| четврток, 6 декември 2018 |

Мицкоски: Производството на ЕЛЕМ за 4,7 отсто повисоко од планираното

Во првите четири месеци од годинава АД ЕЛЕМ има за 4,7 отсто повисоко производство од планираното, а трендот на зголемено производство продолжува и во мај и јуни, оцени генералниот директор на компанијата Христијан Мицкоски на денешната средба со новинарите.

– На сметката на АД ЕЛЕМ во моментов има преку 300 милиони денари, а компанијата има и депозити во банки во вредност од 1,25 милијарди денари, нула долгови спрема добавувачи и нула долгови спрема вработени. За разлика од тоа во 2006 година сметката на компанијата беше блокирана и имаше достасани побарувања од милијарда денари, рече Мицкоски.

Нагласи дека е отворен за соработка со наследникот што ќе дојде на негово место и додаде дека ќе му предложи да продолжи реализацијата на веќе започнатите проекти во компанијата, кои како што кажа, се корисни за портфолиото на компанијата, но и за доброто на државата и сите граѓани.

– Моја задача ќе биде да го убедам наредниот директор на компанијата дека проектите се добри. Стојам на располагање да помагам во реализација на стратешките проекти од кои ќе имаат корист сите граѓани и отворен сум за  соработка со секој што и мисли добро на компанијата и на државата, рече Мицкоски.

Потенцира дека очекува наскоро да се објави јавниот повик за набавка на механизација за ископ на руда на компанијата за сопствени потреби со што ќе се избегне потребата за тоа да се ангажираат надворешни работници и додаде дека добрата работа во последниот период овозможува компанијата од сопствени средства да набави багери и дампери во вкупна вредност од околу 64 милиони евра.

– Со тоа сметам дека ќе се намали цената на чинење на произведената струја во РЕК Битола, рече Мицкоски.

Како позначајни тековни проекти од кои може да има корист компанијата ги оцени модернизацијата на ТЕЦ Осломеј за што е веќе изработена физибилити студија, изградбата на топлификацијата во Битола за која се завршени сите постапки и се чека само дозвола од банката да се обнови тендер, изградба на нова термоцентрала на потегот помеѓу Делчево и Пехчево каде, како што кажа, се откриени резерви на најкалоричен јаглен во Македонија кој може да ги задоволи потребите за наредните 30 години за термоцентрала со капцитет од една третина од РЕК Битола.

За хидропотенцијалите, рече дека наскоро се очекува понуда на технички решенија за изградба на ХЕЦ Чебрене и Галиште, но со за една третина помала моќност од претходно предвидената и додаде дека би било добро ЕЛЕМ да ги пренамени парите наменети за Луково Поле и Бошков Мост и да се обиде сам да ги изгради хидроцентралите

Најави дека треба да следи и третата фаза од ревитализацијата на мавровските хидроцентрали и додаде дека треба да се продолжи и со доградбата на ветерниот парк Богданци.

Посочи дека ЕЛЕМ не побарало зголемување, ниту намалување на цената на електричната енергија и додаде дека би било добро производната цена на струјата да остане 41 евро иако очекува нејзино благо намалување од страна на Регулаторната комисија за енергетика.

Информира дека позитивно заврши и арбитражниот спор со компанијата РИКО, изведувачот на ХЕЦ Света Петка, и оти  е пресудено ЕЛЕМ да добие отштета од околу 2 милиони евра, така што ќе треба да врати само 3,6 милиони евра од гаранцијата што ја имаше оставено РИКО, а ја задржа ЕЛЕМ  поради незадоволството од изведувачот.

– Сега компанијата ќе треба да врати само 3,6 од 5,6-те милиони евра од гаранцијата што ЕЛЕМ ги задржа поради незадоволство од изведувачот. Тие се на посебна сметка и воопшто не се користени досега. Со задржувањето на гаранцијата се покажа дека АД ЕЛЕМ постапи правилно и го заштити имотот на компанијата и државата, рече Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top