| четврток, 6 декември 2018 |

За чо­век да би­де пи­са­тел тре­ба пр­во да би­де чи­та­тел

Ми­љен­ко Јер­го­виќ, пи­са­тел и но­ви­нар, ро­ден во Са­ра­е­во, на­ту­ра­ли­зи­ран за­греп­ча­нец и го­сту­вач­ки бел­гра­ѓа­нец. Во си­те овие сре­ди­ни одам­на ужи­ва ста­тус на приз­нат пи­са­тел, а е пре­поз­нат­лив и над­вор од гра­ни­ци­те - кни­ги­те му се пре­ве­де­ни на око­лу два­е­сет свет­ски ја­зи­ци

Mиљенко Јерговиќ, писател и новинар, роден во Сараево, натурализиран загрепчанец и гостувачки белграѓанец. Во сите овие средини одамна ужива статус на признат писател, а е препознатлив и надвор од границите  книгите му се преведени на околу дваесет светски јазици.

Миљенко Јерговиќ  го прослави својот 51. роденден на отворањето на фестивалот, а како изненадување доби торта со слика од корицата на неговата книга „Мама Леоне“, што на македонски јазик ја преведе Александар Прокопиев.

Јерговиќ е петтиот добитник на наградата за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот – „Прозарт“, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Проза Балкан“. Тој беше гостин на првото издание на „Проза Балкан“. Роден е во 1966 година во Сараево, а денес живее во Загреб. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија. Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) и наградата „Његош“ (2015). Тој е еден од најчитаните автори во регионот…Токму на денот на неговиот роденден беше отворен фестивалот „Проза Балкан“, а ние разговаравме за книжевноста во регионот, за „Сараевски марлборо“, првиот негов роман преведен на македонски јазик, за читањето и за пишувањето…

Во Скопје сте на манифестацијата „Проза Балкан“, која  Ви ја додели наградата „Прозарт“ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Како добар познавач на литературата од Балканот, какво е  Вашето мислење за  литературните текови во изминативе години?

Јерговиќ: Не постојат текови. Нема никакви колективни поместувања и настани на регионалната книжевна сцена, а можеби и не постои таа сцена. Меѓутоа, постојат поединечни гласови, добри или помалку добри писатели, постои книжевност што се пишува и се чита, а тоа е најважно.

Зад себе имате голем број наслови, а велите дека повремено сте писател, а, главно, сте читател. Значи ли тоа дека повеќе уживате во читањето? Но, што значи за Вас пишувањето? Потреба, занает…?

Јерговиќ: Читањето, во секој случај, е поважно од пишувањето. Кога би морал да избирам меѓу читателската и писателската работа, не би имал дилема. Секогаш прво би бил читател. Освен тоа, за човек да биде писател, прво мора да биде читател.

Кога сме кај читањето, се чини дека луѓето од книжевноста секаде се исти. Ќе напишете дека тие не одат во книжарници, не купуваат книги и чекаат да ги добијат бесплатно од издавачите… И кај нас е слична состојбата: авторите не се читаат меѓусебно, нема литературна критика и, секако, се очекуваат бесплатни примероци… Како настана оваа ситуација? Како литературата да стане повидлива и поприсутна?

Јерговиќ: Во времето на социјализмот постоеше државна грижа за културата, а особено за живата книжевност, како најважна, како витален елемент на секоја национална култура. Со самото тоа, и медиумите во тоа време беа мошне заинтересирани за книжевноста, редовно се објавуваа книжевни критики, писателите беа важни креатори на општествената сцена, насочувачи на општествените текови… Денеска сето тоа исчезна. На власт и во опозиција се луѓе што ништо не читаат. Тоа го знам со сигурност на примерот на Хрватска. Не верувам дека ниту еден член на актуелната хрватска влада има прочитано сериозно книжевно дело, да речеме некој роман или збирка поезија откако излегол од основно училиште. А писателите, тие очекуваат некој да им достави бесплатни примероци од новите книги. Не се сеќавам дека во последните десет години сум сретнал некој писател во книжарница.

Од друга страна, развојот на технологијата, секако, води кон напредок, но дали печатените книги би ги замениле со електронски? И дали човечкиот род по малку „забегува“ применувајќи ја технологијата толку ревносно, преку сите тие самофотографирања во сала за операции, или на погреб…?

Јерговиќ: Сметам дека премногу се говори за технолошкиот напредок како за нешто што ги спречува традиционалните медиуми или ги спречува луѓето да читаат сериозна литература. Тоа нема премногу врска со технологијата. Попуста е и расправата за електронските книги. Книгата е книга, сеедно дали е од хартија или е на струја. А самофотографирањето не е ништо ново. Луѓето отсекогаш се фотографирале меѓусебно, изработувале фотографски автопортрети снимајќи се во одразот на огледалото или во излозите на продавниците. Пред да постојат фотографиите се одгледувале во огледало, во поточето, на површината на мирната вода. Сето тоа било самофотографирање. И пештерскиот човек правел такви фотографии.

Прво Ваше дело што беше преведено на македонски јазик е „Сараевско марлборо“ во 1999 година. Напишана во 1994 година, додека сѐ уште траеше опсадата на Сараево, насловот на книгата алудира на босанскоамериканските односи, со оглед на тоа дека локалниот пушачки вкус се наведува на „марлборо“ дизајнирано од стручњаците на „Филип Морис“. Токму за ова се говори во една приказна, која се осврнува на американската неспособност да ги согледа настаните во балканската војна поинаку отколку како клише. Сметате ли дека оттогаш се поместија работите? Дека на Балканот не се гледа како клише?

Јерговиќ: Да не зборуваме за Американците како виновници за што било, ниту за Западот што нешто разбира или не разбира. Да не говориме за западните клишеа на тема Балкан. Ние сме си самите виновни за сѐ што ни се случува.

 

Пишува: Невена Поповска
(Текст објавен во 248. број на неделникот „Република“, 2.6.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top