заев пред меѓународната заедница, а го крие од својот народ?
Голема е дилемата дали во преговорите Заев воопшто е некаков фактор, или неговата единствена задача е да стави потпис на договорот што ќе го подготват странците?
Одговори на овие прашања ќе добиеме многу скоро, уште во текот на летото, со оглед на фактот дека за ставање крај на кризата во Македонија и за регионалната стабилност на целиот Балкан се заинтересирал лично шефот на Стејт департментот на САД Рекс Тилерсон. Дипломатски извори на „Република“ информираат дека се очекува Тилерсон да дојде во Македонија во јули или во септември, а целта за посетата ќе бидат токму името и членството на Македонија во НАТО. Какви пораки ќе донесе првиот човек на Стејт департментот од Вашингтон засега не е познато, но повеќе од јасно е дека тогаш ќе се расчистат многу дилеми за причините за насилната промена на претходната власт и за инсталирањето на Заев на премиерската позиција.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Метју Палмер во Сараево: Македонија може да стане членка на НАТО до средината на 2020 година
-
Брегу: Проширувањето на ЕУ и поврзувањето на Западен Балкан се поврзани процеси
-
Заев: Размислуваме за законска измена за справување со кучињата
-
Заев: Македонско-грчката комисија ќе почне да работи откако ќе се ратификува Договорот од Преспа во двете земји