Македонија размислува за усвојување на ново име во обид да го откочи грчкото противење на нејзиното членство во НАТО, во услови на растечка загриженост поради руското мешање во балканскиот регион – пишува лондонски The Times.
Медиумот додава дека новата македонска влада, која положи свечена заклетва минатиот месец, пред лидерите на НАТО посочи дека поранешната југословенска република е подготвена да направи компромис во долготрајниот спор со својот сосед за да ја подобри стабилноста на поширокиот регион.
Грција стави вето на барањето на Македонија за членство во НАТО во 2008 година во врска со името на републиката, која го дели со северната грчка провинција. Атина смета дека името на Македонија претставува предизвик за нејзиниот територијален интегритет, што подразбира територијални амбиции кон истоимената грчка провинција. Таа, исто така, ја обвинува Македонија за присвојување на грчката култура и симболи, вклучувајќи го и античкиот грчки херој Александар Велики, кого претходната влада на Македонија сакаше да го претстави како национален херој – објавува британскиот медиум.
Понатаму во текстот стои:
Македонија го дели своето име со својата доминантна словенска етничка група и нејзиниот јазик, извор на несогласување со милиони Грци кои исто така се идентификуваат како Македонци. Спорот се засили по распадот на Југославија и откако Македонија стана независна република. Македонија беше примена во Обединетите нации под привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија. Меѓутоа, нејзината националистичка влада одби да го користи тоа име за апликациите за членство во НАТО и во Европската унија и во 2008 година Грција стави вето на кандидатурата на Македонија за пристап кон воената алијанса. Македонија стана порешителна, подигна огромна статуа на Александар Велики во главниот град Скопје и именуваше аеродроми, стадиони и автопати по воинот.
Стапувањето на функција на новата мултиетничка коалициона влада, заедно со стравувањата од руски обиди за предизвикување проблеми во Западен Балкан, отвори простор за компромис.
Министерот за надворешни работи на Македонија утре ќе отпатува за Атина за да ги отвори разговорите за спорот среде разоткривањето на вмешаноста на Русија во земјата. Протечените разузнавачки документи покажаа дека руските шпиони и дипломати биле вклучени во напорите да поттикнат етнички тензии во Македонија меѓу доминантните Словени и албанското малцинство. Русија отворено ја наметнува идејата за панславистички идентитет и заедничка православна христијанска вера, со која ја задржа Србија како сојузник.
Обелодените документи покажуваат дека напорите на Русија да ја спречи Македонија да се приближи кон Западот помогнале да се поттикне политичка и етничка криза што сега новата коалициска влада се надева деќа ќе ја реши.
Црна Гора, малата јадранска нација која претрпе бомбардирање од НАТО како дел од Србија во 1999 година, формално се приклучи на воената алијанса минатата недела.
Од гледна точка на НАТО, пристапот на Црна Гора не и дозволува на Русија да основа база за нејзините воени бродови во Јадранското Море. Членството останува контроверзно, со политички несогласувања околу веродостојноста на тврдењата за обид за државен удар поддржан од Русија минатата година пред изборите.
Македонија не посочи какво алтернативно име би можела да прифати, само изрази подготвеност да го разгледа ова прашање со Грците. „Спутник“, руската државна новинска агенција на англиски јазик, ги поздрави вестите со наслов: „Македонија е подготвена да го загуби идентитетот за членство во НАТО”.
Ова не е единствен текст во странски медиум во кој се зборува за ставот Македонија да го промени своието име. Гардијан и Фајненшл Тајмс, двата реномирани весници, во исти ден преку натписи испратија идентични пораки за разгледувањето на предлозите на Македонија за промена на името. Очигледно е дека меѓународната пропаганда е се погласна. Прашањето кое се поставува е што прифатиле СДСM и Зоран Заев?
Пред неколку дена во Фајненшл Тајмс се објави интервју со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров под наслов „Македонија предлага промена на името во обид да му се приклучи на НАТО“. Само неколку часа потоа, веројатно по интервенција на МНР на Македонија, на сајтот на британскиот весник Фајненшл тајмс насловот се смени во „Македонија размислува да го користи привременото име за да влезе во НАТО“.
-Македонија ќе ги разгледа новите предлози за привременото име, во обид да го отклучи грчкото противење за членството во НАТО“, изјави Димитров и додаде дека е премногу рано да се разговара за какви било конкретни предлози за името.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.