Мотоциклистичкиот спорт загуби шампион. Ники Хајден ја загуби најважната трка во животот. Освојувачот на титулата во Мото ГП првенството во 2006 година почина на одделението за интензивна нега во болницата „Маурисио Буфалини“ во Чезена како последица на тешко оштетување на мозокот. Поранешниот ас на Дукати се здоби со фатални повреди додека возеше велосипед во Римини кога во него удри автомобил.
Лекарите во Италија со денови се бореа за неговиот живот, но Хајден не се извлече. Од болницата се огласија со соопштение во кое се вели дека е примен со сериозна политраума, дијагноза што во медицината се користи за пациенти со повеќекратни трауматски повреди. Покрај тешките повреди на главата, американскиот мотоциклист се здоби и со тешки повреди на градниот кош поради што беше во индуцирана кома.
„Детето од Кентаки“ како го нарекуваат во мотоциклистичките кругови е последниот Американец со титулата во т.н. „кралска класа“ (Мото ГП). Ќе остане запаметен како човек што во 2006 година ја прекина петгодишната доминација на Валентино Роси.
Во Мото ГП шампионатот беше присутен 13 години. Почна во 2003 година, се повлече во 2016 година, период во кој, освен за Дукати, возеше и за Хонда. Учестуваше во 218 трки од кои во три победуваше и уште по 28 се искачуваше на подиумот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.