| четврток, 6 декември 2018 |

Тркалезна маса на „Про-за Балкан“: Преведувачот е клучен за поголема видливост на балканските писатели

Дванаесет писатели и издавачи, гости на фестивалот „Про-ЗА Балкан“ денес во ЕУ-инфо центарот во Скопје учестувуваа на тркалезната маса на тема „Писатели од Балканот : Визибилност“. Трибината е дел од тридневниот фестивал во организација на издавачката куќа „Икона“, чија цел е да ја афирмириа и промовира балканската прозна литература.

На трибината, под модераторство на писателот Владимир Јанковски, учествуваа гостите на фестивалот : Миљенко Јерговиќ, Влада Урошевиќ, Наташа Крамбергер, Браги Олафсон, Мурат Ѓулсој, Владимир Пиштало и Антон Баев, македонските автори Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски, како и членовите на Скопје фелоушип програмата: Емаунел Колас од Франција (од „Галад Едисион“), Тамер Саид од ОАЕ (Групација „Калимат“) и Ненад Шапоња од „Агора издаваштво“ од Србија.

Учесниците на трибината ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој истакна дека поттик за годинашната тема на тркалезаната маса, се зборовите на ланскиот гостин и лауреат, Георги Господинов од Бугарија, дека писателите од Балканот, без разлика колку и да се талентирани, треба да вложат двојни напори за да имаат барем сличен успех како авторите од големите земји .

„Според мене, проблемот има многу слоеви, почнувајќи од состојбата на т.н мали јазици, недостигот на преведувачи и неспособноста за презентација во странство. Проблемот е и што голем број балкански писатели не користат ниту пак знаат за литературни агенти . Кога и сето тоа ќе се надмине, доаѓа проблемот со добар преведувач кој е е клучна фигура во ова приказна“ – рече Трајкоски.

Разговорот го почна Прокопиев, кој навраќајќи се на перидот на поранешна Југославија, рече дека и тогаш и денес, има голема соработка меѓу писатетелите од тие земји, токму благодарение на фестивали како „Про-ЗА Балкан“ или иницијативи како „Традуки“.

„Од друга страна, се отворија нови простори кои порано не беа познати. Лично за мене, стекнав ново читателско и пријателско искуство со автори од Бугарија, Турција и од Романија. Турската сцена вложи огромен напор со помош на агентите и стана многу моќна во светскиот пазар. Во европскиот пазар, добро напредуваме, преведувани сме и читани, тоа е нов пазар кој ни се откри изминативе години, за разлика од времето додека бевме во  Југославија , малку автори Македонци беа преведувани. Не знам што беше причината , но моето искуство се промени во однос на Европа, затоа што влеговме во механизмите на книжевната индистрија. Но, во Европа се` уште владее со критериуми, додека во САД  владее со профит. Европа е доста отворена, но ни фали подобра стратегија, не само со отворање на оддели за преводи, туку со градење на критеруми кои автори треба да се преведат. За поголема афирмација на Балканот, секако придонесуваат  вакви средби, посебно што доаѓаат гости од различни земји од светот“ – заклучи Прокопиев.

Наградуваниот српски автор Пиштало, говореше за искуството од животот во САД, каде предава на Колеџот „Бекер“ во Масачусетс, потенцирајќи оти секако дека животот таму, придонел за неговите книги да бидат преведувани на англиски и на повеќе други јазици.

„Сметам дека се наоѓаме во конзервативно време,  во смисла на интересирање за нови идеи. Нашата свест е останата во 1920 година, кога се` било можно. Денес владее ставот дека тимот кој победува не се менува. Во САД, само три отсто од книжевниот пазар е отстапен за литература од останатиот свет. Значи американскиот читател  е само три отсто заинтересиран за перспективите на светот. Немам анти-американска пропаганда, сакам таму да живеам, но ова е застрашувачки. Кога и да размислувам на тоа прашање, колку и останува на пример простор на француската, на бугарската литература , се вознемирувам за тоа кои култури се игнорирани, а се плашам и за културата која ги игнорира“ – потенцираше Пиштало.

Исландскиот писател Олафсон рече дека писателите кај нив не се чувствуваат изолирано на светската сцена, иако е мала земја со 330 илјади жители.

Тој е задоволен од пласманот и интересот од светскиот пазар, а смета дека тој успех се должи што светот на Исланд гледа како на егзотична земја од Северот.

Издавачот од Франција, Колас го сподели искуството со книжевната ситуација кај нив, каде после ланските терористички напади, се зголемува интересот за домашната литература, а драстично се намалува побарувачката за книги од арапскиот свет.

Колас како и Саид, меѓудругото, потенцира дека е исклучително важно да се најде добар преведувач и дека авторите не треба строго да се насочуваат кон големите издавачки куќи, туку да се интересираат и за помалите издавачи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top