| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов – Бокова: Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО за заштита на културно-историското наследство

ivanov irina bokova

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Аман оствари средба со генералнот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која е разговарано за тековните и идните активности и проекти на Република Македонија во соработка со светската организација за образование, наука и култура.

Двајцата соговорници, соопштија од Кабинетот на претседателот, ја потврдија одличната соработка меѓу Република Македонија и УНЕСКО и изразија подготвеност за нејзино проширување во насока на натамошна реализација на проекти од областите на културата, образованието, науката, комуникациите, информациите, и во однос на програмите за млади и граѓанското општество.

Иванов истакнал дека Република Македонија придава големо значење на соработката со УНЕСКО и активно ги промовира и учествува во нејзините активности и иницијативи.

– Република Македонија ги поддржува програмите на УНЕСКО и ние сме исклучително посветени во напорите за заштита на изобилното природно и културно-историско наследство кое го имаме, посочи македонскиот претседател и изрази благодарност за поддршката која УНЕСКО континуирано и ја дава на Република Македонија преку проекти реализирани во рамките на мултилатералната и директната соработка.

На средбата се разменети мислења околу актуелните случувања во Република Македонија на политички план, информации за улогата на УНЕСКО во однос на бегалската криза,  како и за актуелностите и реформските процеси во светската организација. Во таа насока, Бокова го информирала претседателот Иванов за предизвиците со кои се соочува УНЕСКО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top