Неговиот „Нома“ со години наназад го прогласуваат за најдобар ресторан во светот. Но, Рене Реџепи не е само страсвен шеф на кујна, туку и човек кој премногу ја цени лојалноста.
Ова е приказна за Али Сонко од Гамбија, кој во родната африканска земја бил фармер. Тој пристигнува во Данска пред 34 години, за на своето семејство да му осигура подобра иднина. Работата како мијач на садови во елитниот ресторан „Нома“ во Копенхаген ја добил пред 14 години.
– Не можам со зборови да опишам колку сум среќен и задоволен од животот во Данска. Работам со најдобрите луѓе во светот. Ми значат повеќе од пријатели, со годините станавме како семејство. Секогаш се покрај мене, ме почитуваат, а повеќе од тоа човек не може да посака – рекол своевремено 62-годишниот Сонко.
Неговиот шеф, Рене Реџепи, инаку роден и пораснат во Македонија, неодамна одлучил да го затвори ресторанот во центарот на Копенхаген и да го премести нешто подалеку, на урбана фарма. Притоа Гамбиецот Али го прогласил за бизнис-партнер и го именувал како еден од тројцата сопственици на угостителскиот објект.
– Али е срцето и душата на „Нома“. Секогаш е насмеан и позитивен. Да го имаш крај себе е вистински благослов – изјави Реџепи за „Би-Би-Си“.
Тој раскажува и дека неговиот татко се викал Али и исто како Сонко, бил мијач на садови кога пристигнал во Данска.
Ресторанот поради квалитетот два пати бил награден со Мишелинова ѕвезда, а три пати ја освоил и наградата за најдобар ресторан во светот.
Кога во 2010 година требало да ја подигне наградата во Лондон, на Сонко не му била одобрена виза, но неговите соработници не го заборавиле – на церемонијата се појавиле со маици со неговиот лик.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.