| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Златна петорка“ освои две награди во Париз

Македонскиот игран филм „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски го отвори фестивалот на Југоисточна Европа во Париз и освои награда за најдобар филм на фестивалот и прва награда за монтажа.Филмот за петтемина струмички студенти супериорно ја плени француската публика, а од страна на интернационалното стручно жири, во театарот „Палас“, „Златна петорка“ беше прогласен за најдобар долгометражен филм во силна конкуренција од 15 филмови.
Исто така, филмот на Тренчовски освои уште една награда, за најдобра монтажа, која ја потпишуваат Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов. По главната награда „Златен Грифон“ во Перуџа и по Специјалната награда во Москва, ова е четврта интернационална награда на „Златна петорка“.
Досега, за само 8 месеци по светската премиера, и со над 15.000 гледачи во Македонија, ова е 10-то фестивалско учество на „Златна петорка“, а до крајот на годината филмот е селектиран на уште толку филмски фестивали ширум Европа и светот.
Исто така, продуцентот е во преговори со една голема телевизиска компанија која е заинтресирана да го емитува на над 50 милионска публика, а веќе се преговара и со неколку потенцијални ко-продукциски страни за поддршка на новиот филмски проект на Горан Тренчовски и продукцијата „Револушн“ од Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top