Германската канцеларка Ангела Меркел денеска изјави дека Берлин „одлучно е на страната на Британија“ по синоќешниот напад во Лондон, при што загинаа шест луѓе, а речиси 50 се повредени.
– Денеска сме обединети преку граница и се чувствува ужас и жал, но исто така и одлучност. Што се однесува до Германија, повторувам дека сме во борба против сите облици на тероризам и одлучно сме на страната на Британија, посочи Меркел.
Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон соопштено е дека во нападот во Лондон повредени се двајца државјани на Франција, од кои едниот има потешки повреди.
– При ова нова трагедија, Франција е со Велика Британија повеќе од кого било. Мислите ми се со настраданите и нивните блиски, напиша претходно Макрон на Твитер.
И канадскиот премиер Џастин Трудо на Твитер го осуди нападот во Лондон.
– Ужасни вести од Лондон. Внимателно ја следам ситуацијата, истакна Трудо.
Шефицата на австралиската дипломатија Џули Бишоп нападот во Лондон го оцени како шокирачки.
– Подготвени сме заедно да дејствуваме со британската Влада во справувањето со нападите. Сочувствуваме со настрадани и нивните блиски, наведе Бишоп.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер исто така го осуди нападот во Лондон и изрази сочувство до жртвите и нивните семејства.
Претседателот на САД, Доналд Трамп на Твитер го прокоментира синоќешниот терористички напад во Лондон, изразувајќи солидарност со жителите на главниот град на Велика Британија, а во истовреме ја промовира сопствената Уредба за забрана за патувања со авион од поединечни муслимански држави како дополнителна мерка за заштита на Американците.
– САД се тука за да им помогнат на Лондон и на Обединетото кралство. Со вас сме. Бог да ве блогослови, напиша Трамп на Твитер.
Тој додаде дека „мораме да бидеме паметни, внимателни и силни“.
– Судовите мора да ги вратат нашите права. Потребна ни е Уредба за забрана за патувања како дополнителна мерка за безбедност, истакна Трамп.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.