| четврток, 6 декември 2018 |

Караџовски: Во владината програма не гледам излезни решенија за судството

karadzovski-701x387

Во програмата на Владата, која денеска, најверојатно, ќе биде изгласана, не гледам излезни решенија туку идеи, предлози и желби, изјави претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. Тој уште еднаш го повтори ставот дека во согласност со постојниот Устав и законите, генерален реизбор на судии не може да биде извршен. Според Караџовски, европска пракса за генерален реизбор нема.

Кога ќе биде формирана владата и ќе имаме нов министер за правда, ќе разговараме. Но, хајката што се прави против судиите, дека тие се безмалку мафијаши, исполитизирани и не знаат да работат, е закана, вели Караџовски и додава дека мора да има конкретна одговорност за секој судија.

Тој вели дека голем дел од она што е напишано за судството во владината програма е веќе имплементирано од 2013 година.

Се предлага мерит систем, по заслуги, а тоа веќе го има во сегашниот закон. Изборот на судии и претседатели што го правиме е врз основа на оценките, на тоа судиите имаат право на приговор и кога ќе се направи конечната ранг-листа, се врши изборот, категоричен е Караџовски, додавајќи дека „политиката нема влијание на изборот на судии“.

На новинарско прашање дали ќе побараат одговорност од Кривичниот совет на Врховниот суд за одлуката за укинување на притворот на Сеад Кочан, Караџовски со одговор дека „тие не можат да ги преиспитуваат одлуките на пониските и на Врховниот суд“.

Ние не сме четворостепен суд и не можеме да преиспитуваме одлуки на пониските и на Врховниот суд. Доколку има нестручно и несовесно однесување, би можело да има соодветна постапка, која ние не ја иницираме. Судскиот совет е административен орган и не преиспитува судски одлуки. Без да се има увид во комплетниот предмет и да се знаат сите факти, не треба да се донесуваат судови дали судот погрешил или не погрешил, заклучи Караџовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top