На светско ниво, постои огромен пораст на миопијата, односно кратковидоста. Миопијата претставува огромен проблем на новото општество. Дури и тие на кои професијата не им е поврзана со компјутер, таблет, телефон, голем дел од времето го поминуваат пред овие уреди. Причина за ова е модерниот живот.
Во последниве години се набљудува зголемувањето на процентот на кратковидоста на населението на глобално ниво,а тоа, можеби, е поради начинот на живот во векот во кој живееме, или поради доминација на некој од гените одговорен за миопија, вели д-р Трајковски, специјалист офталмолог во „Систина Oфталмологија“.
Во поново време е актуелна ласерска корекција, односно отстранување на диоптријата. Постојат повеќе видови методи за отстранување на диоптријата, а кој сѐ може да направи корекција, а кому му е забранета корекцијата, разговаравме со д-р Трајковски.
Што значи ласерско отстранување на диоптријата?
ТРАЈКОВСКИ: Ласерско отстранување на диоптријата значи моделирање на човечката рожница со помош на ексимерен ласер, во нејзиниот центар или нејзината периферија, во зависност од тоа каква рефрактивна грешка коригираме. Во суштина, претставува пилинг на површинскиот или централниот слој на рожницата, кој е апсолутно безболен метод, процедурата е краткотрајна и трае околу 10 минути за двете очи и е безбедна.
Колку видови методи постојат за отстранување на диоптријата?
ТРАЈКОВСКИ: Методите за отстранување на диоптријата се поделени во три групи на т.н. рефрактивна хирургија. Првата група ги обединува методите за рефрактивна хирургија на рожницата: PRK, TransPRK, LASIK, LASEK, Epi-LASIK, Epi-LASEK, ExTRA PRK, ExTRA LASIK. Во втората група се методите за рефрактивна хирургија на леќата при кои се врши имплантирање на интраокуларна леќа (факична, монофокална или мултифокална) во зависност од потребите и анатомофизиолошките карактеристики на окото на пациентот: RLE (PRELEX, CLE, RLR), PRL (PIOL). Третата група е комбинација од двете групи и е позната под името BIOPTICS корекција, која претставува избор на два метода (по еден од секоја група) за доведување на човечкото око во положба на еметропија, односно на „нула“ диоптрија.
Од што зависи изборот на методот што ќе се користи за отстранување на диоптријата?
ТРАЈКОВСКИ: Изборот на методот со кој ќе биде извршена интервенцијата зависи од возраста на пациентот, параметрите на рефрактивната грешка (диоптрите во однос на миопија, хиперметропија и астигматизам) идеталната анатомска и физиолошка состојба на секое од двете очи одделно на секој пациент. Пациентите што се кандидати за определен вид рефрактивна хирургија треба да знаат и да се информирани дека се работи за строго индивидуализиран метод на корекција, а во ретки случаи се користат и различни методи за двете очи кај еден пациент.
Кој почесто избира ласерски да ја коригира диоптријата – кратковидите или далекувидите луѓе?
ТРАЈКОВСКИ: Процентот е еднаков и најчесто зависи од возраста на пациентите. Кај помладата популација, до 40 години, почеста е корекцијата на миопија и / или астигматизам со цел да се ослободат од секојдневното носење очила и контактни леќи, а кај повозрасните групи почесто се коригира хиперметропија и / или астигматизам со цел да се ослободат од постојаната корекција со очила или контактни леќи за далеку и притоа да имаат само корекција за близу, освен ако не изберат некој од наведените методи за достигање на ниво на еметропија. Во последниве години се набљудува зголемување на процентот на кратковидоста на населението на глобално ниво, можеби, поради начинот на живот во векот во кој живееме или заради доминација на некој од гените одговорен за миопија.
Може ли пациенти што имаат астигматизам да извршат ласерска корекција?
ТРАЈКОВСКИ: Астигматизмот како рефрактивна грешка може да се коригира со ексимерен ласер ако дијапазонот на диоптрите е +/-6,0 Dcyl.
Во која возраст се препорачува корекција и постојат ли луѓе што не можат да се оперираат?
ТРАЈКОВСКИ: Таквиот вид корекција се препорачува кај здрави лица од 18 до 60-годишна возраст со транспарентни (прозрачни) очни средини и без промена на диоптерот со повеќе од 0,5 диоптри во рамките на една година. Рефрактивната хирургија со ексимерен ласер е строго забранета кај бремени, пациенти со колагенози, васкулити, автоимуни и имунодефицитни состојби и болести, пациенти со кератоконус, кератоглобус и кератоторус, пациенти на терапија со Isotretinoin (Roaccutane) и/или Amiodarone (Cordarone), пациенти со дијабетис, мината историја за Herpes simplex или Hepres zoster кератитис, многу изразено „суво око“, на кое не влијае никаква терапија и кај пациенти со тешки алергии.
Постои ли опасност да се врати диоптријата по извршената корекција?
ТРАЈКОВСКИ: Успешноста во овој вид хирургија е еден од најголемите во светот во споредба со сите други видови хирургија. Во повеќе од 95 отсто од случаите се достига ниво на еметропија (100 проценти корекција на рефрактивната грешка), а во другите помалку од пет отсто може да има преостаната рефракција во мали размери што може да биде и рекоригирана. Гаранција за успешноста на интервенцијата е деталниот преглед за ласерска корекција на диоптрија. Најголема динамика во рефракцијата може да се забележи за време на бременост, која во некои случаи достигнува амплитуди од +/-2,0 диоптрија по раѓањето и поминувањето на периодот на доење често се стабилизира во почетното ниво на физиолошки нормален женски организам каков што бил пред бременоста.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
(интервјуто е објавено во 249. број на неделникот Република кој излезе во печат на 9 јуни 2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст