Понеделнички, колку да ни тргне неделата, нели, СДСМ и тиранските коалициски партии излегоа со, за нив, храбра понуда. Да, како „гром од ведро небо“ (читај – нови гласачи на контото на СДСМ), целосно неочекувано, во моментот кога сите мислеа дека ќе побараат локалните избори да се одржат во 2021година, чедата возљубени во глупостите на Рама и оперирани од машкост (во замена за власт, која подобро ги исполнува), излегоа со став дека се согласуваат за избори на 15 октомври?! А за бељата да биде уште поголема и почудна, ова беше последниот предлог од понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Верувале или не, по многу долго време Заев, Села, Касами и Ахмети прифатија нешто од Груевски. Поведени од искуството и новокомпонираната „не верувај му на Заев ниту на датум за избори кога се согласува“, логичното прашање е од каде овој неочекуван и неаргументиран наплив на машкост кај наведената четворка? Подобро кажано, што сѐ се крие во прифаќањето на октомвриското соочување со народот? Имајќи го предвид калибарот на играчите од самонареченото и со помош на постизборен инженеринг создадено „мнозинство“, опциите се многу, мала е веројатноста за исполнување на ветеното, а вистината, како и секогаш, ја знае само еден играч. Не е од одбраната, ниту од нападот. Голман, секако, не е. Се вика чадор…
Само, за да нема никаква забуна, ги праша ли ВМРО-ДПМНЕ тиранистите дали мислат на 15 октомври 2017 година? Знаете, 15 октомври има и во 2018 година, во 2019 година, во 2020 година, па и во 2057 година. Колку да се осигурат, требало. Се сеќавате, новопечените тиранисти што порано беа само безидејна и безвласна опозиција знаеја да не го почитуваат ниту тоа што го потпишале пред очите на милуваната „меѓународна“, а не па нешто што излегло како штуро соопштение од еден собраниски пратеник, кој благодарение на безобразната и нелогична (за нас, тие сигурно знаат зошто го прават тоа) поддршка на истата таа „меѓународна“ се претставува како, наводно, негов претседател. Настрана, сега се сметаат за власт…
Кој гарантира дека СДС без М нема пак да излаже?
Имајќи го предвид нивното мислење за народот и убеденоста во неговата „меморија на златна рипка“, коалиционерите орни за власт и за „реформи“, сигурно, мислат дека истиот тој заборави дека тие само минатата година двапати избегаа од избори. Требаше да одат на 24 април, потоа на 5 јуни, за да излезат дури на 11 декември 2016 година, добивајќи чадорова поддршка, милиони на УСАИД за медиуми и 70.000 албански гласови. Тогаш излажаа грдо дека не одат на мегдан поради „непрочистениот“ избирачки список и 500.000 фантоми. Во меѓувреме, лажните фантоми исчезнаа, како и што се појавија од нивните глави. А ако нешто не ви јасно, доколку сѐ уште сте зачудени од безобразието на поддршката на ЕУ и на САД за Талат Џафери и коалицијата, која со сета сила води кон распад на оваа држава, сетете се само на нивниот однос кон бојкотот на СДСМ на изборите на 24 април и на 5 јуни 2016 година! Истата таа „меѓународна“ тогаш коси кубеше и ни на крај памет не помислуваше да даде изим за некакви си избори без опозиција. Па тоа да ти било целосно недемократски, изборите немале да имаат никаква веродостојност, па каде се видело во западниот свет да се признаат такви избори. Се изнаслушавме илјадници глупости, илјада абери од Стејт департментот и какви ли не комисии ни објавија, сто емисари ни испратија, настрана тие Соросовите како Бибер и други неранимајковци, кои само ја забиберуваа Заевата чорба благословена од чадорот. Затоа што без опозиција не бивало, а ова да не ти била 1994 година. И СДСМ да не ти биле ВМРО-ДПМНЕ. Разликата е во името, нели. Буквално. Едните се за Република Македонија, а на другите тоа и не им е многу важно, нели…
Сега, пак, само една година од неверојатните притисоци што доведоа до исполнување (иако нецелосно, Груевски пак победи, а „сиромавиот“ Заев загуби) на нивните предвидени задачи и планови, „меѓународната“ го смени мислењето. Замисли само, избори да бивале и без опозиција. „Види, види…“
Во Македонија, затоа што се работеше за миленичето Заев, пораката на Стејт департмент беше – изборите не можат да бидат веродостојни без учество на опозицијата.
Арно ама, само една година подоцна, во соседна Албанија, истиот тој Стејт департмент, преку омилениот лик Хојт Ји порачува – „Храбри лидери се тие што остануваат на арената, а не тие што стојат настрана, како набљудувачи или критичари!“ Неверојатна трансформација на американскиот помошник на помошникот на набрканата Нуланд. Па тогаш, мили мои Американци, што е со нашиве четворица јавачи на платформата, или беше апокалипса? Каде е нивната храброст и чуму тогаш не го осудивте нивниот кукавичлак? Зошто овие наши желни властољупци не ги оставивте да бидат „набљудувачи или критичари?“ Или, како што сега Ји му порача на албанскиот опозиционер Љуљзим Баша: „Доколку некои партии се исклучат или бидат исклучени од изборите, тоа е на штета не само за земјата и на нејзините институции, туку и на нејзиниот имиџ во странство, пред сѐ во Европа“.
Шокантна, неверојатна трансформација, ала доктор Џекил и мистер Хојт Ји. Ама имаат добро оправдување. Подобро здравје. Во случајот на демократот Баша се работи за послушниот Рама, кој постојано им удоволува. Макар ја направил државата и плантажа за марихуана. Во случајот на Груевски се работеше за Заев? Макар ја патентирал менувачницата на Вице на цела територија. Ајде погодете, макар од трипати, чуму дури двапати не го искараа бојкотирачот во најава Заев? Не е тешко, нели. Со молба, тие што сѐ уште мислат дека странците ни „помагаат“ за наше добро, а не за остварување на сопствени интереси, да престанат да „мислат“. Затоа што и така не го прават тоа…
Во превод на сето претходно кажано, очекуваното сценарио би било: Заев на крајот на септември излегува на прес-конференција, се закашлува, вцрвува и изјавува дека поради лошите лунарни зрачења, изборите се одложуваат за декември. ВМРО-ДПМНЕ се противи, доаѓа Хојт Ји и дава силна поддршка, наводно, со запис на НАСА дека Заев е во право (исто како што се качија на неа). Следува поддршката на Хан, истиот тој што сега изјави дека во Албанија ќе има избори и без опозиција. Реално сценарио. Прашањето е само едно. Заевата прес-конференцијата ќе биде на „Павел Шатев“ или на „Илинденска“?
Согласност за локални избори за омекнување на противникот
Втора теорија е дека ненадејната храброст на СДСМ за одење на избори на 15 октомври е со цел да ја „замачкаат“ ВМРО-ДПМНЕ и да го омекнат нејзиниот тврд став за претстојната тиранска коалиција што ќе завладее со државата. Со или без мандат на Иванов, се разбира. Ова би била одлична локална анестезија за парламентарна амнезија. Филмот, макар и евтин, би бил: СДС без М се согласува на локални, истиот ден ВМРО-ДПМНЕ добива анкета на ИРИ и убедена во победа се отпушта и попушта, уверена дека ќе издејствува и парламентарни избори на кои ќе ги реши тиранистите. Резултатот би бил Заева влада, краткотрајна, според процените на опонентите. Арно ама, како што победија на избори, како што формираа и коалиција на „победниците“ и како што прогласија спикер, така и сега – којзнае што се врти во главата на жедните и желни за власт. Којзнае која е „математиката“ и сценариото на очигледно недоветните и налудничави сценаристи. Сето тоа што претходеше и изгледаше како бурлеска, па била и шарена, па прислушувани разговори, двојазичност, „прекрасни“ села-кантони во Швајцарија, тирански платформи и што ли не, сето ова на почетокот изгледаше како патетично писание на неталентирани сценаристи. Сега, кога се на чекор до влада, многумина и не се смеат толку слатко. Таквата Заева влада на „стаклени нозе“ може да биде силно „зацврстена“ со странска арматура, а со тоа и да ѝ се продолжи краткиот рок на траење. Искуството, за жал, ја потврдува прикаската.
СДС на избори со „чадорџиска“ подготовка на теренот?!
Третата можност е, исто така, многу веројатна. Замислете, СДС без М, иако неволно од оваа перспектива и рејтинг, сепак да ти оди на избори на 15 октомври. Да, во 2017 година. Повторно и тука чадорот да ти вмешал прсти и да му ветил дека до тогаш целосно ќе му го подготви теренот. И очисти. Првото ќе го стори преку „неверојатен“ старт на тиранската влада во Скопје. Не мора и да нѐ примат во НАТО, туку само да најават некаква блиска можност за такво нешто. Со ЕУ, пак, каква и да е форма за старт на преговори, кои и така ги заслужуваме цели осум години, колку што и препораки речиси имаме. Само декларативни ветувања, кои никогаш и не мора да се исполнат, за квинслиншката влада на Заев, Села, Касами и на Ахмети би биле фантастичен, неверојатен ветер во едра за какви и да е избори, макар биле и локални. А ЕУ и НАТО треба само да ветат, ништо повеќе. Дел ода народот ќе „падне“ во несвест. По небулозната поддршка на Талат и на Заев, ова е нешто сосема „нормално“. Настрана, иако знаат дека Катица веќе нема ни „ќор-фишеци“ во арсеналот, „чадорџиите“ ќе се обидат да им го исчистат теренот на своите миленици со монтирани работи и индиции што ќе ги претставуваат како докази. Уште една испробана финта…
Надеж во чесноста на крадецот
И покрај досегашното лошо искуство со нечесните играчи, ВМРО-ДПМНЕ, очигледно, сѐ уште се надева во некаков си ферплеј на тиранистите. Класичен, пристоен предлог до непристојни политиканти. Како поинаку да го објасните фактот што побараа со локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни? Да, секој нормален човек во државата е свесен дека тие и ќе бидат единствен излез од агонијата и од наметнатата криза, но истите тие луѓе знаат и дека СДС без М никогаш нема да се согласи на таков чекор. Најдобар доказ дека вакви избори се потребни е токму нивниот безобразен и незаконски избор на собраниски спикер. Ако по утрото се познава денот, може само да замислите каков ден со тиранските коалиционери нѐ очекува. Многу долг ден, во кој можеме да загубиме многу работи. Треба ли да веруваме дека свесни дека на последните избори, буквално, добиле на лотарија, настрана доаѓањето најблиску до власт во минатите 11 години, сега СДС без М ќе ризикува сѐ и во името на ферплејот и иднината на овој народ и држава ќе прифати предвремени парламентарни избори? Научна фантастика, фикција. Народот вели „кога врбата ќе роди грозје“, а новото е „кога Заев ќе излезе на предвремени парламентарни избори“. Од гледна точка на веројатноста, во обложувалниците води врбата…
Додовска: Парламентарни избори со локалните е единствено решение за излез од ќор-сокакот
Во ситуација кога е комплетно девастиран вкупниот правен систем и во момент кога сериозно се загрозени сите витални функции на правната држава во Република Македонија, вели доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, тоа што претставува единствено решение за излез од овој ќор-сокак е врзување на предвремените парламентарни избори со локалните избори оваа есен.
Додовска: На целата јавност ѝ е сосема јасно дека оваа состојба не е наивна и, во исто време, одзеде огромна енергија од стратегиските интереси на нашата држава, но, исто така, е јасно дека политичките елити се соочуваат со една сериозна криза од која сите можевме да увидиме кој е кој и што е што во реалноста. Јасно е дека барањето од страна на ВМРО-ДПМНЕ за нови предвремени парламентарни избори претставува одраз на членовите и на поддржувачите на десната опција во земјата и претставува нужност доколку се пристапува сериозно кон словото на законите во Република Македонија. Сѐ друго останува во рамките на шпекулациите и подлежи на сериозна опсервација како пример за тоа колку може лесно да се девастира вкупниот општествен и правен поредок во смисла на негово уривање и поништување. Од сето тоа последниот збор го имаат токму граѓаните на Република Македонија, што, впрочем, веќе и беше доставено преку граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, каде што како основен и единствен услов на гласот на граѓаните беше токму поставено барањето за одржување нови кредибилни, навистина кредибилни предвремени парламентарни избори. Овој сериозен апел до сите суштински фактори во земјава и во странство го дава одговорот со кој на наједноставен начин би го добиле решението за политичката криза.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 246. број на неделникот „Република“, 19.5.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.