Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Давор Иво Штир денеска поднесе оставка. Иако како причина за јавноста наведе дека сака повеќе да се посвети на партијата ХДЗ и да ги „шири демохристијанските вредности во Саборот“, оставката се поврзува со незадоволството од коалицијата на ХДЗ со ХНС (Хрватската Народна Партија).
Штир припаѓа на ултраконзервативната струја во ХДЗ и, како се шпекулира, за него е неприфатлива коалицијата со либералните ХНС, кои беа и едни од најголемите критичари на ХДЗ.
На прес конференцијата соопшти дека упте пред една недела побарал од премиерот да именува друга личност на чело на министерството, но тој не сакал да го разреши додека бил на пат во САД.
Штир ги демантираше наводите дека ќе ја напушти партијата или дека ќе ја скрати поддршката кон Пленковиќ, додавајќо дека функцијата ќе ја извршува до избор на новиот министер. Штир важи за еден од најблиските соработници на премиерот и претседателот на ХДЗ, Андреа Пленковиќ, кој што сака да ја врати партијата во десниот центар. Двајцата соработуваа и во Европарламентот, од каде и дојдоа на актуелните позиции.
Како илустрација на разликите, медиумите посочуваат дека Штир учествуваше во „Поворката за живот“, на ултраконзервативните католички здруженија за забрана на абортусот, додека новиот вицепремиер Штромар од ХНС минатиот викенд учествуваше во загребскиот „Прајд“, поворката за хомосексуалните права.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.