Еден од најуспешните параолимписки пливачи во светот, лордот Крис Холмс од Ричмонд, Британија кој е добитник на девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал доаѓа во Скопје. После бројните мотивирачки говори на ТЕД конференциите низ светот, овој голем борец за социјална инклузија на лицата со попреченост ќе ја сподели својата инспиративна приказна на јавен настан „Очи за еднаквост“ на први јуни 2017 (четврток) во 12:00 часот во Младински културен центар – Скопје.
Целта на настанот е покренување на свеста во општеството за способностите што ги имаат лицата со попреченост и нивно мотивирање за активно учество во општествениот и културниот живот. Настанот е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, поддржан од Британската амбасада во Македонија.
За своите искуства во спортот во Република Македонија ќе говорат и македонскиот параолимпиец Бранимир Јовановски и Вангел Тркаљанов кој се занимава со параглајдерство. Пораки за инклузија, антидискриминација и правда ќе споделат и Чарлс Гарет, амбасадор на Британија во Македонија и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија. Модератор на настанот е новинарката Ана Јовковска.
– Многу ми е драго што ќе го посетам Скопје во поддршка на мисијата на Обединетото Кралство. Особено се радувам што ќе се видам со многу луѓе од разлчни организации и средини. Ова е мојата прва посета на Македонија и искрено се радувам што ќе искусам нов град и нова држава – изјави лордот Крис Холмс од Ричмонд, Британија.
Според Чарлс Гарет, амбасадор на Британија во Македонија, општество кое сфаќа дека не се сите луѓе исти, кое создава простор и дава поддршка на сите на кои им е потребно и кое не ги крие некои од своите членови, ќе биде посилно општество и со поголема самодоверба.
Лордот Крис Холмс од Ричмонд кој на возраст од 14 години сосема неочекувано, преку ноќ, го изгубил видот е еден од најуспешните параолимписки пливачи со освоени девет златни, пет сребрени и еден бронзен медал. Лордот Холмс исто така бил директор на Параолимпијадата, одговорен за организација на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година. Од 2013 година Крис Холмс станува член на Горниот дом на Парламентот на Британија (House of Lords) како Лорд Холмс од Ричмонд, фокусирајќи го своето работење на вработување, образование и вештини, медиуми, спорт и дигитални можности за лицата со попреченост. Во периодот од 2013 до 2017 година тој бил извршен директор на Комисијата за еднаквост и човекови права, водеjќи го Комитетот за попречености. Член е на неколку анкетни комисии за дигитални вештини, социјалната мобилност и финансиски исклучување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.