Во Домот на културата „Марко Цепенков“ денеска во рамки на 52. Меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ беше промовирана книгата „Мојот театар – вистини, записи, сведошта, сеќавања – четврта книга“ од театрологот Ристо Стефановски.
Според Братислав Димитров, кој говореше за книгата, најновото остварување на Стефановски ги сецира театарските премрежја на македонскиот театар.
– Стефановски е феномен во светски размери. Како никој пред и никој после него, тој успеал да создаде одличен театар во три различни општествени системи и во три сосема различни театри. Ристо Стефановски речиси 70 години секојдневно, детално пишува театарски дневник. Со прецизност на рентген-техничар тој го снима театарскиот живот со сите негови подеми, падови, дилеми, сплетки, приватни и професионални предавства од најблиските соработници. Жанрот на неговите книги е документарна проза, со елементи на трилер и полемички дух, кој ги демифистицира лажните вредности, сведувајќи ги на вистинска мерка, рече Димитров.
На програмата на фестивалот, којшто се одржува од 9 до 16 јуни, вечерва се три претстави од кои две во официјална конкуренција. Од 19:30 часот Албанскиот театар во конкуренција за награди ќе ја изведе претставата „Плавиот-кучето“ од Мурат Џан Кибиролу, во режија Али Волкан Четинкаја, а од 22 часот ансамблот од Кумановскиот театар ќе ја изведе „Хај-фај“ од Горан Стефановски во режија на Јани Бојаџи. На полноќ на сцената на Домот на културата, како придружна програма е испитната претстава на студентите од втора година од класата на Мето Јовановски од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.