| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ ја објави „Чернобилска молитва“ на нобеловката Светлана Алексиевич

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на книгата „Чернобилска молитва“ од белоруската нобеловка Светлана Алексиевич. Алексиевич е добитничка на Нобеловата награда за литература во 2015 година, а ова е втора книга од неа објавена во „Антолог“, после „Војната нема женско лице“. Преводот на македонски е на Игор Станојоски.

„Чернобилска молитва“ е чудесна и потресна книга за личните соочувања на луѓето погодени од најголемата нуклеарна катастрофа во историјата на човештвото. 26 април 1986 година, Чернобил. Сведоштво од кое се ежи кожата. Каталог на трауми на луѓе погодени од катаклизмични настани чии ефекти беа пренесени низ целата планета. Болка, страв, бес и несигурност, кои сè уште се присутни како реалност или како заканувачка опасност што демне. Авторката дозволува оние што живееле и сè уште живеат во погодените области да ја раскажат сопствената приказна.

Гласови на жени сведоци на грозоморното умирање и распаѓање на телата на нивните сопрузи погодени од радијацијата. Жена што добива рак од седењето покрај креветот на кој спиел нејзиниот сопруг. Гласот на таткото што ја закопал својата ќерка, почината од болест што не постои. Гласот на старата жена што не може да сфати зошто мора да ги напушти селото и својата градина кога во неа сè расте и сè цвета. Во овој свет сè изгледа сосема нормално затоа што злото се крие зад маска и никој не може да го препознае, да го види, да го слушне, да го допре или да го помириса. А сè може да убие – водата, почвата, јаболкото, дождот.

Алексиевич нагласува дека ова не е книга за Чернобил, туку за последиците од Чернобил, за луѓето што живеат во нова реалност, која никако не можат да ја сфатат. Оние што го преживеале Чернобил се преживувачи на атомската Втора светска војна. А таа трае и денес, подмолно, бидејќи од она што се случува(ло) таму сè уште се пишуваат и ќе се пишуваат истории.

Уметноста многу пати вежбала апокалипса и нудела различни технички верзии на судниот ден, но сега со сигурност знаеме дека животот е многу пострашен писател. За оваа тема не смее да се молчи, а овие приказни не смеат да бидат заборавени од времето.

Светлана Алексиевич е родена во 1948 година во Ивано-Франкoвск (Украина) од татко Белорусин и мајка Украинка. Живее во Минск (Белорусија). Нејзините книги се преведени на повеќе од 30 јазици и биле основа на десетина драмски поставки. Според нејзини сценарија се снимени дваесетина документарни филмови. Добитничка е на огромен број награди, меѓу кои и на Нобеловата награда за литература во 2015 година. Алексиевич е творец на сосема нов, нефикциски жанр. Таа пишува „роман од гласови“. Градејќи го овој жанр од книга во книга, таа постојано ја усовршува естетиката на својата документаристичка проза, која се базира на стотици интервјуа. Ваквата нејзина вештина овозможила да го претвори оригиналниот глас на нејзините соговорници во уметничка кондензација на панорамата на душите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top