| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Почнува со работа ПЕТ-центарот во Скопје, капитален проект во македонското здравство

nikola-gruevski

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на „Фејсбук“ објави дека денес почнува да работи со пациенти уште еден објект од огромно значење за македонското здравство. Се заокружува ПЕТ-центарот во Скопје, кој преставува капитален проект во македонското здравство, пишува Груевски.

– Пред само една недела се потпиша договор за градба на нов клинички центар во Скопје, која ќе следи и за која се обезбедени средства, а денес имаме завршен проект, односно почнува со работа со пациенти, се заокружува ПЕТ-центарот во Скопје, којшто претставува капитален проект во македонското здравство. Станува збор за најсовремен, најсложен и единствен објект од ваков тип не само во Македонија, туку и во поширокиот регион.

– Секоја фаза од развивање на ПЕТ-центарот беше одобрена и сертифицирана од Меѓународната агенција за атомска енергија. Најсовремената дијагностика во ПЕТ-центарот ќе овозможи прецизна дијагноза, како и прецизно следење дали е ефикасна терапијата кај пациентите со малигни заболувања. Ваквата инвестиција ќе спаси многу човечки животи – информира Груевски.

Објектот каде што се простира Центарот опфаќа вкупна површина од 2500 м2. Вкупната инвестиција е околу 16 милиони евра.

– Се располага со опрема за производството на радиофармацевтици и посебен дел со циклотрон во кои за прв пат во Македонија ќе се произведуваат радио изотопи. Се располага и со оддел за дијагностика во кој е предвидено приемното одделение за пациенти, приемна амбуланта, простор за апликација на радио фармацефтикот, кој е со специфична форма и има строго дефинирана заштита.

– Стручниот кадар кој е ангажиран во установата има завршено обука во Универзитетската клиника „Св. Орсола“ при Универзитетот во Болоња. Со изградбата на овој напреден ПЕТ-центар Македонија влегува во нова, понапредна фаза, во медицината. Ова е проект кој беше предвиден во нашата програма и претставува уште едно реализирано ветување. Овој центар останува на Република Македонија и ќе значи ниво погоре во медицинската заштита за пациентите. Центарот ја става земјава на повисоко ниво на светската здравствена мапа и го подига нивото за давање здравствени услуги и најсовремена дијагностика, како и врвна научно-истражувачка работа – пишува Груевски на „Фејсбук“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top