Понеделнички, Катица повторно ја изненади јавноста. Многумина наивни социјалдемократи „паднаа“ во несвест затоа што, верувале или не, Јанева побара продолжение на мандатот на СЈО?! Зачуденоста од овој чин неминовно произлезе од една многу едноставна причина. Па чуму Катица бара продолжение на мандатот, кога целосно си ја изврши задачата за која беше создадено СЈО? Зошто побара нов мандат кога успеа во ниетот и во мисијата да му обезбеди мандат на Заев? Па нели тоа беше и поентата на оваа антиправна и партиска формација? Или, сепак, специјалците стигнаа до целта наложена од налогодавецот од ридот?
Да, иако дел од предвиденото е исполнето, крајната цел на параинституцијата е далеку од својот финиш. СЈО не го заврши своето недело. Крајната цел е уништувањето на опонентот на патетичниот муртински спасител. Сѐ додека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се присутни во јавноста, СДС без М нема да ја има посакуваната слобода за да ги испорача дадените ветувања што и го протуркаа до овде. А долгот е голем и виси над демоНкратските пориви и глави. И така, мисијата на Јанева и нејзината партиска подружница беше токму девалвација и разнебитување на политичките фактори што се грижат за националното и за унитарноста на државата. Вака, делумната исполнетост на задачите значи само немоќна марионетска влада, која стартува од позиција на слободен пад и силно ќе „тресне“ при првиот предизвик. Силен предизвик за нив, независно дали тоа било името, знамето, химната, грбот, јазикот, федерализацијата…
Замислете само, Заев и СДС без М прават излет и исполнуваат, а СЈО и Јанева не се тука за да ја заметкуваат јавноста со измислен криминал на ВМРО-ДПМНЕ? А толку се навикнаа на моментот, секогаш кога ќе направат или планирале да направите глупост, едноставно, вртат во СЈО и оп, дигресија! Како тогаш би функционирала владата на Заев без СЈО? Па не можат Могерини, Хан, Хојт Ји и компанија цело време да ги спасуваат, нели. Таксират, ама голем…
Со што од наведените идентитетски „реформи“ и да почнат, со опозиција како ВМРО-ДПМНЕ и силен народ, разбуден, длабоко освестен и одамна свесен за последиците од тиранската платформа, кој демонстрираше (досега невидени во Македонија) 250.000 присутни на протестите при посетата на „пријателот“ Хан, свесни се дека тоа ќе биде само брз почеток на крајот на нивната политичка кариера.
Соочени со вистината и со силата на противникот, на чија страна е народот и кој, уште побитно, му пречи на „чадорот“ и има мана што се противи на исполнувањето на неговите скриени желби, планот за уништување на непожелните политичари со став беше и е да биде токму преку продолжената рака СЈО. Кратенка што, всушност, значи СЕНЗАЦИОНАЛИСТИЧКО ИЛИ СОЦИЈАЛДЕМОКРАТСКО ЈАБАНЏИСКО ОРУЖЈЕ. Изберете самите…
СЈО: Многу фантазија, читање, глума и индиции со малку факти и докази
За голема жал на Катица, таа уште утредента беше засенета од недоветноста на Федерика Могерини, која без срам и перде го повика мандатарот Заев во Брисел. Нефер чин од Италијанката, која со преседанот го оттргна вниманието од толку тешко смислените и измислени последни обвиненија во СЈО, две од три против најголемиот непријател Груевски. Не сакајќи, чадорџиката засени толку труд и непроспани ноќи поминати во измислување. А и зошто да не, па ако го прогласија Талат за претседател на Собранието во 19.00, т.е. само половина час по неуставното назначување, чуму и мандатарот, кој сѐ уште преговара за Влада, да не го прогласат за нејзин претседател? Или, уште поедноставно, зошто во Македонија да има какви и да е избори, дали претседателски, парламентарни или локални? Едноставно, за да нѐ спасат од малтретирање и трошење пари, Брисел и Вашингтон нека ни избираат сѐ, па и така ни го прават тоа кршејќи ги сите правила и норми. Што е поентата на „имање“ држава во која сѐ се реди и наложува од страна? Настрана што секогаш ни мислат „добро“, а не дека тераат свои лични интереси, нели…
За гревота, но Могерини ја засени смокварката од Мрзенци токму откако „специјалците“ се „скршија“ од работа и од измислување случаи, во момент кога соочени со крајот на своето и така недоветно дејствување и мандат, притиснати од обврската да „испорачаат“, параинституционалките навлегоа во својот зенит. Со последните три случаи, се разбира на „Т“, Катица, Ленче и Фатиме го стартуваа слободниот пад кон залезот на „институцијата“, која во историјата ќе остане запаметена како најголем срам за правната фела во државата. Слично како шарената направија за поимот револуција. Се наѕира ли сличен историски пример со новиот премиер? По аналогија, нели…
Афинитетите и „квалитетите“ на СЈО
Во речиси 18 месеци работа покажаа едно. Дека „Вујаклија“ постојано им е отворен на буквата „Т“ и дека имаат многу, многу фантазија. Малку болна, но, сепак, фантазија. Само за потсетување, зброуваме за недоветните и без трошка докази во себе „Титаник“, „Тврдина“, „Тенк“, ТНТ“, „Тортура“, „Транспортер“, „Тифани“, „Тотал“, „Триста“, „Табла“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“, „Таргет“, „Тенк“, „Тарифа“, „Труст“, „Талир“, „Траекторија“ и „Тревник“… И така не е битно името, сите се против ВМРО-ДПМНЕ, што очигледно и беше целта на непрокопсаните називи. Генерализација, нејсе што е темелена на пусти индиции…
Не дека за една и пол година не покажаа и одредени квалитети. Можеби не правнички, но презентираа дузина други афинитети. Фатиме јасно и недвосмислено ѝ демонстрираше на македонската јавност дека има неостварена, силна и огромна желба да биде актерка. И подобро што не била, бидејќи со катастрофалниот талент ќе ги засенела дури и Ристиќ и Тасевски.
Катица, пак, освен афинитетот кон смокварството и становите, покажа дека има огромна желба да научи да чита. Некогаш, кога ќе го совлада и овој тежок чин, можеби и ќе успее да ги прочита и научи толку потребните закони.
Улогата на Ленче за многумина останува мистерија, но вистината е дека „чадорот“, кој им ја наметна играта со „Т“, холивудските циркусантски прес-конференции и омаловажувачкиот однос кон вистинските институции, неа ја наметна како ублажување за „способноста“, стилот и ликот и делото на Јанева. Класичен контраст или дигресија – каде да гледаат граѓаните при јавните настапи, со што би ѝ дала поголем простор и слобода на Катица. Колку понезабележителна и понеистакната, толку подобро за извршување на глупостите. Во сенка…
8 милиони во ветер, ама ветер во едрата на СДСМ
За овие речиси 18 месеци, кои набргу завршуваат, СЈО потроши неверојатни осум милиони евра. Народни пари, дадени во ветер, но не кој било, туку ветер што заврши во едрата на СДСМ. Нејсе што сѐ им се темели на индиции и за толку многу време не изградија ниту едно цврсто обвинение, но за дел од парите Јанева не мислеше дека е потребно ни да даде отчет пред Собранието, кое ги изгласа. Настрана што не го ни признаваат. Чекаа ли да дојде спикерот Талат за полесно да ги оправдаат? Да, новото „мнозинство“ создадено од машата на „чадорот“ преку предизборниот и постизборниот инженеринг, нема да има никаков проблем да ги оправда трошоците на Јанева. Колку и да се неоправдани и недоветни. Па што ако вработила дузина напатени и невработени социјалдемократски професионални плукачи и извртувачи, кои изминатите десетина години беа максимално внесени во девалвацијата на актуелната власт? Па и така тоа беше примарната целта на СЈО и затоа овие ликови толку добро се вклопија во пародијата. Очигледно, не е лесно да се биде спасителка на спасител од Муртино, макар и самонаречен. Останува само едно прашање, која ќе биде наградата за „претргнатото“ и за целата таа мака со измислување криминал? Да, новата „реформска“ влада забрзано доаѓа, „чадорот“ ја турка без исав, па нема да чекаме многу за да видиме со што ќе бидат наградени Заевите параинституционални борци. Заслужија дел од колачот. Им сработија многу, што е право, право е…
Каракамишева-Јовановска: Граѓаните нема да ги заборават холивудските карактеристики на трите грации
СЈО, многу очекувано, најави канонада од обвиненија во наредниот период против главниот конкурент на неговиот ментор Заев. Ако внимателно ја следевме последната прес-конференција на СЈО забележително беше дека таа не се разликуваше многу од претходните, со холивудските карактеристики на „нашите“ три грации-ловџики на „криминалот“ и на „корупцијата“ во земјата, вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје, според која тие постојано го користат истиот речник, истата насока и шема, истата цел.
Каракамишева-Јовановска: Единствената разлика на последната прес-конференција беше во тоа што шефицата јавно и со доза на голема паника си го покажа забот што најмногу ја боли.
Покажа дека, буквално, го преспа времето што ѝ беше дадено на располагање и сега како мамурен човек што е свесен дека мора да стане за да сработи нешто се препелка на прес-конференции и бара дополнително време за да може да сработи нешто што ѝ е однапред нарачано. Тоа што Јанева и другите спиеја на државни јасли 18 месеци, што во меѓувреме потрошија неколку милиони евра на луксузирања и на хонорарци, и пак не успеаа да најдат ништо посериозно во бомбастично најавените предмети, сега треба да се заобиколи, да се прескокне сопствената одговорност преку поднесување барање за продолжување на мандатот небаре мандатот им е виновен за нивната неодговорност и сервилност во работата.
Прво, фактот дека Биг Мама имаше потреба на самиот почеток од пресот лично и самоуверено да констатира дека СЈО и таа како шефица лично и персонално ја оправдале довербата што им била дадена од граѓаните, а која за неа била од огромно значење и дека, замислете, тие како јавни обвинители како досега, така и во иднина ќе продолжеле најпрофесионално да ја вршат својата функција, и дека СЈО во рамките на своето постоење се етаблирало како професионален државен орган што успеал да изгради интегритет на независна и непристрасна институција, а дека потврда за тоа била континуираната доверба, која граѓаните ја имале во ова јавно обвинителство како институција на која најмногу ѝ веруваат, всушност, покажува која е најголемата болка на Катица Јанева, која е најголемата колективна болка на СЈО и на сите инволвирани високо платени хонорарци во овој обвинителски циркус, кој повеќе од една и пол година секојдневно нѐ малтретира преку малите екрани.
Второ, ниту Катица Јанева ја оправдала довербата дадена од граѓаните, ниту СЈО некогаш бил, ниту кога било ќе биде професионален државен орган, ниту работата на оваа циркусантска група може да се третира како независна, а уште помалку како партиски непристрасна институција, ниту, пак, а најмалку СЈО и Јанева уживаат континуирана доверба од граѓаните. Ова се бесмислени лаги и ширење лажна самоувереност за пропагандна цел да се прикрие целиот срам и резил со кој е обвиен овој парадржавен орган, да се скрие сиот непрофесионализам и правно незнаење, кое повеќе од една година истекува од скапо платените врати на СЈО, и да се исперат колку што е можно повеќе валканите алишта од своето работење во согласност со партиската агенда на Заев и компанија.
Ниту можат да се исперат, ниту можат да го релативизизраат општиот граѓански впечаток дека СЈО има една единствена цел во системот, а таа е да оцрни сѐ и секого што значи нешто во ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните на РМ нема да ги заборават холивудските карактеристики на трите грации, нема да ги заборават театралностите во изведувањето на прес-конференциите небаре снимаат крими-филм, а не водат прес-конференција за сериозен државен орган каков што треба да биде јавното обвинителство. Во сите досегашни постапки јасно како ден се докажа селективната правда што најмногу ја милува СЈО, се покажа дека СЈО не ги почитува клучните начела на кривичната постапка, како што се начелото на пресумпција на невиност, тајноста на постапката, легалитетот на постапката, почитување на човековите права на осомничените и слично. За СЈО најважна работа во овие 18 месеци работа беше како побомбастично да го оцрнат Никола Груевски и неговиот најблизок тим од соработници и како да им налепат повеќе етикети дека се лоши луѓе.
СЈО е многу, ама многу далеку од независна и непристрасна институција за каква што се труди, со свои зборови, да ни се прикаже. СЈО е многу далеку од реализирањето на препораките на Венецијанската комисија бидејќи оваа Комисија никогаш и никаде во Европа и во светот не поддржала класичен партиски разгранок во правосудните системи, кој има единствена цел – да прави партиски лов на вештерки. Срамот и резилот на „професионалците“ во СЈО не може да се покрие со ниту едно повикување на препораките од Венецијанската комисија, ниту со обичното повикување на други документи донесени од Советот на Европа, од ЕУ, од ООН. Тие самите си се виновни што се ставија во скутот на Заев, и што слепо и војнички ги испорачуваат неговите наредби за поднесување обвиненија, жигосување и анатемисување на илјадници лица – членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Токму затоа во наредниот период ќе се изнагледаме секакви предмети за кои СЈО ќе се поставува во улога и на јавен обвинител, значи истражител, и во улога на основен, апелациски, па дури и врховен суд во исто време. Катица Јанева со својот тим ќе биде партиски егзекутор и оцрнувач на секој што ќе може да се појави како потенцијален играч на ВМРО-ДПМНЕ за победа на локалните избори. Целта ќе биде на досегашните, но и на можните идни нови кандидати за градоначалници што би произлегле од оваа партија, а кои како личности би можеле да однесат победа на оваа партија во општините.
СДС преку СЈО ќе биде бескрупулозен. Јавна тајна е дека СЈО е само една од алатките што СДС ќе ја користи за оцрнување на потенцијалните кандидати на ВМРО-ДПМНЕ. Другата алатка е, секако, целосното преземање на централната власт и бркање од работа на симпатизерите, поддржувачите и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Среќна нова ’49 година секој ден ќе ни биде на репертоарот. Уште сега, уште не устоличени упатуваат закани и уцени за бркање од работа, за партиски реваншизми, за чистки, за метли, за летање на глави и на други органи, и што ли сѐ не поради различно мислење и различен став од партискиот став на СДС. Велам став на СДС, бидејќи во оваа партија постои колективно едноумие како реликт од времето на СКЈ-СКМ.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 247. број на неделникот „Република“, 26.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.