| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт за паметење на учениците од „Илија Николовски-Луј“ – насока за традиционална музика и игра

„На соборе“ беше насловот на годиншниот концерт на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, насока за традиционална музика и игра, кој синоќа се одржа во Македонската опера и балет.

Учениците приредија концерт за паметење, а гледачите беа воодушевени од она што го видоа. По 70-минутен настап кој беше проследен со уживање, преполното гледалиште ги побара на бис учениците кои со невидена леснотија ги ираа ората, пееја и свиреа на народни инструменти.

Учениците од прва, втора, трета и четврта година раскажаа приказна во која гледачите можеа да видат какви биле собирите во минатото во Радовишко поле, Радовишки Шоплук, Огражден, Средорек, Жиглигево, Славиште, Дурачка река, Пијанец и Малешево.

Ученците ја оживеаја традицијата преку многуте изиграни ора, испеаните песни и свирењето на богатите традициолани инструменти како ќемане и зурли, а ги видовме и најубавите носии на жените и девојките кои ги красат соборите.

Инаку, соборите освен за дружење, играње и пеење, често биле повод и за пазарње. Место каде што се раѓала љубов, место каде што играорците ги истакнувале своите способности, а жените се фалеле со своите новоизвезени кошоли.

На годишниот концерт настапија учениците од класите на професорите Владимир Јаневски, Благица Илиќ, Тимко Чичаковски, Стојанче Костов, Гордана Тасева, Христијан Николовски, Силвестер Проле, Дени Синадиновски, Тијана Јаневска и Бојан Петковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top