Потегот на еврокомесарката за надворешна политика, Федерика Могерини, да го покани Зоран Заев како мандатар на премиерска вечера во Брисел е само уште еден пример за бескрупулозно газење на европските принципи и вредности од страна на бриселските бирократи, но и дрска демонстрација на сила кон гордиот и мирољубив македонски народ. Поканата, во која е наведено дека Заев е поканет во својство на „определен премиер“, не е ништо друго освен порака до македонскиот народ дека со државата ќе управува човекот што тие го назначиле, а не тој што бил изгласан од народот, без разлика дали е избран во редовни процедури предвидени за формирање влада. Примената на сила за устоличување амнестиран криминалец што загуби на изборите (како и на сите претходни), всушност, покажува чии интереси ќе застапува новата власт и на чија штета!
Додека тие што го „определиле“ Заев за премиер ја очекуваат отплатата на неговиот долг, ќе мора да смислуваат начин како да го одржат на власт и по следните избори на кои тешко дека ќе може да се надеваат на овие резултати. Останува да видиме дали повторно ќе решат да купуваат стотици илјади гласови или ќе го прогласат за доживотен премиер. Можеби ќе биде прогласен од „дип стејт“ за цар, а Македонија ќе стане царство на лажговците и на предавниците. Шегава ја пишувам со сиот ризик да биде прифатена и применета од „чадорот“ како нов оперативен план, со оглед на тоа дека слични луди и нереални сценарија што ги пишував пред две години, денес ги гледаме како реалност.
Имено, уште од почетокот на кризата тврдев дека СДС може да дојде на власт преку избори единствено ако се смени народот и ако на избирачкото ливче го нема ВМРО-ДПМНЕ. Во недостиг на поддршка кај Македонците, видовме како на 11 декември странците му обезбедија на Заев околу 70.000 албански гласови кои сигурно нема повторно да гласаат за него ако не им го исполни ветеното. Со оглед на тоа дека Заев јавно се откажа од тиранската платформа, останува да видиме дали ќе ги зачува симпатиите кај арачиновци со изградба на нова канализација или повторно ќе си го погази зборот.
Свесни дека и во олку окупирана Македонија нема да можат да го одржат подолго време на власт овој патолошки лажго и амнестиран криминалец, сега се обидуваат да го уништат политичкиот противник ВМРО-ДПМНЕ. Целта е партијата целосно да се збрише, а политичкото раководство да се затвори. Да видиме тогаш на кого ќе му застане на патот црпнатиот. Така, на следните избори народот ќе може да избира меѓу Заев и никој друг. Кој ќе му се спротивстави, ќе заврши во затвор како терорист. За таа цел им се потребни обвинители од типот на Катица, Ленче и Фатиме, кои, сироти, дури и со целата помош на странците и нивните служби, не успеваат да најдат релевантни докази за некаков криминал.
Иако за сомневањата нема докази, а уште помалку судска пресуда, Соросовите медиумски платеници немаат проблем во името на „професионалното новинарство“ да прогласуваат криминалци и јавно да ги распнуваат. Ако се водиме по нивната логика и ако ги применуваме нивните стандарди, најголем криминалец во моментот во Македонија е амбасадорот Џес Бејли, кој е осомничен за злоупотреба на 5 милиони долари од даночните обврзници во САД. Но, тој како гувернатор на државата, нели, не смее да биде под лупа на јавноста. Како и да е, Катица, Фатиме и Ленче им требаат на СДС за јавно парадирање и за правење медиумски циркус, а не за собирање докази. „Клетите вмровците“ може да бидат осудени и без докази. Потребно е само СДС да ги спроведе „реформите“ во судството со кои целосно ќе ја заокружи окупацијата на судската власт, нешто слично како во 90-тите години кога Црвенковски за еден ден постави 600 судии. Тогаш сигурно ќе поминат сите обвиненија на СЈО дури и да се подготвени од обвинител од калибарот на Катица Јанева.
Како народот ќе дознае дека неписмената Катица со монтирани случаи ги сместува во затвор патриотите, а ги ослободува терористите по налог на истите тие странци кои ја поставија неа исто како Заев? Преку медиумите? Во моментот се работи на целосно збришување на секој критички настроен медиум кој не ја следи политиката на окупаторите. Непослушните новинари ќе бидат уште пожестоко напаѓани, прогонувани и жигосувани, а медиумите што не се под капата на СДС и Сорос ќе бидат затворани. Всушност, дури и уште пред официјално да биде промовирана квислиншката влада, можеме јасно да ги видиме никулците на новиот фашистички поредок – засилени политички хајки, јавни закани кон новинари што не се по волја на СДС, цензура, најави за реваншизми, освети, закани за уривања споменици… Сѐ во рамките на новиот живот!
Но, да бидеме на чисто! Сето тоа ќе трае додека трае. Не постои окупаторска власт која успеала да се одржи бесконечно долго. Не постои режим што уништил цел народ. Што и да биде урнато утре, повторно ќе биде изградено! Секое зло ќе биде регистрирано и по паѓањето на квислиншката власт ќе биде казнето. Колаборационистите се излажале ако мислат дека ќе бидат амнестирани од нивните злодела кои ги правдаат со некаква борба против криминал.
Значи, политиката на реваншизам и одмазда може да биде погубна, но само за СДС и за нивните соработници. Амнестиите од некои си Бејлиевци, Хојтлиевци, Хановци и Могериновци имаат краток рок. Случаите за криминалите турнати под тепих ќе им бидат извадени уште првиот ден по следните избори на кои ќе бидат детронизирани. Деструктивната политика на однародената СДС не само што ќе биде поразена, туку и уништена од истиот тој народ што сега го гази со помош на странци.
А, до тогаш ќе ги регистрираме и ажурираме сите лаги и предавства на Заев, на неговите соработници и на нивните медиумски слуги. Парите што ги добија за предавството на својот народ ќе ги потрошат, но срамот ќе им остане да си го носат до крајот на животот!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.