| четврток, 6 декември 2018 |

Наградата „Васил Ќортошев“ на 53. ДАФ ја освои претстава на МОФ

Жирито наградата за најдобра режија му ја додели на Димитар Шутевски за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество за претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во изведба на Младинска сцена при Интимен театар – Битола

Со прогласување на победниците во одделни категории и со врачување на наградите синоќа заврши 53-то издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ), кој од 29 мај до 3 јуни се одржуваше во Кочани.

На сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ беа прикажани 13 претстави во официјална конкуренција од Македонија и Србија.

Жири-комисијата во состав: м-р Димче Николовски, режисер, Андреа Голуб, драмски уметник и Венцо Димитров, сценограф, за најдобра епизодна женска улога и доделија награда на Бисера Димитриевска. Таа е наградена за стабилното и конкретно субјективизирање на ликот на Мелиса во претставата „Ништо без Трифолио“ од Русомир Богдановски, во режија на Стоје Додевски, а во изведба на Аматерскиот театар „Куманово“ од Куманово.

Наградата за најдобра епизодна машка улога ја доби Јовица Сиљаноски за покажаниот огромен творечки потенцијал и свежината што ја внесе во секоја појава на сцената во улогата на Диме Такси, во претставата „Големи и мали“ од Бошко Смаќовски, во режија на Михајло Петревски, а во изведба на Аматерски театар при НУЦК „Кочо Рацин“- Кичево.

Јована Јосеска ја доби наградата за најдобра женска улога за, како што се наведува, филигранското пласирање на успешно изградениот лик – Донка во претставата „Големи и мали“ од Бошко Смаќовски, во режија на Михајло Петревски, а во изведба на Аматерски театар при НУЦК „Кочо Рацин“ – Кичево.

Наградата за најдобра машка улога ја доби Јанко Шаркези за врвното актерско мајсторство во улогата на Франсоа Пињон во претставата „Вечера будала“ од Френсис Вебер, во режија на Александер Бако, а во изведба на КУД „Бранко Радичевиќ“ – Стара Пазова, Република Србија.

Жирито наградата за најдобра режија му ја додели на Димитар Шутевски за успешното фузирање на интимните желби и идеалите со проблемите на денешното општество за претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во изведба на Младинска сцена при Интимен театар – Битола. Наградата за уметничка иновација и истражување во аматерскиот драмски израз ја доби претставата „Дисфункција“ од Ана Жежовска, во режија на Димитар Шутевски, а во изведба на Младинска сцена при Интимен театар-Битола, за искрената пожртвуваност и штедроста во создавањето на авторскиот проект.

Гран-при наградата „Васил Ќортошев“ за најдобра претстава и беше доделена на претставата „Илустрации за тоа како идејата го запрепастува човекот кој не е спремен за тоа“ во режија на Наталија Теодосиева и Јаков Спасов за квалитетната колективна игра и вештото извршување на задачите во една комплицирана естетика, а во изведба на театар „Kunstwerkstatt“ при Младински образовен форум – Скопје.

На фестивалот беше доделено и специјално признание на претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски во режија на Јован Цветковски, а во изведба на НАТГ „Аматер“ – Охрид за зрелиот и сериозен пристап при доловувањето на комплексните прашања што ги поставува современата пиеса „Буре барут“.

Во чест на наградените се одржа и ликовен преформанс на Сергеј Андреевски со музички хепенинг под наслов „Ние (запирка другарите).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top