Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи втората седница на која единствена точка на дневниот ред е избор на влада.
Зоран Заев до Собранието во неделата околу полноќ ги достави предлог-програмата и предлог-составот на новата влада. Собраниската седница е закажана за 11 часот. Според Деловникот за работа на Собранието, Заев ќе има обраќање пред пратениците, по што ќе следува претресот. Редоследот на говорите на пратениците и седењето во собраниската сала беше договорен на вчерашната координативна седница со Талат Џафери. На оваа седница не присуствуваше претставник од ВМРО-ДПМНЕ.
Владата треба да биде избрана два дена по отпочнувањето на седницата, односно најдоцна до среда на полноќ. За таа да биде избрана, потребно е да гласаат најмалку 61 пратеник.
Во новата влада министри ќе имаат СДС, ДУИ и Алијанса на Албанците, кои имаат мнозинство од 62 пратеници во 120-членото Собрание.
Радмила Шекеринска е предложена за министер за одбрана, Оливер Спасовски – за внатрешни работи, Драган Тевдовски – за финансии, Никола Димитров – за надворешни работи, Рената Тренеска-Десковска – за образование и наука, Горан Сугаревски – за транспорт и врски, Љупчо Николовски – за земјоделство, Мила Царовска – за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски – за информатичко општество и администрација, Роберт Алаѓозовски – за култура. Кочо Анѓушев е предложен за министер без ресор и ќе биде вицепремиер за економски прашања. За министри без ресор се предложени и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.
Министри без ресор предложени од ДУИ ќе бидат Хазби Лика, Бујар Османи, кој ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, и Рамиз Мерко. Садула Дураку е предложен за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија и Билен Саљији за министер за правда.
За министер за локална самоуправа е предложен Сухејл Фазлиу, додека за министер за здравство Арбен Таравари. Фазлиу и Таравари се предлози на Алијанса за Албанците.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваат на седница на Собранието за избор на влада на Република Македонија.
– ВМРО-ДПМНЕ и пратениците на Коалицијата „За подобра Македонија“ од самиот ден на верификација на мандати, па до последниот ден на мандатот на ова Собрание активно ќе учествуваат во неговата работа. Бидејќи мандатот и довербата дадена од граѓаните се да го застапуваме нивниот интерес, да ги браниме интересите на државата и да промовираме политики и проекти што се корисни за Република Македонија и истовремено да се обидеме да попречиме одредени политики или проекти коишто сметаме дека би биле штетни за македонското општество, економија или стабилност – рече вчера Антонио Милошоски, член на Извршниот комитет на партијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст