| четврток, 6 декември 2018 |

Запалена куќата на Уго Чавез на протестите во Венецуела

Венецуелскиот опозициски пратеник Педро Луис Кастиљо денеска соопшти дека демонстрантите во западниот дел на земјата ја запалиле куќата во која како дете живеел Уго Чавез, како и неколку владини згради.

Пратеникот Кастиљо тврди дека куќата на Чавез во Баринас била запалена вчера попладне.

Како што наведе, запалени се и неколку згради, меѓу кои и таа каде се наоѓаат канцелариите на Националниот изборен совет.

Американските медиуми потсетуваат дека претходно, во текот на денот, најмалку едно лице го загуби животот во текот на протестот во Баринас.

Во последните два месеца во Венецуела илјадници граѓани демонстрираат против владата на претседателот Николас Мадуро и бараат нови избори.

Демонстрантите, кои се собираат веќе седум недели ширум Венецуела, бараат Мадуро да поднесе оставка и да распише избори, обвинувајќи ги неговата влада и неговиот претходник Уго Чавез за лошо управување со економијата.

Венецуелската економија е ослабена, со инфлација за која се очекува годинава да достигне дури 700 отсто, додека криминалот е раширен, наведува Би-Би-Си.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top