| четврток, 6 декември 2018 |

Светскиот ден на животната средина беше одбележан во градскиот парк

5 Јуни – Светскиот ден на заштитата на животната средина просторот пред Школката во Градскиот парк беше одбележан со богата програма

RAC_9650

Мотото на годинешното одбележување на 5 Јуни е „Мисли – јади – заштитувај“, тема дадена од Програмата за животна средина на Обединетите нации. Целта на одбележувањето на овој ден е да се испрати порака храната да се купува и троши умерено и да се намали количеството употреблива храна што завршува на отпад. Денешната манифестација по повод 5 Јуни ја отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за животна средина, Абдулаким Адеми и заменикот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Алесандро Фракасети.

– Денеска сме собрани за да му се придружиме на Светот, заеднички да го одбележиме Светскиот ден за заштита на животната средина. Заштитата на животната средина претставува мноштво осмислени активности насочени за урамнотежување на наследените природни ресурси со потребите на современото општество и поединците. Мораме да сфатиме дека вознемирувачките слики на денешното уништување на животната средина низ светот е наша реалност која треба најитно да ја измениме. Глобалното затоплување, трошењето на озонот, исчезнувањето на многубројни видови растенија и животни, снемувањето шуми, се трајни процеси со несовладливи последици. Човекот мора да стане свесен дека не е, ниту смее да биде, господар на природата, туку дека е само дел на една единствена природна целина, во која владеат природни закони кои треба да станат дел од нашата свест. Затоа, следете ги и почитувајте ги упатствата и препораките за штедење на водата и на енергијата, купувајте производи за кои не се користи дополнителна амбалажа, сепарирајте го отпадот, грижете се за својот двор и дворот на своето училиште, чувајте ги излетничките места. Создадете имиџ на млад екологист, создадете личен печат на своето однесување. Денеска апелирам до сите граѓани на Скопје, рационално да ја купуваме и трошиме храната, а она што ќе ни остане, да не го фрламе во контејнерите, со што храната ја претвораме во отпад и ја оптоваруваме депонијата и животната средина, туку вишокот храна да го подадеме на оние на коишто им е потребна, а немаат можност да ја набават, или да ја донираме на Центарот за бездомни лица за кој се грижат Градот Скопје и Црвениот крст на Град Скопје. Дел од ваквите прехранбени продукти можат да завршат и во Зоолошката градина или Стационарот за бездомни животни на Град Скопје – порача градоначалникот Трајановски.

RAC_9955

Министерот Адеми во своето обраќање нагласи дека Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации пресметала дека околу една третина од глобалното производство на храна е или фрлено или загубено и тоа се случува во исто време кога секој седми жител во светот оди во постела гладен.

Градоначалникот Коце Трајановски денеска ги додели наградите на најдобрите во традиционалниот конкурс на Град Скопје за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на заштитата на животната средина, за најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција, фирма или стопански објект, најубав состав на тема екологија за ученици од основните и средните училишта и за најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните и средните училишта.

RAC_9716

Оваа година добитници на наградите се:
1. За најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина) наградата ја доби АДОРА инженеринг Скопје,

2. За најголем придонес во областа на заштитата на животната средина (правни или физички лица кои со своја активност и залагање сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје) – наградата му припадна на СУГС „Никола Карев“,
3. За најубаво уреден двор на објект за индивидуално домување наградата отиде во рацете на Марија Најдова, за двор во општината Кисела Вода.

– За најубаво уреден двор на објект за колективно домување награден е ученичкиот дом ЈУУДГ „Здравко Цветковски“,
– За најубаво уреден двор на фирма или стопански објект награден е „АДИНГ“ АД Скопје,

4. За најубав состав на тема екологија за ученици од основните училишта наградата отиде во рацете на Филип Гравчевски, 8б одделение во ОУ „Коле Неделковски“

– За најубав состав на тема екологија за ученици од средните училишта награда доби Надежда Атанасова, III 2, во СУГС „Орце Николов“,

5. За најубав цртеж на тема екологија за ученици од основните училишта наградата отиде во рацете на Сара Јагликовска III 2 одделение од ОУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ и Александра Ѓорѓиевска, VII 1 одделение од ОУ „Гоце Делчев“,
– За најубав цртеж на тема екологија за ученици од средните училишта награда доби цртежот на Мартина Мијушковиќ,Бојана Кокиновска и Елена Мицева, ученички во втора година во СУГС „Никола Карев“.

RAC_9976

Работната единица Градско зеленило – реон Центар од ЈП „Паркови и зеленило“ денеска доби благодарница за особен придонес во заштитата на животната средина.

Министерот Абдулаким Адеми на градоначалникот Коце Трајановски и на заменикот на постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Алесандро Фракасети, им подари графити изработени од ученици во ДСУ „Лазар Личеноски“ заради континуираната добра соработка.

Денешното одбележување на Светскиот ден за заштита на животната средина во Градскиот парк е во организација на Град Скопје и на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top