| четврток, 6 декември 2018 |

Нелоски: Заев да ја преиспита одлуката, Арта Точи е уште едно катастрофално кадровско решение

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Зоран Заев треба да ја преиспита својата одлука. Во спротивно, Зоран Заев ќе испрати порака дека стои зад ставовите на Точи и ќе биде директно одговорен за сите скандали и пропусти кои би се случиле во иднина, изјави Нелоски

Предлогот на Зоран Заев, госпоѓата Арта Точи да биде избрана за заменик министер во Министерството за надворешни работи е скандалозен и ризичен за државата, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Нелоски на денешната прес-конференција, која во продолжение ви ја пренесуваме интегрално.

Според Нелоски, да се предложи за заменик-министер за надворешни работи, лице што тешко се помирува со реалноста и постоењето на граници на Балканот, односно лице што има романтичарски идеи и мечтае за големи држави е проблематично и може да доведе до сериозни проблеми.

– Предложената Арта Точи е автор на трудот „Границите како мит“ во кој пишува околу конференцијата во Лондон одржана 1913 година каде е донесена одлука за формирање на албанското кралство. Според неа делови од Албанија не биле вградени во нејзините административни граници. Во трудот Точи нагласува дека на Балканот границите имале поинакво значење и димензии и додава дека во тие  околности границите биле линија на отуѓување на еден јазик и еден народ со кои се создале приказни со многу болка и одделеност.

Ваквите сфаќања се исклучително опасни кога доаѓаат од лице кое што Заев смета дека треба да биде заменик министер за надворешни работи. Основна задача на заменик министер за надворешни работи е да ги штити македонските национални интереси. Да се бори за признавање на земјата под нејзиното уставно име и да ги брани меѓународните позиции. Заменик министерот за надворешни работи треба да го штити територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија на меѓународно поле, а не да ги спори границите како линија на отуѓување на еден јазик и еден народ.

Мечтаењето по големи држави и оспорувањето на актуелните граници е во целосна спротивност со обврските на државен функционер на вака висока и одговорна позиција и може да влијае на нарушување на односите на Република Македонија со соседите.

Предлогот на Зоран Заев, Арта Точи да стане заменик министер за надворешни работи е уште едно катастрофално кадровско решение и потценување на сопствените граѓани.

ВМРО ДПМНЕ смета дека Зоран Заев треба да ја преиспита својата одлука. Во спротивно Зоран Заев ќе испрати порака дека стои зад ставовите на Точи и ќе биде директно одговорен за сите скандали и пропусти кои би се случиле во иднина – изјави Нелоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top